НАМЕСТО ПРЕДГОВОР Настанот што е влезен во фабулата на оваа книга не е измислен; тоа е позната епизода од историјата, од македонската револуционерна, востаничка 1903 година. Протагонистите на таа епизода се група свршени ученици од солунската гимназија, Македонци, организирани во терористички кружок со намера преку атентати да го свртат вниманието на европските сили на несносната положба на македонскиот народ под ропство и да ги предизникаат на насилна интервенција. Акцијата за која станува збор е извршена. Разрушена е зградата на Отоманската банка во Солун во која е инвестиран странски капитал, запален е во солунското пристаниште и уништен францускиот патнички брод „Гвадалкивир“, извршени се и други атентати. Во атентатите се загинати сите непосредни извршители, освен атентаторот на бродот „Гвадалкивир“. Нивната погибија има корени во филозофската и политичката концепција на атентаторите. Меѓу другото, тие свесно зеле на себе обврска за доброволна смрт, сметајќи дека и на тој начин ќе го покажат својот револт против угнетувањето. Тоа се фактите, генералните историски податоци. Колку се методите на револуционерното дејствување на оваа група исправни и ефикасни, колку е тоа, на пример, поврзано со интенциите на македонското револуционерно движење и колку во нивната филозофија има навеви отстрана – овде не се влегува; се тргнува само од реалната претпоставка дека сето тоа било и постоело. Овде не се врши ни оцена, ни глорификација на настанот. На лице е еден подвиг со благородна патриотска побуда, достоен да стане литература и легенда. Зад подвигот на историските личности секогаш стои нивниот лик на живи луѓе. Ако историската хроника трага по подвигот и него го оценува и класифицира, литературата секогаш е во потрага по човекот. И во случајот со солунските атентати е така. Тука за нас е најинтересна психолошката позиција на младите луѓе, во книгава именувани со вистинските свои имиња, позиција на политички самоубијци, ако може така да се каже. За тоа историјата многу малку ќе ни каже. Трагајќи по врвиците на она што под претпоставка може да се нарече внатрешно доживување на патот од чинот на нашиве јунаци, можеби нема докрај да го догледаме сето она, темно и неизвесно, што го чувствувале, затоа што го гледаме од поголема временска дистанца; заради тоа се задоволуваме со извесни фиксации на психолошки состојби што нема да се исцрпуваат со претенциозни понирања во сосема непознатите, за нас, бездни и длабочини на туѓа психика. Спрема тоа, ова што се предлага е само едно гледање, една визија за луѓето, учесници во вистинска случка. Ако на тој пат се направени некои отстапувања од автентичноста на случката во подробности – а такви се направени свесно – тоа е во склад со авторовото гледање; со тоа, се разбира, не се извршило ништо што е непознато во овој вид литература. Со тоа вистинскиот подвиг на солунските атентатори ни малку не се ни намалува, ни преувеличува; тој придобива само систематизиран, заокружен и литературно осмислен вид. Можеби на крај ќе се постави прашањето: што станало после? Како што ни самите учесници не мислеле на тоа после, ни авторот свесно не сака да дава одговори за последиците; последиците од чинот овде не се предмет на разгледување, важен е самиот чин, колку и да ни се чини бесмислен, зашто во него е вклучена една патриотска усвитеност од највисок напон. А тоа е – веќе рековме, без секакви мистификации – доста за да стане предмет на литературата. АВТОРОТ I Уште кога наближи кон железничката станица виде дека таму се случува нешто необично. На плоштадот пред станицата немаше луѓе, само пред влезот, од обете страни, стоеше по еден турски стражар со исукан нож на пушката. Стража имаше и покрај пругата, по сета нејзина должина, што можеше да се види зад оградата. Константин Кирков за миг застана во нерешително премислување. Потоа тргна кон влезот со тврд чекор по плочникот. Беше вид човек што нема причина за запирање, како другите луѓе, насобрани околу плоштадот на станицата, по тротоарите. Стражарите го догледаа пред да им се приближи и му ги истопорија пушките. Тој продолжи како тоа да не се однесува за него. – Еј, каде! – викна еден стражар и исчекори пред него со пушката в раце. Ножот скоро му се допре до градите. – Возот… – покажа Кирков кон станицата. – Го чекам возот … Со раката сакаше да го отстрани ножот од себе, но стражарот го притисна со страничното сечило и Кирков против својата волја отстапи. Се задржуваше со мака да не пламне од тој непријатен допир на ножот. Сети дека челото му се собира во лутина. –Не може! – го туркаше стражарот одејќи по него. – Назад! Назад! Кирков наеднаш се спротивстави. –Зошто не може? –Не може … – повтори стражарот и пак го затурка со сила кон рабовите на плоштадот. – Имаме заповед да не пуштаме никого. Чекај онаму! Кирков престана да дава отпор. Полека, ослободен од притисокот на стражарот, што се враќаше на своето место, мирно се приближи до тротоарот и се замеша меѓу луѓето што се збираа околу станичниот плоштад. Застана меѓу нив, прибирајќи се; во себе веќе не чувствуваше ни лутина ни неспокојство. Од улицата што идеше од градот наиде група стражари на коњи. На плоштадот се раздвои во широк фронт. Коњите, свртени спрема тротоарите со луѓе кои во кордон ги заобиколуваа пристапите кон станицата, почнаа немирно да поигруваат и да се исправаат на предните нозе пред самите лица на луѓето. Редовите се занишаа, Кирков сети дека го потиснуваат назад. Му стана тесно така заграден, со лактовите си направи пат, се одвои од масата што брановито се повлекуваше дури до ѕидовите на куќите. Поправајќи си ја наметката, малку изгужвана од турканицата, премина на тротоарот од улицата што водеше в град. Тука имаше помалку свет и можеше мирно да стои и да разгледува. Стоеше на работ од тротоарот и веќе го обземаше нов немир. Со поглед заталкан наоколу, преку главите на луѓето, бараше некого. Уште го нема, помисли неспокојно вртејќи се на сите страни. Но веднаш потоа од лицето му исчезна онаа набрекната исправена брчка меѓу очите што му се појавуваше во моментите на загриженост. Потпрен на еден железен столб со фенер, само на неколку чекори од него, стоеше еден друг младич со рацете во џебовите од наметката. Имаше изглед на човек кого речиси и не го интересира сето ова што ги собрало луѓево. Кога и тој го виде Киркова, му се насмевна и со главата му даде знак. Кирков му пријде. – Што станува, знаеш ли? – скоро со немо движење на усните праша и лицето одново му се набра загрижено. – Не знам… – одговори тихо Павел Шатев. – Чекај, ќе видиме … И самиот направи сериозно лице. Не гледаше во Киркова, туку некаде зад него, кон улицата. Носалките му се ширеа, како да душкаат нешто по воздухот. –Да не е Мечев … Павел Шатев нагло го прекина. –Фатен? Не е тоа… Овие сигурно не му идат нему на пречек! Тој покажа со глава кон улицата. И Кирков веднаш го виде она што другиот наеднаш заинтересирано го гледаше. По улицата поминуваа затворени пајтони. Низ прозорците тој виде познати лица; набрани во некој свечен мир, во пајтоните се возеа странските конзули право кон станицата. Покрај пајтоните јаваа на коњи турски стражари со исукани сабји штитејќи го нивното поминување. Со затаен дах Кирков ги проследи и потоа му се сврте на другиот со прашање во очите. Павел Шатев ги сви рамениците без збор. Гледаше и тој со недоумица кон станицата; таму конзулите и други великодостојници веќе слегуваа од пајтоните и влегуваа во станичната зграда. Младичите уште еднаш се погледаа меѓу себе. Ништо не разбирам, мислеше едниот. Ни јас, мислеше и другиот. Мораме да чекаме. – Слушај! – проговори Кирков тихо. – Појди ти од другана страна! Мечева мораме да го пречекаме, што и да се случи. И биди готов! Павел Шатев го виде движењето што го стори другиот: раката што му беше во џебот од наметката грчевито се стегна. Му даде со очите знак дека разбрал и без брзање тргна по тротоарот, барајќи место за премин на спротивната страна од улицата. Застанат на самиот раб од тротоарот, чувствувајќи го зад својот грб дишењето на луѓето од задните редици, со рацете во џебовите од наметката, Кирков напрегнато гледаше во правец на станицата. Возот уште од далеку, со писок, го огласи своето пристигање. Над локомотивата се виеше мека кадела матен дим. Возот влезе во станицата, но од таму долго време никој не излегуваше. Ни патници, ни оние што дојдоа на пречек. Спроти себе го виде Шатева како се пробива низ кордонот. Со насмевка на лицето, не слушајќи ги протестите на луѓето, Павел Шатев си правеше пат; одеднаш изрони од масата и се најде на самиот раб од тротоарот. Од таму му се насмевна на Киркова, па и тој се загледа кон станицата. Откај перонот се разнесоа звуци на воена музика, се изви позната траурна мелодија. Очигледно сето ова беше оддавање на последна почест на некој умрен големец, помисли Кирков и од таа мисла му попушти напнатоста во сите мускули од телото. На плоштадот пред станицата веќе се формираше закопна поворка. Најнапред излезе музиката која беше престанала да свири. Потоа луѓе во црно изнесуваа мртовечки ковчег. Поворката полека тргна, запеаја попови, музиката одново засвире. Неочекувано и за себе, Кирков сети дека по целото тело му лазат студени трпки, кожата наеднаш му се наморничави. Се запули со вкочанети очи во закопната поворка што поминуваше преку плоштадот. Не можеше ништо да види одредено; ни лимените инструменти на музикантите што одблескуваа во допир со последните сончеви зраци, ни позлатените одежди на поповите, сите слики се собраа во една, неочекувано наметлива во свеста што почна одново грозничаво да резонира. По некој свој нагон, и рацете грчевито се собраа околу железните крушки на бомбите во џебовите. Непосредно пред него, скоро на досег од раката, зад ковчегот со телото на умрениот, поставено на отворен пајтон, поминуваа са бавен чекор странските конзули, наместено достоинствени, речиси извишени над сите други што одеа по нив. Пред да му го засолнат од видот, Кирков уште еднаш го виде Шатева на спротивниот тротоар. Му се стори дека и него сега го мачи иста мисла. Од тоа стана уште понемирен. Ги стегаше бомбите, дланките му се влажеа од пот. Само една од нив, мислеше, не, тоа прстите сами, рацете резонираа од топлиот допир со железото, само една и – се ќе добие свое осмислување, свој логичен и природен крај. Само една, Павле. Го бараше со поглед Шатева издигајќи се на прсти. Преку главите на луѓето што поминуваа, го виде за миг. Сфаќаш ли, само една. Екна во него крик. И крај. Почекај. Рече погледот на другиот. Двајцата по една. Заедно. И пак се изгуби. Кирков почувствува, со едно будно делче од свеста, дека црната маса пред него веќе изминува. Го фати наеднаш ненадеен, неподнослив страв. Морам тоа да го сторам, се свиваше очајнички во себе. Морам. Се силеше. Ги стискаше бомбите, до болка ги впиваше прстите во порозното железо. Треба само раката да се крене, помисли, нужен е само еден краток миг, едно замавнување со раката. Во вртоглавиот лет на мислата, веќе си го претстави тој миг: раката сама го прави спасоносниот потег, мирно се извлекува од џебот, во неа шишти запалена бомба, тој исчекува да истече од неа шиштењето и дури тогаш замавнува. Бомбата се извишува, и така од високо, во широк лак, паѓа. Не експлодира, без звук само ги разнесува конзулите, и на местото зинува црна, празна јама. Со насмев на лицето им се приближува на штиковите што наеднаш се спружуваат пред него, ги прима со истурени гради. И сè е тихо и замрено, само музика се слуша, музика со чудно јасен звук што се оддалечува и го вознесува него, веќе мртов, без крв во pробиените гради, лесен и ослободен од тежината на телото… … од тежината на телото, што го притиска на местото, што му ги вкочанила прстите во железото на бомбите, влажно од пот што веќе истинува. Кирков зачудено погледнува околу себе. Закопната поворка веќе одминала, само звуците на музиката уште јасно се слушаат. Тоа е се што може да сфати. Разочарано ги отпушта рацете, но зазорно му е да ги извади од џебовите и тие остануваат таму предавнички отпуштени, истинати, мртви. – Ах, каков случај! – чу наеднаш глас покрај себе. Тоа сосема го расвести. Павел Шатев стоеше покрај него и замислено ја гледаше закопната поворка што одминуваше низ улицата, кон пристаништето. – Каков редок случај! – повтори Павел Шатев и му се приближи. -– Знаеш ли … – рече тихо, внесувајќи му се в лице. – Кога поминуваа покрај мене, ми дојде желба да фрлам бомба … Кирков исплашено се тргна; се подбива ли тој со него? – Целата конзулска менажерија од градов на куп. Ете, тоа беше нешто за нас … – воздивна Павел Шатев и прати уште еден замислен поглед кон поворката што веќе се губеше во дното на улицата. – Друга работа не чека сега … – рече Кирков суво, наместо се друго што му минуваше низ главата. Се присили да го запрета длабоко во себе незадоволството, чувствувајќи се наеднаш некако испразнет. Зборовите му застанаа во исушеното грло. Дури сега од станичната зграда почнаа да излегуваат патниците. Стража веќе не стоеше на влезот и од таму затече бучна нездржана маса луѓе. Вревата ги поврати на себе, и двајцата младичи бргу заминаа кон станицата. Меѓу купот од патници, се провираше без брзање еден малечок но стамено стегнат човек со широко, обгорено лице. Каскетата му паѓаше над очите со козирката и тоа го правеше уште помалечок и постегнат. Се одвои од луѓето што се туркаа околу него и застана отстрана, спуштајќи го куферот покрај нозете. Веднаш ги виде младичите како му се приближуваат. –Да земеме пајтон? – рече Павел Шатев поздравувајќи се. – Не треба … – одговори патникот со насмевка. – Како тоа? А багажот? Павел Шатев со очи покажа на куферот што лежеше на земја. –Празен е… – се насмевна одново патникот. Потоа го зеде куферот и му го подаде. Павел Шатев сети леснина во раката и со недоумица во очите чекаше одговор. – Не можеше да збере сто оки динамит! – им рече патникот со шепот. -– Да одиме. Дома ќе ви кажам.. . Сите тројца тргнаа по улицата, смешувајќи се меѓу развревените луѓе. II Влегоа во малечка берберница што се наоѓаше на една од главните градски улици. Беше тоа неугледна, тесна просторија, натрупана со мебел, само со два стола со огледала за клиенти, ѕидовите беа искитени со фотографии. Еден дел беше преграден со параван, што просторот го сечеше надве и го чинеше уште потесен. Во моментот кога влегуваа, на еден од столот се добричуваше турски подофицер. Младичот што го бричеше ги виде во огледалото и, поздравувајќи ги, една задоволна сенка му прелета преку лицето. Тие седнаа на столовите спроти огледалата и трпеливо зачекаа, разменувајќи меѓу себе по некој збор. Зад параванот излезе друг младич со топла вода во рацете од која се креваше пара; забележувајќи ги, тој бргу ја остави водата на масичето пред огледалото, каде што се бричеше подофицерот, потоа им се сврте на дојдените: – Повелете! Кој е на ред, молам? – Благодарам! – одговори Кирков. – Ќе го почекаме мајсторот. Павел Шатев држеше во раката весник и го разгледуваше со привидна заинтересираност. Мајсторот веќе го миеше лицето на подофицерот. –Наздравје! – му рече, потргнувајќи се еден чекор, како од тоа растојание да го преценува своето дело. Подофицерот не стана веднаш, се наведна кон огледалото и се огледа, поминувајќи со рака по избриченото лице, па одново се облегна на столот. –Мустаќиве малку поткастри ми ги! Во огледалото, мајсторот ги погледна дојдените. Тие видоа како во очите му светна едно пламенче, весело, одмаздничко. Ги приближи ножиците, со краток и брз потег го штракна едниот мустак на подофицерот, а овој потскокна на столот и се фати за пресеченото место. – Еј, што стори ти? – викна подофицерот, гледајќи се намуртено во огледалото. – Сосема ми ги исече… – Ако, ефенди… – се насмеа мајсторот. – Ќе бидеш десет години помлад! Притоа намигна во огледалото кон силуетите на младичите што седеа од спротива и продолжи да си игра со ножиците. Подофицерот се вртеше нестрпливо на столот. Едно време стана, свикувајќи и туркајќи го мајсторот од себе. –Еј, доста! Доста! Потоа, лут и незадоволен, се повртка по берберницата, загледувајќи се сомничаво во лицата на сите што беа во малечката просторија. Му се чинеше дека потајно, зад неговиот грб, му се смеат. Се виде уште еднаш во огледалото, сопственото лице му се причини смешно, се сврте нагло и, како да открил нешто, се загледа зад параванот. Мајсторот, забележувајќи го неговото движење натаму, бргу го смени изразот на лицето; тоа стана тврдо, без насмев. Наеднаш излезе пред него и му го загради патот. – Треба ли уште нешто, ефенди? – Што имате таму? – запраша подофицерот, покажувајќи со прст зад параванот. – Таму ли? Таму вадиме заби. И пуштаме крв, со пијавици. Ќе повелиш? – Благодарам … Подофицерот го згрчи лицето во гадлива гримаса, па сè така недоверчиво загледан зад параванот, тргна кон излезот. Попат фрли на масичето пари и излезе. – Повели и друг пат! – викна по него мајсторот и гласно се засмеа. Но подофицерот беше веќе надвор, не го чу. Заедно со него, сите почнаа да се смеат. – Си го изучил занаетот, Илија! – весело рече човекот што допатува, станувајќи му во пресрет. – Добредошол, Мечев! – го поздрави тој и го прегрна. Не престанувајќи да се смее, со широк гест со рацете му покажа место на столот пред огледалото. – Сакаш ли и ти да се обидеш? Мечев си го пофати небриченото лице. –Не би било лошо … – рече, но веднаш се премисли. Со прстите си ги гибна мустаќите и шеговито, одречно заниша со главата. – Не сега. После ќе ме избричиш. Ако ми ветиш дека нема да ме подмладуваш… Илија погледна кон вратата, каде што пред тоа излезе подофицерот. –Не сакам тие муцки тука да ми се врткаат! Лицето му се собра во омраза. – Можеме ли долу? – праша Кирков, веќе станат и тој. – Може. Зад параванот подот беше покриен со мушама. Илија ја одгрна, потоа крена еден капак и пред нив се покажа потонски отвор. Оздола удри плеснив, застојан воздух. Еден по еден слегуваа по скалите. –Ти и Пинго останете горе! – рече Кирков, губејќи се во темниот отвор. Илија го затвори над него капакот, го покри и отиде во берберницата. Во потонот, темен и влажен, мирисаше на пресно ископана земја. Кирков го осветли со кибрит, потоа од една преграда извади свеќа. Бледа, лелеава виделина ги осветли ѕидовите и таванот, сенки се занишаа по тескобниот простор. Држејќи ја свеќата во едната рака, преку алиштата навлече наметка од мушама. Друга мушама облекуваше Мечев. Со свеќата в раце, покривајќи ја со дланка да не се изгасне, влезе во еден ископан отвор во ѕидот, Мечев го следеше на мало отстојание. Се провираа низ ископаниот канал наведнати, дишејќи тешко. Ископот беше свеж и водеше под берберницата, во правец на улицата. Од сводот, прикрепен со греди, се ронеше земја, а капки вода звучно удираа врз мушамите. Свеќата гореше слабо во застојаниот, густ воздух, трепкаше, само што не се угасна. –Павле, воздух! – викна Кирков зад себе. На влезот во каналот, отстрана, стоеше ковачко дувало. Тоа беше примитивна направа за воздух; една цевка влегуваше длабоко во ископаниот канал. Павел Шатев го раздвижи дувалото, свежа струја потече низ цевката во каналот. Луѓето сега можеа да дишат и свеќата гореше. На светлината веќе се гледаше крајот од ископот. – При крај сме … – рече Кирков. – Уште три дена работа и ќе дојдеме под темелите на банката. Над главите слушаа пригушен, далечен тупот од улицата надвор. Се распознаваа тркала од кола, од нив сводот се затресуваше, но се одронуваше само некоја ронка земја. – Ноќе не можеме да работиме… – продолжи Кирков. – Се слуша на улицата. Последниот пат ги чувме чекорите на ноќниот чувар. Се плашиме да не не чуе и тој. Мечев молчејќи го разгледуваше ископот. – Што мислиш? Тој како да не го чу, нешто премислуваше. – Како ти се гледа? – повтори Кирков. – Којзнае дали ќе ни биде доста… – Што? – Динамитот. – Па ти нели спомна некакви сто оки на станицата. Со она што веќе го имаме … – Не знам. Ќе треба уште да помислиме. Кога ќе го прибереме динамитот што го купив .. . – Сигурен ли е? – Кој? – Човекот од кого си го купил. – Да, но … Ќе треба малку да се потрудиме при преземањето. Ќе ни го донесат со рибарски кораб, на отворено море… Кога одново се качија во берберницата, веќе се стемнуваше. На улицата и по куќите се палеа ламби. Од уличните светилки, од еден фенер што стоеше пред самата берберница, проникнуваше синкава петролејска виделина и им ги осветлуваше лицата. Мечев се намести пред огледалото. –А сега, мајсторе, навистина избричи ме. Пингов запали ламба. Кирков и Павел Шатев стоеја покрај витрината спрема улицата и гледаа како таму, со самрачното смирување, замира и преѓешната живост. Ретки минувачи брзаа, а уште поретко поминуваше по некој пајтон. Само зградата од спротивната страна на улицата, банката, допрва оживуваше со сите осветлени прозорци, со канделабрите што ја осветлуваа фасадата и влезот. Го гледаа сето тоа и мислеа за исто. Пред очите им се сменуваше денот со ноќ, луѓето се затвораа по куќите, улицата пустееше. Обична, катадневна слика. Павел Шатев го кажа тоа гласно. – Ги гледам луѓево … – рече тој скоро рамнодушно. – Свршен е еден ден, се радуваат можеби заради починката што ги очекува дома. А изутрина кругот се отвора одново. И никој не помислува дека еднаш ќе се случи нешто кое ќе го скрши тој затворен круг од денови и вечери. Ако мојата омраза не беше толку длабока, можеби ќе ги пожалев … – Би сакал на тоа да мислам без омраза! – рече Кирков. – Има нешто друго, што сега ми е потребно. – Што тоа? – Готовност за акција. Решеност за чинот. – Тоа е лесно. Ќе ги запалиме фитилите долу и зградана од спротива што ја избравме за нашата одмазда ќе се урне како никогаш да не била. И сè потамина, никој да не те види. Тоа е сè. – Да, така е . .. – неуверено потврди Кирков. Мислеше на оние мачни мигови на станицата, на своето кршење меѓу потребата од акција и готовност за неа, кога раката сама, без отпор на свеста му остана непослушна. –Знаеш ли … – рече тој и го погледа право во лицето. – Пред малку, на станицата, едвај се здржав да не фрлам бомба. Павел Шатев се поднасмевна со крајче од усните – И ти ли? – Да. И јас. Зошто ми се смееш? – Си се смеам на себеси. Тоа беше мошне лесно да се стори. Еден замав со раката и … – И? – И пак закопи, попови, музика. Како што тоа го видовме. А на местото од мртвите конзули ќе дојдат други. Не разбра кого погребуваа денес? – Не … – рече Кирков и љубопитно се сврте. –Еден руски конзул. Го убиле во Србија. Кирков разочарано се одвои од излогот. – Акција велиш … – рече Павел Шатев одејќи по него. –Да, акција, но од поголем стил. Ни со банкава не е она што нам ни е потребно. – Ти пак имаш нешто ново, Павле? – се јави Илија кој го добричуваше Мечев. – Имам! – рече Павел Шатев нагласено и одново му се сврте на Кирков. – Ќе дојдеш ли со мене? – Каде? – До пристаништето. Да се рашетаме. Кирков го гледаше со недоумица. Лицето на Павел Шатев криеше загатка. – Барам еден брод. Брод под странско знаме што ќе прими патник кој од багаж ќе има само куферче – со динамит! – Тоа е интересно … – рече Мечев приближувајќи им се. – Ќе му предложиме на Орцета кога ќе дојде. А сега секој на своја страна. Јас каде ќе спијам? – Се разбира, кај мене! – рече Илија и без причина се насмеа. Кирков и Павел Шатев тргнаа кон излезот. – Ќе дојдам со вас! – викна по нив Пингов. –Почекајте да затворам. – Оди, ќе затворам сам … – рече Илија и почна да суредува околу огледалата. III Во чуновите, лесно лелеани на предвечерното мирно море, изгледаа како обични излетници. Од брегот се чинеше дека и не се движат, беа само две црни точки среде море. А сепак се движеа. Еден покрај друг, напоредно, на мало растојание, така што веслачите можеа и со шепот да зборуваат меѓу себе, двата чуна заминуваа во одреден правец, оддалечувајќи се од брегот кон отворено море. Веслата скоро без шум паѓаа во водата и само зачас, краткотрајно, ја разбуричкуваа. – Рано е уште… – рече тихо Мечев, а гласот сепак екна силно. – Свртувај! Десно … – На каде? праша Кирков од другиот чун. – Кон островоно. Наблизу, како да извира од морето, се црнееше купата на малечко острвце. Рибарите, понекогаш, таму ги врзуваа чуновите, на краток пладневен починок. И самите многупати излегуваа на таа малечка земјена купа за време на прошетките по морето, легнуваа на изгорената трева, меѓу кривите и исушени маслинови стебла, под чистото сино небо над себе, додека во далечината градот се одразуваше во водата небаре е лелеава, нереална слика на работ од морето. Кирков го сврте чунот. И другиот чун, покрај него, веќе се лизгаше натаму. Во благ лак го заобиколија острвцето и ги притераа чуновите до копното. Од тука не се гледаше ни градот, ни морскиот брег со пристаништето. Погледот ја зафаќаше само морската ширина со хоризонтот, порабен на крајовите со сонцето на зајдување. Тие седеа на брегот во исчекување, скржави во разговор, возбудени пред акцијата. –Бидете претпазливи! – рече Мечев. Во тишината гласот придобиваше наголемен звук. – На коработ ќе му се приближиме отстрана. Штом го примиме динамитот, веслајте бргу кон рибарската населба. Хоризонтот бргу потемнуваше. Светлината од зајдисонцето се стопи во лилавост, потоа нагло потемне. И пред да се слеат водата и мракот, здогледаа далеку една малечка, црна точка. – Тој ли е? – праша некој спотаено. – Не знам уште… – рече Мечев. – Ќе ни даде знак. Чекајте. Точката нараснуваше, добиваше облик на кораб во движење. Но наеднаш сè се завитка во темница. Вечерта поваса, уште без ѕвезди и месечина. Залудно го напрегнуваа видот, коработ не се гледаше. Изрони наеднаш, близу, сив грдомазен труп од изделкано дрво. Стоеше среде морето. На него никаков знак дека има живи луѓе. Ни сенка, ни движење, ни звук. Чекаа долго, или така им се чинеше. Можеби само чекањето мигот го претвораше во неусетно течење на времето. – Ене! – извика одеднаш Пингов премногу гласно. – Да. Тој е! – рече Мечев земајќи фенер од чунот. Го запали засолнувајќи го со телото, светлината ја сврте кон коработ. И таму, на коработ, се запали светилка, се движеше по палубата некој со неа, но човек не се гледаше. Некаде насреде светлината застана. Потоа направи еден широк круг. Мечев одговори со истиот знак. Од таму уште еднаш одговорија, па светлината се изгасна. –Влегувајте! – рече Мечев. Бргу се искачија во чуновите. Мечев дувна во фенерот и го фати веслото. Веслаа бргу замавнувајќи широко, кон коработ што мируваше усидрен пред нив. Под неговиот црн недвижен труп застанаа. На палубата се наведна сенка. – Само брзо! – рече еден човек од палубата. – Дај! – викна Мечев. Човекот од палубата мавна некому во мракот. Се појавија уште двајца покрај него и сите заедно спуштаа едно сандаче, прикрепено со јажиња. Во едниот чун, приближен сосема до трупот на коработ, Мечев и другите го примија и полека го сместија на дното. Во другиот чун, малку оддалечен, напрегнато го следеа тоа. Павел Шатев стоеше, заслушан во лесните шумови по водата. Наеднаш се сврте, нагло и исплашено, зад себе. Му се чу како да весла некој. Лицето веднаш му се снемири. Навистина, од морето идеше чун. Право кон нив. – Мечев! Гледај! – викна со шепот. Чунот се приближуваше. Некој во него се исправи кревајќи во раката запален фенер, со намера да го осветли она што се случуваше околу коработ, но светлината правеше само малечок круг пред себе. Сите јасно го видоа човекот што го држеше фенерот. – Патрола! – извика Кирков. – Патрола! – повтори Павел Шатев. – Веслајте брзо! – рече Мечев отстапувајќи му го местото на Кирков. Потоа извади голем револвер и се сврте кон чунот со патролата. Кирков завесла. На палубата наеднаш ги снема луѓето. Коработ остана во мракот испустен. Патролниот чун ги следеше. Еден од полицајците што го држеше фенерот извика неколку пати: –Стој! Стој! Тие веслаа со несмалена брзина. Тогаш, кога им се стори дека отстојанието се наголемува, екна истрел, свирна над нивните глави а ехото му се изгуби далеку во водата. Мечев го крена револверот и му мавна со него на Илија Трчков во другиот чун. Двајцата припукаа истовремено. Во полицискиот чун се изви сенката што го држеше фенерот, падна преку него назад. Другиот од патролата што веслаше се фрли на дното од чунот и така почна да пука. Од спротивната страна удираа истрели, но тој, засолнет, пукаше потамина. Веслајќи Кирков наеднаш виде дека на палубата од коработ, останат зад патролниот чун, некој се исправи со навртена пушка. Удри истрел и од патролниот чун престана пукањето. Се нишаше на водата разбранета од пукотниците, потоа сосема се смири. Брановите го оддалечија. Коработ креваше сидро и почна да плови во истиот правец, откаде што дојде. На видикот не остана ништо друго, освен мрак и двата чуна приближени еден до друг. – Коста! Чекај… – викна Павел Шатев видувајќи дека Кирков одново завеслува. – Што е? Другиот чун сосема се приближи. – Иване! – изрипа Пингов во него. Чунот се наведна, за малку да се преврти. – Пинго, чекај! Кирков го фати за рамениците и го седна. Илија Трчков го држеше телото на Ивана, третиот во чунот, безживотно отпуштено во неговиот преграб, со глава висната надолу. – Жив ли е? – праша Мечев наведнувајќи се. Чуновите веќе се допираа еден со друг. – Жив е! – рече Илија Трчков. – Му го слушам дишењето. Веслајте! – Каде? – По мене! – рече Мечев и ги зеде веслата од рацете на Кирков. – В град не смееме. Морскиот брег изрони бргу пред нив, пуст и мрачен. Беше тоа малечок залив, подалеку од градот, од копното непристапен со висока карпеста бездна што стрмо се спушташе кон морето. Веслаа натаму со сите сили, гонети од здивот на смртта што истечуваше од устата на ранетиот со тенката нишка крв. И уште пред да запре чунот Мечев скокна од него и со раце го притера кон брегот и другиот, во кој се наоѓаше ранетиот. – Дај ми го! – Мртов е… – рече Илија Трчков тихо. Телото на младичот висеше во неговиот преграб. Исправен во чунот, Пингов си ги загриза усните, за да не крикне. Очите му се наполнија со солзи, липот му се крена во грлото. Се затресе. Кирков застана до него. – Престани да цимолиш! – му свика грубо. Стоеше покрај него мрачен и огорчен. – Не плачам … Само ми студи … Пингов трепереше како навистина низ него да проникнува студенина. – Знам… – рече Кирков поблаго. Потоа го фати за рамениците. Под неговата рака тие се смирија. – Ајде, немаме време. – Каде? – запраша Пингов погледнувајќи го со чудење. Му се стори необично дека треба некаде да се оди, да се чекори. Чу некого: – Треба Ивана да го закопаме . .. Далеку негде, надвор од неговиот слух и вид ги гледа силуетите на другите како се движат, ги слуша нивните гласови. – И динамитот… – рече некој. И сè исчезнува, магливо и нереално. Само нозете ги чувствува; тие стојат притиснати во тлото под себе. IV Со куфер во раката Константин Кирков влезе во вратата на една сива, неугледна зграда, пансион. На звук од ѕвонецот, од една странична просторија под скалите излезе средовечна жена, жива и подвижна. – Тоа сте вие, господине Кирков! – Добарден, мадам Меворах! – Добарден! Жената стоеше и го гледаше како тргнува нагоре, по скалите. – Дома ли е Пинго, мадам? – рече Кирков подзастанувајќи на првото стапало. – Тука е. – Благодарам! Сакаше да продолжи, но го задржа нејзиниот глас. Жената сè уште стоеше под скалите и го гледаше оздола. –Што е тоа со него, ви се молам? Три дена не е излезен. Да не е болен? – Не знам. Можеби … Кирков скоро потрча по скалите. Во коридорот на горниот кат имаше два реда врати, една до друга, од обете страни. Беше неосветлен и студен. Кирков наеднаш почувствува нелагодност, сопствените чекори му се сторија премногу бучни. Пристапи тихо, скоро на прстите до една од вратите. Тропна тихо плашејќи се од самиот шум што го прави тропањето. Не му одговори никој. Тој го спотаи дишењето и се заслуша. Му се стори дека чу кратко, пресипнато издишување внатре во собата. Тогаш потропа посилно. – Кој е? – се чу од таму слаб глас. – Јас. Отвори! Вратата се отвори, Кирков влезе во собата. Жалузините на прозорците беа спуштени, беше во неа мрачно а воздухот тежок и застојан. Од улицата не достигаше никаков шум. Го виде веднаш во темницата; Пингов седеше на креветот и ги криеше очите од него. Кирков го загледа добро – лицето му беше потечено, а под очите му се црнееја модри колца. – Што седиш потемница? – рече Кирков тргнувајќи кон ламбата со поцрнето, исчадено шише. – Не! – извика Пингов исплашено. – Те молам, не пали ламба! Кирков му се приближи. Го гледаше прекорно барајќи го неговиот поглед, но Пингов изгледаше изгубено. – Еј, што е со тебе? Кирков го фати за брадата и го сврте неговото лице кон себе. – Ништо. Не ми е добро … Гласот му беше слаб и некако истанчен. Тогаш Кирков енергично дојде до прозорецот, го отвори ширум подигајќи ги жалузините. Пингов не се спротиветави. Во собата влезе светлина, свежа струја воздух и шумови од улицата. На наглото развиделување, Пингов затрепка со очите, потоа се присили да биде мирен. Околу него веќе не стоеше преѓешниот превез од мрак и тој не можеше да се сокрива. –Се е во ред… – рече Кирков со обичен глас. Сега тој се трудеше да не гледа во него давајќи му можност да се прибере. – Полицијата ништо не знае. Се мисли дека онаа вечер на морето биле контрабандисти. Потоа го отвори куферот и од него почна да вади гардероба, книги, ситници. Пингов го виде тоа и наеднаш стана и му се приближи. – Што е тоа? – праша со љубопитство. – Ивановиот багаж. Го зедов од неговиот стан. Треба да ги скриеме овие работи … – Зошто? – Никој не смее да знае дека загинал. – А домашните? – Ни тие. Лицето на Пингов одново се собра. Тој бргу се заврте кон прозорецот. – А ти? Си се исплашил? – Не. Само ми е жал за него… Што е тоа? Кирков држеше во раката часовник, еден старински часовник со синџирче. Го отвори. На капакот виде натпис. Го прочита гласно. –Lа тоrt п'еst раѕ ип таl! Пингов нагло се сврте. Догледувајќи го часовникот во неговите раце, тој заинтересирано му се приближи. –Што е тоа? – Часовникот на Ивана. Го читам натписов: Смртта не е зло … – Дај ми го мене! – рече Пингов одеднаш и тврдо. – Чуму ти е? – Така. Сакам да го имам. За спомен. Кирков без збор му го подаде. Земајќи го часовникот, тој го остави на комодата. –Прибери ги и другите работи … – рече Кирков. Потоа сам почна да ги реди во фиоките. – Облекувај се! Пингов стоеше среде собата и замислено ги следеше неговите движења. – Облекувај се, реков! Ќе излеземе … – Каде? – На станица. Орце пристига! – Денес? – праша Пингов со страв. – Да. Во три попладне. – Па сега уште не е ни пладне… – Ако. Ќе се прошетаме. Пингов се облекуваше бавно, небаре врши непријатна, непозната работа. – Не бави се! – го побрза Кирков. – Уште не можам да се приберам … – призна Пингов. – Рацеве ми треперат. Нагрнувајќи се со излитена наметка со изгубена боја што му беше останата од гимназиските денови, Пингов во неа навистина изгледаше како гимназист, онака гологлав и запетлан во неа. – Готов сум. Пред да излезат низ вратата, тој го задржа со рака. Не кажувај им на другарите за ова. Ќе помислат дека сум се исплашил… Всушност, јас првпат видов мртов човек! Тоа е сè… – Ќе свикнеш… – рече Кирков мрачно. – Во нашата работа ќе има уште мртви, малечок … Улицата ги прими со шумови и врева, со југовина што ја сушеше влагата од последниот дожд и носеше мириси од морето. Тоа подејствува освежувачки, животворно. Дуваше јужен ветер, откај морето наидуваа бранови остар мирис на солена вода, проникнуваа во носалките дразнејќи ги со пријатно боцкање. Пингов жедно им се предаде чувствувајќи дека од тоа лицето му пламнува. V Беше рано за одење на станица и тие се упатија кон пристаништето. Одеа полека, молчејќи, загледани во шаренилото на улицата. Кирков повторно го поваса една беспричинска тага; чувствуваше како се качува во него налик на топол бран и се запира во грлото, а на очите му се навлекува мек превез, од што сè пред него почна да се разводнува и да го губи своето обличје. Сликата на улицата, полна со живот, сета од гласови, бои и движења, наеднаш се вкочани во неговите очни црнки и тој веќе нема сетила да ја види, слуша само некои далечни одгласи и назира нејасни контури. Мислеше пак на она што му се случи на станицата и тоа, како и тагата што не можеше да ја разгони, да ја потисне длабоко во себе, чинеше да сети страв, страв од самиот себеси, од сопствената несигурност за акција. Што ли се случува со мене, помисли тој. Станувам сентиментлен, изгледа дека сево ова, всушност, е само залажување, изгледа дека навистина жалам по животот, по овој живот што ме окружува. Тој живо си спомнуваше за првите денови кога во нив вивна огнот на заговорот. Поминуваа по истиве овие улици, по истиов пат, со високо крената глава, ги загледуваа луѓето и во очите им светкаше пламеното јазиче на презирањето на сето она што го сочинуваше живот Им се чинеше просто и остварливо одречувањето и тоа ги исполнуваше со гордост, одошто градите им се надигаа, а главата им се вирнуваше сè понагоре. А сега, и против својата волја, предочен за прв пат пред акцијата, Кирков длабоко во себе сети дека сето она што порано изгледаше дека е на досег од раката, одеднаш станува недосегливо. Тој се фати себеси дека за тоа сè повеќе размислува, макар што се трудеше да отфрли секаква помисла што би го наведувала на тоа, и тој, длабоко незадоволен со себе, се намурти и се затвори како темен облак. Не сакаше веќе ништо да види, чекореше наслепо, со крената глава, гледаше над покривите од куќите, во чистото небо, судирајќи се со минувачите и само по лесното, повремено допирање со рамото го чувствуваше присуството на својот другар којшто, зафатен со себе молчејќи чекореше покрај него. Наспроти на Кирков, Владимир Пингов наполно се предаваше на сето она што тука, на улицата, пред неговите очи, течеше. Широко отворените црнки жедно ги впиваа сите слики. И тој си приспомнуваше на неодамнешното минато: тој и сите негови другари, сиве овие што и сега се со него, беа ученици во гимназијата на овој град, го сакаа со сите негови улици, со пристаништето, морскиот брег, сакаа да се шетаат по улиците и да пречекуваат и испраќаат бродови и сето тоа, сиот тој разбрануван вител од доживувања будеше во нив желба да ја пренесат убавината на животот во крајот од кој беа дојдени и од кој понесоа тажни спомени од детството и родителските раскажувања. И кога, во своите мечтаења, донесоа судбоносно решение коешто наеднаш ги пресече сите игри, а нивните лица прекуноќ ги стори постари, Пингов ни тогаш, сè уште далеку од тоа да биде свесен што се случило, не престана да го гледа и да го сака градот и морето, и белите платна од корабитe, и чадот што се извиваше над паробродите на отворено море, и сево ова тука, на улицава, што ги исполнува црнките и душата со беспричински восхит. И сега, приближувајќи се кон пристаништето, тој вдахна со полни гради од воздухот што идеше откај морето. Видикот се рашири, веќе не го сокриваа куќите со своите остри и искривени линии на покривите и стреите. На брегот, на камениот кеј, светот шеташе на сонцето кое што во оваа доба од годината штедро ја растураше својата топлина и светлината на раната пролет. Тоа ги разгалуваше луѓето и тие се предаваа на онаа слатка мрзливост којашто го обзема човека под пролетното сонце. Белите сонцобрани на терасите од кафеаните и бродовите во пристаништето напомнуваа, во оваа јарка поплава од сонце и море, на старински литографии на предели на кои што сè е светло и во исто време и вкочането и разиграно, па по тие предели се копнее како по нешто кое што токму затоа и постои: да се исчекува како најубав празник за окото и душата. Пингов се разнежи и посака да ја сподели радоста со другарот што чекореше покрај него. Но, видувајќи го неговиот намуртен лик, тој се подуплаши да проговори, за да не ја наруши со нешто неочекувано убавината на мигот. Тие преминаа преку улицата и сега шетаа по плочникот од самиот кеј. Некаде на средината од патот, без претходен договор и намера, застанаа. Со лицето свртен кон морето, Киркoв гледаш во бродовите што беа усидрени на отворено море, недалеку од брегот. Потпрен на камената ограда од кејот, Пингов љубопитно се загледуваше и понатаму околу себе, макар што од тоа чувствуваше некоја нелагодност, како да е фатен во нешто недозволено. Одеднаш неговото внимание беше привлечено од глетката што се одигруваше тука близу, на неколку чекори од нив. Уличен фотограф ја местеше својата грдомазна направа, еден огромен сандак на ногари, преслечен со црно платно. Со немирни движења, како гумена детска играчка, тој потскокнуваше околу апаратот за сликање, ја завлекуваше главата под платното, претрчуваше до камената ограда кон морето, каде што стоеше цело едно семејство во бело. Ги наместуваше и сите вкочането го чекаа крајот од церемонијата на сликањето која што долго траеше, бидејќи секогаш се јавуваше нешто непредвидено: некој во последниот миг би се помрднал и со тоа би ги расипал сите подготовки, што фотографот го тераше да ги шири рацете и повторно да претрчува од апаратот до групата што се сликаше. Најпосле, сè беше готово. Со насмевка на лицето од задоволство фотографот се вкочани пред апаратот и длабоко се поклони. Потоа зеде да наместува нова плоча. Константин Кирков исто така го виде сето тоа и церемонијалниот крај од сликањето изнуди на неговото лице забележлива насмевка. Пингов го разбра тоа погрешно. — Ајде да се сликаме, Коста! — рече тој весело. Кирков го шибна со поглед, лицето пак му стана суморно, без трага од насмевот што пред малку светна на него. —Што ти паѓа на ум? — рече грубо. — Или сакаш да го оставиш својот лик за историјата? —- Мислев само онака... да им испратиме слики дома, на нашите . .. Сакаше да се оправда, но со тоа само уште повеќе го налути другарот. Кирков речиси позелене, доби одеднаш желба да му каже нешто кое што ќе ја открие сета бесмислица на тоа што другиот го помисли во момент на разнеженост, но се премисли вчас; се сети во каква состојба го најде пред тоа и помисли дека, сепак, треба да му помогне што поскоро да се ослободи од она што можеше да остави потешки последици. — Би било добро, малечок, да се причуваш од разни искушенија! Не е тоа за нас . . . — Знам...— рече Пингов неуверено. Мислеше наивно: па во што е искушението да си го видиш ликот на парче хартија и какво е тоа откривање на тајната што ја носиме во себе? Кирков погледа на часовникот, потоа бргу рече: — Да одиме на станица! Време е! Скоро со трчање излегоа на станичниот перон. Возот веќе пристигаше во станицата. Вагоните се движеа полека, патниците се приготвуваа да слезат. Тие гледаа во нив барајќи го познатото лице на патникот што го чекаа. Од еден прозорец Орце им мавташе со рака. Вагонот измина покрај нив и застана малку подолу. Тие потрчаа натаму. Кирков го виде Орцета од грб. На вратата од купето поземаше нечиј багаж и не можеше да му го види лицето. Кога тој се покажа на вратата од вагонот, Кирков најнапред со еден поглед ја зафати целата негова фигура, а потоа се задржа на лицето, барајќи промени што времето ги направило на него, времето во кое беа разделени. Уште повеќе ослабел. Беше тоа лице на аскет; суво, со подгорени подочници како кај човек што гори однатре од тиха, потајна болест. Но тој не му даде да го загледува долго. Не слезе од вагонот веднаш, само му подаде два куфера што дотогаш ги држеше во рацете и одново се сврте. Зад него се појави една девојка и тој £ направи пат покрај себе помагајќи £ да слезе прво таа. – Орце! – извика радосно Кирков и го прегрна. – Еден момент, Коста… – рече Орце ослободу вајќи се од прегратката. Потоа £ се приближи на девојката што стоеше на перонот барајќи некого во врволицата од патници и пречекувачи. Само што дојде до неа, девојката одеднаш беше засипана со поток брзи француски зборови. Една жена ја прегрнуваше со солзи, со грлено зборување. – Боже мој! – рече еден човек со шапката в рака пријдувајќи. – Па ти, драга, ќе ја удавиш, не ќе можам јас да ја прегрнам. Добредошла, драга внуко! – рече тој бацувајќи ја во челото откако успеа да ја ослободи од прегратката на жената која прекорно го изгледа бришејќи си ги очите со свилено шамиче. – Како патуваше, мила? –Благодарам, вујко. Добро… Ох! – извика наеднаш девојката и исплашено се сврте. – Јас сосема заборавив на својот сопатник! Орце стоеше настрана со нејзините куфери крај себе. –Да ви го претставам господинот Поп Орданов! – рече таа покажувајќи на него. – Тој беше љубезен да ми биде на услуга за време на патувањето. – Ви благодарам, господине! – рече вујко £ на девојката и срдечно се ракува со Орцета. – Ох, ништо … – се насмевна Орце и се поклони. –Јас само ја играв улогата на гостољубив домаќин. Госпоѓицата имаше слаби претстави за мојата земја и јас… Отстрана, Кирков гледаше со љубопитство. –Дозволете … – рече Орце свртувајќи се кон него. – Мојот пријател Константин Кирков. Кирков лесно се поклони. –Уште еднаш ви благодарам, господине! – рече вујкото на девојката. – Моето име е Ришар, директор сум на Банк-Отоман. Ќе ми биде драго ако ве видам во мојот дом. Да одиме, деца. Колата чека. И, земајќи ги двете жени под рака, тој ги поведе кон излезот. Дури тогаш се приближи и Пингов, кој за сето време стоеше крај еден столб. –Охо, Пинго! – весело го дочека Орце. Каква ти е оваа шега, Орце? – рече Кирков покажувајќи со глава кон излезот. – Каква шега? – Ова со господинот директор на банката. Орце се насмевна со скржава насмевка; тоа само крајовите од усните му се згрчија. –Игра на случајот! Сепак, може ќе ни послужи ова познанство. Но, ќе одиме ли? Пингов го зеде неговиот куфер. Перонот веќе се празнеше. Железничките работници ја испуштаа парeата од вагоните. VI –Иван загина … – рече Кирков кога се качија на пајтон и тргнаа по улицата. Орце не рече ни збор, само го погледа без изненадување, како токму таа вест да ја очекувал. Гледаше околу себе отсутно, во улицата полна со луѓе, во фасадите од куќите, слушајќи го зашепотеното раскажување за случката на море. Коњите тропаа по плочникот, улицата трештеше од гласови, зборувањето се губеше во вревата, од него остануваа само голи, суви подробности. Ни тоа Орце не го чу; ни еднаш не го прекина Киркова ни со забелешка, ни со прашање, се чинеше дека слуша спокојно, а можеби тоа само во него внатре се набираше гнев и незадоволство. Неколку пати Кирков подзапре, очекувајќи дека тоа незадоволство наеднаш ќе вивне во гласен прекор. Но Орце остануваше студено мирен, само веѓите му се составуваа и лицето од тоа стануваше уште посуво. Така пристигнаа во берберницата. Орце посака веднаш да слезат долу. Во каналот се вршеа последните ископи. Орце влезе во каналот, разгледувајќи го. Молкома се поздрави со сите, потоа одново излезе. – Динамитот уште ли е таму? – му се сврте наеднаш и без увод на Кирков. – Да … – рече Кирков. – Треба да го пренесеме. Утре е недела … – рече откако размисли еден миг. – Ќе појдеме да го земеме. Погрижете се за чунови! И тоа беше речиси сè што кажа. Беше затворен и стемнет како ноќ. Кирков помисли дека е лут и го остави да ја потисне во себе, во молчењето, сета своја лутина и гнев … Утредента беше недела, ден полн со сонце. Во два чуна, се возеа кон заливот во кој онаа вечер го оставија динамитот и телото на Ивана. Морето мируваше, намрешкано понекаде од подводните струи и од плесокот на веслата. Од едниот чун повремено се разнесуваше гласната, непринудена смеа на Илија Трчков и се истркалуваше по водата без оглас и осамена. Сите други молчеа. Заливот им беше познат одамна, не само од онаа вечер. Уште кога беа во гимназијата идеа тука на капење, заверенички скриени од светот меѓу карпите во кои удираа пенести бранови. Брановите удираа право во карпите кога беше плима, а кога водата се повлекуваше, под нив се оформуваше во широк лак песочна плажа. Лежеа на песокот со очите свртени кон синото небо и не мислеа предавајќи се на сонцето и синевината што се сипеше врз нив. Пристанувајќи сега со чуновите им се стори дека идат на туѓо непознато место. Придружен од неколцина, Орце се искачи кон карпите. Низ еден процеп се влегуваше во отвор сличен на пештера. Тука,. водата од морето не можеше да допре ни во најсилните налети на плимата. – Добро е! – рече гласно Илија Трчков откопувајќи го под камењата сандачето со динамит. Гласот се удри во нискиот свод од камен и оттука, низ отворот, излезе кон морето. Илија Трчков се изненади од неговата силина; ја крена главата и го виде Орцета како стои со Мечев покрај Ивановиот гроб. За миг тоа го задржа во движењето со рацете кон сандачето, рацете му останаа на половина пат, лицето се истегна, исчезна од него насмевката. Беше тоа само кратко, мимолетно засенчување поради присуството на смртта тука, до него, но неговата природа беше сета против размислување, телото бараше во секој миг движење, не оставајќи ја свеста да се скове на едно место. – Поземете! – викна тој кон нив гледајќи ги како стојат покрај гробот, и тие замолчени и недвижни. Орце беше повеќе од секогаш затворен и скржав на зборови. Овој пат како навистина да носи со себе темен облак, што секој час може да се истури. Седеа покрај брегот, никој не зборуваше. Кирков наоѓаше во песокта парчиња од школки, ги ронеше меѓу прстите чудејќи се на нивната трошност. Пингов фрлаше камчиња во водата; при секое паѓање тие удираа како клобурци од јадер летен дожд. Тој шум го одвлекуваше и го чинеше привидно мирен. Излегувајќи од пештерата, Орце долго ги изгледа сите редум. –Смрт на ситно! – рече огорчено и на сите им се стори дека пак ќе замолчи, дека во таа реченица е собрана и исплукана сета горчина што му го грчеше лицето. Илија Трчков и Мечев го наместуваа динамитот во еден од чуновите и не се ни свртеа. – Смрт на ситно! – повтори Орце со повишен глас. – Отсекогаш сум се плашел од таква смрт… – Сто оки динамит требаше да се спаси. Сè се случи неочекувано … – рече Кирков не гледајќи во него. – Не мислам на тоа… – го прекина тој. Очите му гореа и изгледаше дека од тој пламен, што се чадеше во нив, секој миг се шират подгорените кругови на подочниците, правејќи го лицето аскетски издолжено и испостено. –Мислам на нашата смрт… – продолжи тој. – Ете ни уште една поука да се исчуваме за едно уми рање со ефект! Загледан дотогаш во далечината, во морската вода без брегови, Павел Шатев се приближи. –Зошто зборуваш за умирање, Орце! Се разбира… – се обиде да се насмевне. – Во секоја борба има мртви. Зар за тоа што падна еден од нас да станеме фаталисти? Очајници? Треба да бидеме практични, сурови, методични терористи кои . .. Орце го прекина нагло кревајќи ја раката. — Размислував и сам достатно за тоа. Бев долго време во туѓина, меѓу луѓе што нам ни се слични, запознав многумина кои што по сè што се случило останале живи и сега својот живот го носат како најголемо проклетство. Не сакам таков живот... Вие си спомнувате: уште во гимназијата, кога го создававме нашиот кружок, ние се заветувавме на смрт. Беше тоа можеби непремислено, патетично. Но сега длабоко чувствувам дека тоа е единствено можна логика на секој тероризам. И нашата смрт треба да биде дел од акцијата, потврда нејзина и најчиста залога за чистотата на нашите идеи... – Зошто големи зборови? Работата е мошне проста: ќе ги извршиме атентатите и после . .. – И после? Орце го гледаше откосо, усните му беа згрчени. Павел Шатев се помачи да објасни, но прашањето остануваше без одговор. Што после, навистина, мислеше Кирков. Мислата се одбиваше од неизвесноста која понатаму настанува како од тврди ѕидови. Им се чинеше тоа просто и јасно; ќе ги извршат атентатите, а потоа како логична последица наидуваше целта – да се возбуди светот, да се раздвижат заспаните совести и ропството да се симне од лицето на татковината како некој темен превез, одошто тоа ќе засвети чисто и насмеано. Да може, помисли тој, со едно делче од свеста, да се види сето она што ќе биде после .. . за тоа треба да се остане жив. А ако не биде ништо, ако сево е само заблуда и бладачко занесување во соништа? Кирков од тоа чувствуваше смртен страв; не, не треба да се види ништо, сè треба да се остави да изгори во пожарите што ќе ги предизвикаат, на таа темна неизвесност што стои со остри рабови до тоа после. –Нема да барам ни завет ни клетва… – рече Орце. – Одберете си сами. Јас веќе одбрав. И јас, сакаше да викне гласно Кирков. Но тоа остана во него. Молчејќи тој ги загледуваше сите редум, сакајки од лицата да им го одгатне нивниот избор. Мечев темно прелетуваше со поглед по лицата на младичите не криејќи го своето незадоволство кога зборувањето го завиткуваа во магли и нејасни бркотници во кои се губеше како во сплет од улици во непознат град. Беше најстар од сите и беше поминал многу премрежја, одшто душата му се затворила и го чинеше недостапен. Вечно замолчен, не трудејќи се никогаш да го сложи во зборови она што го чувствуваше, сè во него се завиткуваше во тајна, сурова и недостапна. Им се придружи нив, младичи од гимназија, без предрасуди, но и без занес, свесен само дека треба нешто поголемо да се стори. Не верувам дека го мачи прашањето да се умира или не, помисли Кирков. Му се чинеше дека се на него зборуваше за решеност; тој беше веќе зад онаа невидлива граница зад која не се гледа и дури не се чувствува потреба да се гледа. А Илија Трчков? Тој имаше тело на атлет, душа на дете. Не сакаше никогаш да размислува, сè се фаќаше на него од првиот миг, како да се отпечатува во податлива мека иловица. Со насмевка на лицето, широко и растегнато, и сега слушаше како зборуваат и на тоа лице јасно се одразуваше секоја промена на настроението. Кирков спокојно го остави тоа лице да се шири и да се собира; го бараше со поглед Пингова. Младичот беше престанал да си игра со камчињата и водата, слушаше напрегнато, со лице што наеднаш станало постаро. Тешко е тоа за него, си рече. А за мене? Не смееше да се предава на размислувања, сега кога и тој во себе го направи својот избор, неминовен и конечен: има неброено причини за живот, само една за смрт. Се определи за неа. Тие спореа уште долго, а небото над нив беше сино, без облаци, песокта врела; морето ги лелееше брановите и телата на младичите без отпор, неодоливо се предаваа на тој млак допир од животот со шумови и бои што проникнуваа во нив неусетно и тихо. VII Мансардата во која живееше Орце, се состоеше од долга собичка со еден прозорец под самиот покрив на зградата, извишена над другите градски куќи. Од прозорецот се гледаа нерамните кубови на покривите, преку нив едно нечисто парче од морето. Таванот беше засечен над самиот прозорец и бидејќи тука стоеше неговата маса, кога седеше покрај неа, Орце имаше чувство дека се наоѓа на прамецот од некој брод што плови над покривите. Особено предвечер, кога измаглица од потемнетиот залез ги загрнуваше како со прашлив превез, тој впечаток му се потсилуваше до размери на халуцинација. Оттука, од високиот покрив на шестокатницата, му се откриваше тој дел од градот како нарочно расфрлан во неред, со нерамнини, со купишта раскршени, остри, нерамни линии со грди опачини од куќните фасади, со надолу изгубените процепи на улиците меѓу нив. И сега, во таква предвечер, Орце ја гледаше истата слика. Од таа несреденост што му се наметнуваше на погледот, го потфаќаше мачно стегање под срцето. Остануваше долго загледан пред себе, како да го средува тоа што беше непријатно расфрлано во него, како чувство, како мисла, како рефлекс, можеби од несреденоста на видикот далеку напред, над сивите, посипани со поцрнет хумус, покриви на градот. Дури кога самрачните сенки почнаа да ги зарамнуваат покривите, кога за час се бришеше острината на линиите, Орце почувствува смирување. Веќе беше стемнето кога ја запали ламбата. Низ отворениот прозорец продре млака струја воздух. Ја стави ламбата на масата пред себе, потоа пак седна спроти прозорецот. Не постоеше никаква опасност дека некој може оттаму да го види, затоа не го затвораше прозорецот. Ако некој го видеше, бездруго, лицето ќе му се искривеше од ужас. Ја принесуваше голата рака до подлактицата над пламенот на петролејската ламба и долго така ја држеше. Ламбата чадеше, нејзиниот пламен лизнуваше нагоре, го допираше голото месо. Орце го поднесуваше горењето со лице напнато во грч, за да ја тргне раката само во кратки интервали меѓу две горења, од кои по собата се разнесуваше мирис и непријатен звук на горењето. Грчот на лицето стануваше уште понапнат, но тоа не беше отпор од физичка болка, туку свесно напрегање на волјата да се превладее болката и да се издржи до крајни граници на трпењето. Принесувајќи ја веќе поцрнетата, подгорена рака уште еднаш на пламенот, Орце чу чекори. Некој запре пред неговата врата. Раката му застана на половина пат до ламбата. По тропањето препозна дека дошол некој од другарите. Стана, спуштајќи го засуканиот ракав од кошулата преку изгорената рака. – Кој е? – праша пред да отвори, запетлувајќи се. – Јас … – го препозна гласот на Кирков. – Еден момент. Воздухот во собата беше исполнет со мирис на горењето. Орце се заврте во недоумица, погледа кон прозорецот, тој беше отворен; махинално, замавта со обете раце како да сакаше да го растера тој предавнички мирис. Кога повторно се приближи кон вратата, го чу зад неа нестрпливото дишење на Кирков, отвори. Влегувајќи, Кирков го почувствува во носалките остриот мирис. Се загледа по собата, погледот му се задржа на исчадената ламба. – Што мириса така, на изгорено? – рече Кирков. – Пржев месо – рече Орце нерадо. – Седни. Кирков го загледуваше подозриво. Лицето му се причини издолжено, сето од еден сплет на црносиви линии како кај лик од фреска. –Љубопитен си? Еве … Ракавот откри црна флека на подлактицата. Несакано, Кирков се намурти. — Што е тоа? — Една малечка вежба … – рече Орце сурово, одмазднички. Се приближи кон масата, ја принесуваше раката над пламенот, за да му покаже. — Орце! – свика Кирков. Со еден чекор се најде до него и скоро насила му ја истрга раката. Виде како лицето му го пресече остар грч; бездруго беше тоа болка, физичка болка која не се поднесува. Раната на раката веќе не го поднесуваше ни допирот на кошулата; Орце го засукуваше ракавот веќе подалеку од неа. Наведнат над него, Кирков бараше збор во себе. Беше длабоко досегнат негде внатре, се набираше некој јад во него, не знаеше дали да вивне или да се собере, да се згрутчи во малечка горчлива топка под грлото. –Чуму ти се тие … вежби? – праша. Орце се насмевна само со крајот од усните. –Тоа ли? Јас тоа го нарекувам надвладување на материјата. Ти ќе речеш, знам – литература, нели? Чернишевски. Што се муртиш? Кирков зашета по собата. –Знам дека си заколнат противник на позата, Орце. Зар сепак ова не е поза, признај? Зошто такви излишни церемонии? Сме решени на смрт и ќе умреме. Молам тоа нека стане без церемонии! Орце направи малечко движење со главата, вртејќи се кон него. Лицето му се скри во сенка, Кирков не можеше да го види. –Мислиш дека сме веќе решени. – рече Орце полека. Кирков застана. Лицето, очите на Орце од мракот беа управени кон него и очекуваа одговор. Кирков одново сети како го обзема немоќ да одговори, да најде збор. Орце почека малку, Кирков не виде, можеби неговото лице се рашири во победничка насмевка, тоа лице беше в мрак, се заврте и сега пак го гледаше преку рамото неговиот профил, оцртан на светлината од ламбата пред прозорецот. Орце вадеше од фиоката на масата некои работи. Кирков заинтересирано погледа: најпрвин од едно стакленце Орце ја мачкаше раната со некаква маст, потоа се обиде со левата рака да намотува завој. Го правеше тоа несмасно, но сепак завојот легнуваше преку изгореното, го покриваше со својата белина. Едниот крај од завојот го зеде в заби и така сакаше да го врзе. Кирков пристапи. –Дај, поможи! – рече Орце. Молкома Кирков го зеде завојот. Потргнувајќи го, сети дека е лабаво намотан. Го одвитка и одново го намотуваше, трудејќи се да не стега премногу. –Не си многу весел денес, Кирка? Кирков сви со рамениците. –Ти треба и тебе некоја вежба, драги мој. – Орце го гледаше упорно, под око. Кирков се тргна навредено. – Што се лутиш? – рече Орце. – До решението сме сепак далеку. – Мислам дека за тоа со тебе се разбравме, Орце… – Да. Ама сепак, испитај се, Кирка. Испитај се . .. – рече тој станувајќи. Кирков остана до прозорецот; гледаше низ него во мракот, каде што се оцртуваа нејасни, матни контури на градот, скржаво осветлен со квадратите на прозорците. Мислеше на Орцевата порака. Испитај се … испитај се … Се испитувам ли, помисли. Секој ден. Секој час. Секој миг. Не. Не мислам. Исчекувам само. Да се испитувам? Како? Погледа на исчадената ламба, на лицето му прелета насмевка, сама од себе, небарана. Сакаше да каже: детинска игра. Се замисли. Во другиот крај од собата Орце се облекуваше за излегување. Пред да го наметне палтото, од полицата со книги зеде еден плик, го фрли на масата пред Кирков. Кирков го погледа од страна. — Што е тоа? – рече. — Читај. Кирков го отвори пликот, извади парче хартија; личеше на некаква покана. Напишано беше на француски јазик. Кирков го прочита потписот: Ришар, директор на Банк-Отоман. Заинтересирано се загледа во напишаното. Прочита наглас: –По повод пристигнувањето на нашата внука … Прием во нашиот дом … Ќе ни биде особено драго ако вие и вашиот симпатичен пријател, г. Кирков … Држејќи го в рака писмото, Кирков се сврте кон Орцета кој, веќе облечен, се дотеруваше пред огледалото. — Не мислиш, бездруго, да појдеш? — Зошто да не … – рече Орце. –Не наоѓаш ли дека тоа е … цинично? Орце дојде до него. — Не. Сакам да им гледам на луѓето в очи. Да ги видам одблизу … – рече тој и поверливо се наведна до неговото лице. – Туку, тоа е дел од мојот систем … — Каков систем? – го прекина Кирков. — Систем на самоиспитување – рече Орце со мала иронија во гласот и го крена прстот. – Одиме ли? — Каде? –Таму, кај г. Ришар. Виде, и ти си поканет. .. Кирков уште ја држеше поканата во раката. Летимично ја погледа. — Тоа е денес? — Да. –Одиме! – рече Кирков со некоја решеност во гласот. VIII Пред вратата од банката шеташе ноќниот чувар. По улицата немаше минувачи, само по некој осамен шетач. Сите прозорци на куќата беа осветлени и светлината од нив се истураше по плочникот. Орце и Кирков наближија до банката токму кога пред неа застана затворен пајтон; една елегантна двојка излезе од него и се упати кон влезот во куќата. Чуварот ги поздрави и ги пушти, покрај себе, да влезат на отворената врата. Откако пајтонот измина, двајцата младичи, чекорејќи полека, идеа накај влезот во куќата. Чуварот зачудено ги погледа, направи нејасно движење како да сака да ги запре, но Орце ја извади од џеб поканата. –Поканети сме! – рече покажувајќи со прст нагоре, кон осветлените прозорци на куќата. Чуварот ја допре со прстите козирката од шапката. –Молам. Повелете … Влегувајќи, Кирков несакано погледа на спротивната страна, кон берберницата. Од утре ќе треба да припазиме, помисли. Може некој одовде да не види. Потоа веднаш, во себе, ја отфрли таа мисла; берберницата стоеше во редот ниски, ненавидни куќарки на спротивната страна на улицата, ненавидна и самата со спуштени кепенци на вратата и прозорецот. Едно чувство на нелагодност го повасуваше, додека се качуваше по скалите со мраморни украси од страните. Првпат влегуваше во сличен дом, ги гледаше отстрана, однадвор, и не без омраза, поминувајќи покрај нив. Сега, влегувајќи во простран хол, осветлен со полилеи од чија светлина блескаше мраморот на столбовите, којзнае по каков асоцијативен пат му се наметнуваше споредба со светлите дворови во родниот град, со стрмните улици на Велес. Сега, напролет, улиците и дворовите се полни со светлина од сонцето, блештат измиените плочници, бело варосани … Се тргна од таа далечна, нејасна слика и погледа во Орцета. Чекајќи да ги пријават, Орце го проучуваше распоредот во куќата. –О, тоа сте вие! – ги пресретна во претсобјето гласот на г. Ришар. – Повелете! Им ја затресе раката и ги поведе во широка приемна соба со неколку маси околу кои беа поседнати другите гости. Масата кон која ги поведе имаше само мажи. Седнаа на празните места, откако домаќинот ги претстави на своите гости. — Не, не, никако … Јас во тоа не верувам, господа… – го продолжуваше г. Ришар прекинатиот разговор со своите гости. – Претставете си, господине… – се сврте кон Орцета, прекинувајќи се. — Поп Орданов – рече Орце, насмевнувајќи се. — Да . .. Претставете си, господине Поп Орданов… Господава мислат дека во Турција револуцијата е неизбежна! Јас во тоа не верувам! Вие сте тука домородци .. . Што мислите вие? Кирков се погледа со Орцета. — Мислам … – рече Орце бавно, изгледувајќи ги сите редум. – Мислам дека ситуацијата за мојот народ е мошне тешка … — Секако, секако … – уплашено го прекина г. Ришар, сакајќи да предодврати некоја опасна негова потврда. – Но социјалните проблеми можат да се решат со една разумна интервенција на европските сили. .. Во таа смисла му се сугерирани на султанот извесни реформи… — Можеби … – рече Орце и заусти да објаснува, но во тој момент од другиот крај на салонот наидуваа девојката од станицата и г-ѓа Ришар. Орце стана да ги поздрави. Девојката радосно му пријде и се ракува. Кирков, станат и тој, лесно се наклони. – Како сте, госпоѓице? Се надевам дека немате лоши соништа под небово на мојава земја.. . – рече Орце смеејќи се. –Ох, господине … – рече госпоѓата Ришар. – Во лош час ја повикавме Алис да ја помине ваканцијата кај нас! Г. Ришар се намеша: –Знаете – рече тој свртувајќи му се на Орцета. –Мојата жена ги зела присрце гласовите за погром во градов . .. Ти претеруваш, драга! Како што гледаш, градов живее мирен живот … А ако негде експлодирала бомба, боже мој, живееме на Балканот, зар не? –Пјер, добога! – рече прекорно госпоѓата Ришар. –Не зборувај ги тие работи пред неа ни на шега, те молам! Не плаши ја … Младата девојка се насмевна, покажувајќи ред прекрасни заби. –Јас не се плашам – рече таа кога вујко £ со виновно лице се сврте кон неа и ја баци во челото. – Ако верував во сите тие приказни во комити, ќе помислев дека сите Македонци носат бомби во џебовите… Притоа ги погледа двајцата младичи толку миловидно, што Кирков и несакано отфрли секаква помисла дека таа се подигрува со нив. –Браво! Браво … – извика г. Ришар. – Во ваше здравје, господа! – им се сврте на двајцата младичи со чашата в раце. Отпија малку од чашите; беа уште станати простум. Разговорот малку застана, исчекуваа жените да се оддалечат можеби. –Да одиме, драга моја – рече госпоѓата Ришар. Здодевно е да се слушаат машки разговори … Под рака со неа, таа отиде кон другиот дел од салонот, кон масите со жени. Поздравувајќи ги, мажите седнаа. Кирков наеднаш почувствува ужасна здодевност. Што бараме овде ние, си рече во себе, длабоко незадоволен што се согласи да дојде. И зошто сме повикани воопшто … Слушаше како разговараат, самодопадливо и накитено, уживајќи секој во својот глас, трудејќи се секоја реченица да биде духовито најдена досетка, придружувајќи ја со бучно смеење. Неколкупати едноподруго го погледа Орцета, сакајќи да му даде знак за својата нелагода. Орце, меѓутоа, не го забележуваше; учествуваше во разговорот како цел век ништо да не правел, а водел такви бескрајни и бесмислени салонски разговори. Некои негови реплики беа остри до циничност, но собеседниците ги примија со благонаклона насмевка, гледајќи во него безмалу некаков чуден егзотичен балкански мудрец. Одмавна во себе, потоа стана. Прошета по салонот неодредено, без некаква цел. Во дното виде клавир. На пултот лежеа растворени ноти. Не многу заинтересирано ги прелиста, свртен со грб кон женското друштво. Пред тоа, поминувајќи по салонот, Кирков бараше да го сретне погледот на младата девојка. Сега почувствува дека таа го гледа. Чу шум на женска облека над својот грб, се сврте. Девојката му пристапуваше. — Вие, изгледа, љубите музика? – прашуваше таа со истиот израз на миловидност на лицето како кога им пријде да ги поздрави. — Ох, не … – се збрка Кирков. – Јас само така… — Се надевам, драга Алис – рече госпоѓата Ришар пристапувајќи – дека ќе ни причиниш малку задоволство да посвириш! — Вие свирите? – живо, несакано, воскликна Кирков. Сега редот беше девојката да се збрка. Не одговори веднаш. –Ох, бездруго… – рече госпоѓата Ришар. – Откако е дојдена не се двои од клавирот. Помолете ја вие, господине! Можеби ќе се согласи. Госпоѓата Ришар одново се оддалечи. Кирков зеде галантна поза и рече: — Ќе ни дадете ли таква шанса, госпоѓице… да се насладуваме на вашата уметност? — Ох! – се спротиви девојката. – Јас сум само аматер! Навистина, учам во колежот клавир, но сето тоа е така . .. Не би се осмелила тука … – рече покажувајќи на салонот полн со луѓе. Кирков ја гледаше во огледалото зад нејзиниот грб. Одразот, малку замаглен од светлината во салонот, притулена од големиот абажур на таванските светила во зелена боја, ги сокриваше линиите на нејзината фигура, се чинеше таа нереална и лелеава, како одразена во вода. Еден светол раб го оцртуваше благиот профил на девојчинската глава. Кирков се виде и себеси во огледалото, го виде своето лице близу до силуетата на девојката. Почувствува дека наеднаш го облива топлина. Другарите често го закачаа за тоа лице. Го наречуваа убавец. Без суета го проверуваше тоа во огледалото. В миг сети наплив на една неодолива мисла. Орце рече дека треба да се провери себеси, да се подложи на испит. Молам тогаш, си рече во себе во некоја чудна одмаздољубивост. — Треба да ви благодарам… – рече Кирков, погледнувајќи ја девојката со поглед што бараше да проникне во нејзините очи. — За што? – рече девојката брзо, не трепнувајќи. — За тоа дека имате убаво мислење за нас. Пред малку… — Не брзајте – го прекина таа, заканувајќи му со малиот, тенок, скоро провиден прст. – Сум чула и пострашни работи … — На пример? — Па … – го погледа таа и се насмевна за да го ублажи ефектот од своите зборови. – Да речеме фамозното грабнување на мисионерката мис Стон .. . За миг на лицето од Кирков загасна насмевката. Таа упорно го гледаше право во очите. Кирков збркано побрза: — Од кого сте го чуле тоа? — Од неа лично. — Од кого? — Од мис Стон лично – рече девојката и објасни: – Говореше еднаш во нашиот колеж … Ох, не плашете се – рече таа брзо, видувајќи дека лицето на младичот станува намуртено. Му се доближи скоро до лицето и му рече со доверба: – Таа зборуваше за вашите сонародници со симпатии, само . .. –Само… Само рече дека сте по малку груби… – Тоа не е ни малку ласкаво за мене – рече Кирков, повратувајќи се од првата збрканост. – Добога … – рече девојката без страст, со наместен прекор. – Да се одведе слаба, незаштитена жена во планина, меѓу комити … Госпоѓата Ришар која ги чу последните зборови на поминување покрај нив, плесна изненадено со раце: — Боже мој, и вие за политика … — Не плашете се, госпоѓо Ришар – рече Кирков со љубезна насмевка. – Го споменавме само фамозното грабнување на мис Стон, и тоа повеќе на шега .. . — Немојте, добога, за тоа да зборувате ни на шега, ве молам! – рече госпоѓата Ришар сериозно. – Што стана со музиката? Изгледа дека не помогнала ни вашата молба? – му се сврте таа на Кирков одново со оној тон на љубезна домаќинка. Кирков ја погледа девојката. — Тогаш, не ми останува ништо друго освен да ја повторам својата молба – рече тој. — Навистина ли сакате да свирам? – праша таа кога госпоѓата Ришар ги остави. — Да… – рече Кирков. – Поправо треба да ви признам: пред малку кога ме прашавте дали љубам музика.. . не ви ја кажав вистината. Јас многу сакам музика, дури едно време сакав да учам музика, но татко ми повеќе сакаше да се занимавам со трговија . .. – измисли Кирков и не поцрвене од тоа што го рече. Девојката седнуваше веќе покрај клавирот. Некои од жените се приближија да слушаат, мажите на другиот крај од салонот продолжуваа бучно да разговараат. Наместувајќи ги нотите, девојката крена уште еднаш поглед на него и почна да свири. Кирков стоеше потпрен на клавирот и ја слушаше. Пардон! – рече гласно г. Ришар станувајќи кога до нив допреа првите акорди од клавирот. Со рака ги стиша другите и сите почнаа да ја слушаат музиката, придружувајќи го со бучно ракоплескање нејзиниот крај. Орце дури тогаш го забележа Киркова крај девојката. –Многу се разнежи вечерва, Кирка? – му рече кога излегоа на улицата, блескава од месечина. – Музика, убава девојка… Кирков победоносно го изгледа, насмевнувајќи се наглас. — Ја почнувам својата игра, Орце … — Каква игра? — Игра на самоиспитување … — Не разбирам? – го погледа Орце изненадено, подзастанувајќи. — Блажени се оние што не разбираат! – изрецитира Кирков и продолжи да чекори по улицата. IX Уште пред да наближи кон берберницата, одејќи по улицата, Кирков скришум фрли еден поглед кон горниот кат од зградата на банката. Преку прозорците беа навлечени драперии, не се гледаше ништо. Олеснето, мирно ги разгрна трските на вратата и влезе внатре. — Долу се – го пречека Илија Трчков. По обичај нешто чепкаше околу една машинка за стрижење. – Ќе слезеш ли? — Не уште … – рече Кирков, колебајќи се за час. – Подоцна … Остана да стои кај широката, светла витрина спрема улицата. Не гледаше во минувачите, погледот му лежеше на едно место, на прозорците од банката. Гледаше натаму упорно, како да исчекува некој таму да се појави, па потоа да донесе некое важно, судбинско решение, да се одвои од стаклото на излогот. Пингов ги хранеше птиците во кафезите; тие весело црцореа колвајќи ги ситните зрна просо од неговата дланка, проврена низ отворот во внатрешноста на кафезот. Кога влезе Кирков, лицето му го озари олеснувачка радост. Зафатен со гледањето надвор, Кирков не ја забележуваше возбудата, легната меѓу привидниот мир на двајцата младичи во берберницата. Обајцата вршеа нешто, но механички, без особен интерес за тоа што го вршат. Пингов ги хранеше птиците без одушевеност, по навика. Другпат тоа беше церемонија во која малите крилести топчиња во кафезите, со своето црцорење и прелетување во тесниот простор ограден со жици, предизвикуваа кај младичот непринудена, бескрајна радост. Сега младичот молчеше, лицето му беше сериозно. Затворајќи го кафезот, Пингов му се приближи на Кирков, сè уште замислено загледан во зградата на банката од спротивната страна на улицата, иако таму одамна ништо не очекуваше да види; гледаше по навика, а не по некоја незадоволена внатрешна потреба. — Сè е готово … – рече Пингов, мислејќи дека тој ја гледа банката. — Што? – се тргна Кирков. — Долу… – покажа со очите младичот. – Го поставуваат динамитот… — Ах, да… – промрморе Кирков и се одвои од излогот. – Одам долу … – му рече на Илија, поминувајќи покрај него. Се упати зад параванот, Пингов му отвори да слезе. Во подрумот, Шатев го движеше – полека, со ритмични замавнувања – дувалото од механизмот за воздух. На гредата пред него, на клинец, висеше туристички проспект со слика на брод, еден убав бел патнички брод на пловидба по отворено море. –Гвадалкивир! – рече гордо Шатев кога виде каде се запре вниманието на Кирков. – Француски патнички брод. Пристигнува на Бела недела изутрината, заминува истата вечер .. . Веќе си извадив патнички билет … – рече тој со истата гордост во гласот. Кирков назре низ отворот од каналот. Во неговото дно, што сега се протегаше длабоко напред, на светлината од свеќата, се нишаа по сводот наголемените сенки на Орце и Мечев, наведнати во работа. По некое време, Орце излезе од каналот, влечејќи по себе неколку врвки од фитили за воспламенување. Ги прикрепи кон гредите, распоредувајќи ги една покрај друга, за да не се сплеткуваат. — Зошто толку долги? – праша Кирков, покажувајќи на фитилите. — За секој случај … – промрморе Орце повеќе за себе. По него, од каналот излезе и Мечев. Беше целиот извалкан со земја, испотен по лицето и по голите мускулести раце. Светлината од свеќата што ја носеше во раката, падна врз Кирков. На сите им падна в очи дека тој е облечен во нов, светол костум. Во темната, летна атмосфера на подрумот, неговата облека се чинеше како скрнавење на таинственоста на подземниот заговор. — Охо! – извика Шатев, разгледувајќи го од главата до петиците. – Каква елеганција! — Си купив нов костум… – рече Кирков мирно. — Сега? – праша Павле со чудење. Со незабележливо помрднување на главата покажуваше кон каналот со веќе нареден динамит. Сите четворица ја сфатија неговата алузија. — А зошто не и сега? – му светна во окото на Кирков зајадливо пламенче. Шатев го гледаше под око. — Значи, смртта парадно ќе ја исчекуваме … – рече тој и сакаше да се тргне од нив, кога Кирков го задржа со рака. — Сакам да ја играм својата игра до крај, до последниот час … – рече Кирков, погледнувајќи ги гордосите тројца. – Јас го предизвикувам животот, не се плашам од него .. . Орце, кој дотогаш молчеше, со обичен глас, рече без иронија: — Заради тоа ли е и романсата со девојката од банката? — Да! – рече Кирков остро. Шатев брбна да се смее. – Не смеј се, Павле! Ако сакаш да знаеш… – му се сврте – тоа е драматургија на студените љубовници на смртта … Ги погледа, како да го проучува ефектот на својата духовитост. Тие молчеа и го гледаа со недоверба. –Меѓу другото – рече тој – се договоривме дека никој не смее да остане во банката кога ќе лета во воздухот. Таа грижа ја зедов на себе … Ја поканив целата фамилија на карневалскиот концерт во Алхамбра… – објасни тој, свртувајќи му се на Орцета. – Денес ќе им ги однесам билетите … –Добро… – рече Орце нерасположено. – Нема за тоа да се расправаме. Слушајте ме сега добро… Планот е овој … Ти, Павле, ќе го минираш бродот кога ќе се оддалечи од пристаништето. Но не далеку, за да може на патниците брзо да им стигне помош. Гледај сосема да ги уништиш машините и да предизвикаш пожар, па макар бродот и не потонал. Мечев со својата тројка ќе ја запали фабриката за гас. Кога градот ќе потоне во мрак, сите тројца ќе фрлите по некоја бомба во разни делови од градот. Каде, одберете сами … Целта е да се предизвика што поголема паника. Јас останувам овде; дозволете ми ја таа мала чест мене … – рече со потих глас. – На Коста му останува поштата… Мислам дека договорот е готов и дефинитивен. Ти ќе им го пренесеш на двајцата твои, Мечев. За подробностите размислете и подгответе се сами… Молчејќи, тие само климнаа со главите. –А сега, да појдеме горе. Откако се облекоа, исчекаа да им дадат одозгора знак дека може да се качат. –Би можеле сега поретко да наминуваме овде – рече Орце, погледнувајќи кон Кирков, кој по навика, стоеше пред излогот и гледаше надвор. – Нека наминува само Илија, колку да биде отворено . .. Еден по друг, во кратки интервали, ја напуштаа берберницата. Не измина ни стотина метри, Кирков сети зад себе забрзани чекори. Пингов го настигнуваше. –Сакам да дојдам со тебе … – рече насмевнувајќи се виновно. Не престанувајќи да оди по улицата, Кирков погледа на часовникот. –Имам малку време… – рече тој. – Одам во посета… – Со лесен гест покажа зад себе, онаму каде што остана банката. –Ништо, ќе се прошетаме малку … Продолжија полека по улицата, без цел. Молчеа.Неколкупати Пингов го загледа од страна; очекуваше. Кирков чекореше покрај него, загледан право пред себе.Всушност, не гледаше ништо одредено; отсутен со духот сликата на улицата ја примаше во замаглена еднодимензијалност, во која се разблажуваа сите нерамнини, сите нејзини обличја. А сè на светот, сè пред неговите очи, под неговите нозе имаше тврди форми, имаше рабови во кои можеше да се удри, да почувствува остра, физичка болка, ако не чекореше со инстинктот на приспособувањето кон тој неизмолив, реален материјален свет. Наоѓајќи се во последните дни во состојба на свесно приспособување кон сè што го окружува, Кирков се силеше себеси да забележува, да забележува и такви подробности кои порано се криеја од неговото незаинтересирано око, кое мимолетно, згорнично прелетуваше преку нив. И сепак, многу нешто се истргнуваше од неговото внимание. За првпат сега откри дека настапила пролет. Можеби ја наслутуваше во повевот на јужниот ветер, во вечерите со топла ѕвездена прашина по небото, кое вриеше од кликот на јата прелетни птици, пијано развражени во височините, невидливи за очите, но присутни со шумот на крилата и многугласното кликтење. Сега одеднаш и некако неочекувано му ги запали очите зелениот пожар на пролетното разлистување. — Зборувај нешто … – рече Пингов, тргнувајќи го од размислувањата. — Што рече? – како да се буди, се сврте кон него Кирков. Пингов го гледаше со влага во очите. –Да зборуваме нешто, Коста. .. Не ти се чини ли дека во последно време многу молчиме … А јас би сакал да зборуваме .. . Да зборуваме за сè, да го претвориме во зборови сè она што станува во нас, меѓу нас … Ме уби молчењето… – Ми се чини и дека зборуваме – рече мирно Кирков. – Зборуваме – рече другиот младич, наведнувајки ја главата. – Зборуваме за нашата акција, студено, методично; и за тоа дека ќе умреме… Зборуваме за тоа како за некаква церемонија… или, поправо, и тоа го премолчуваме, како секому од нас одделно да ни е тоа некаква слатка тајна… Го гледам Илија овие денови; лицето му се растегнува некако, се смирува во светла, оптегната кожена маска; се причинува дека само нему да му е достапна таа тајна . .. Како што нагло истече од него овој наплив од зборови, така секна; нагло и неочекувано. Плашливо гледаше во своите нозе, носалките стрвно вдишуваа воздух. Одеднаш Кирков почувствува дека на младичот до него му запира дишењето, гласот му зазвучува неприродно, зарипнато: –А зар не би можело … – прозбори Пингов испрекинато – некој да остане жив? … Кирков сакаше да го пресече со поглед, но младичот чекореше со главата вовлечена во себе. Наместо тоа, Кирков рече мирно, гледајќи пред себе: — Таа дилема, чинам, му ја оставивме секому да ја реши сам .. . — Не мислев за себе – рече Пингов, реагирајќи. — Ами за кого? — Не знам ни сам … Не знам … – се сметка младичот сфаќајќи дека се нашол во глупава стапица, што сам си ја намести. – Можеби не требаше тоа да го речам .. . Беа стасани до пансионот во кој живееше Пингов. Стоеја пред вратата едно време, потоа Пингов, влегувајќи, рече: –Дојди после, откако ќе ја завршиш посетата... Не оставај ме вечерва сам… Гласот му беше полн со молење, лицето посивено од некој потаен внатрешен немир. Стоеше во отворената врата и како да исчекуваше. Кирков одново погледна во часовникот. –Имам уште десетина минути! – рече и тргна по него. Само што влегоа во тремот, пред да стапнат на скалите, од страничната просторија излезе сопственичката на пансионот, мадам Меворах, и ги задржа. –Имате посета, Пинго! – рече таа. – Еден пристар човек … Младичите се погледнаа. Од една брза мисла во себе, Кирков направи несвесен чекор како да ќе се врати. Мадам Меворах, забележувајќи го тоа, веднаш објасни. — Тоа е некој ваш роднина од Велес. Изгледаше толку уморен и загрижен, кутриот.. . Му ја отворив вашата соба, Пинго. Се надевам дека не се лутите? Дошол човекот во Солун да го посети сина си, а тој ненадејно отпатувал. Прашуваше и за вас, господине Кирков … — Татко му на Ивана! – рече Пингов со уплав во гласот. Но Кирков веќе не се двоумеше. Сега навистина не смееше да го остави сам. Двајцата бргу се качуваа по скалите. X Младичите не се излагаа; тоа беше навистина татко му на Ивана. Облечен во полуградски алишта, со кошула високо закопчана на вратот, човекот седеше на креветот, наполу легнат, со призатворени очи. Кога вратата се отвори, тој се тргна, како да се разбудува нагло, реско од немирен, краткотраен сон. Се исправи. Не беше многу стар, но уморот и загриженоста што стоеја на неговото лице го правеа речиси старец. – Вујко! – извика Пингов со наместена радост уште од вратата. Бргу му пријде, го фати за обете раце, му ги затресе, а потем му баци рака, настојувајќи при сето тоа погледот да не се сретнува со неговите очи. За тоа време Кирков стоеше крај вратата, загледувајќи го со чудење младичот, плашејќи се за него да не би да го напушти храброста за преправање. Пред тоа, во коридорот, беа малку подзастанале да земат здив и да ја стивнат возбудата од оваа непријатна средба, што ја очекуваа со страв. Кирков тогаш му ја стегна раката што му трепереше и со очите му даде знак да се смири, да се приготви за првиот миг кога ќе се сретнат со стариот, со неговиот поглед и првото прашање што ќе им го постави. Пингов го држеше стариот за рацете, потоа одеднаш го засипа со прашања, не давајќи му да здивне и да земе збор. Стариот одговараше кратко, лицето само за час му го озари млака насмевка кога се поздравуваше со младичите. Потоа одново потона во сенки на загриженост. Со темните, длабоки очи, под веѓите густо набрани над нив, стариот сипеше влага во среќавањето со нивните погледи; се загледуваше во нив, трудејќи се да открие одговор за прашањето што ја раѓаше загриженоста. Најпосле, еднаш кога меѓу нив разговорот подзастана, како да наишол нечекано на пречка, стариот успеа да го уфрли тоа прашање: –Проштевајте, деца… – рече тој. – Дојдов да разберам нешто за Ивана… Бев кај него, а таму ми рекоа дека си заминал … Кирков бргу одговори: –Па зар не е дома, во Велес? Го гледаше право во очите, без да трепне. — Не е – рече стариот тажно. — Чудно … – рече Кирков со насилна насмевка. – Мислевме дека си оди дома. На свој ред стариот се загледа во неговите очи. Кирков го издржа тој поглед што испитуваше, полн со неверување и сомневања. — Зар сега дома? А гимназијата? — Што го знам јас – рече Кирков, свивајќи ги рамениците. – Има една недела и повеќе од тогаш… Дојде еден ден кај мене и рече: си одам! Јас го разбрав дека си оди дома … Стариот не рече ништо повеќе, одново го повасуваше умор. Приседна на креветот и оттаму разгледуваше по собата, како нешто да бара. Пингов истрпна. Помисли на Ивановите работи; тие се наоѓаа уште тука. Ако му кажале… не, не може да не му кажале дека Кирков ги прибрал… Несвесен ни сам за својата постапка, Пингов се придвижи со грб кон комодата, за да ја скрие таа точка од неговото гледање по собата, од погледот полн со подозирање. – А ти? – му се сврте стариот наеднаш. – Што седиш уште во Солун? Нели уште лани сврши гимназија… Што не си дојдеш дома? Со виновно лице, Пингов се приближи, седна покрај стариот. Почувствува наеднаш наплив на нежност; го повасуваше тоа чувство по сета внатрешност и тој сети дека одново сè во него потреперува; од страв да не се издаде ги стисна усните, ги загриза до крв. — Како се дома? … – рече тихо, преголтнувајќи ги зборовите. — Те чекаат за Велигден … – рече стариот и широко, сонливо се проѕевна. Кирков нестрпливо погледнуваше на часовникот којзнае по којпат. –Јас треба да одам – рече нерешително, помислувајќи со ужас дека треба да го остави Пингов насамо со стариот. Од тоа нозете му остана заковани на местото. Наеднаш, лицето му светна од ненадејна спасоносна мисла: – Ти си, чиче Кољо, бездруго уморен? – мусе сврте тој на стариот. Стариот не одговори, но беше очигледно дека заморот од патувањето, од безнадежноста што го зафати од веста за синот и, веројатно, од острите жигања на сомневањето што ги чувствуваше во себе, веќе наполно го совладуваа и тој не можеше веќе ни да зборува, ни да гледа околу себе. Двајцата младичи олеснето се издишија кога тој уморно кимна со главата. –Тогаш остани тука и почини си – рече Кирков, давајќи му со очите знак на Пингов и тој да тргне со него. – Довечера малку ќе те рашетаме по градов. Можеби нешто ќе разбереме за Ивана … Стариот крена поглед, во кој светна надеж. –Ќе дојдам и јас со тебе! – брзо рече Пингов кога Кирков тргна кон вратата. Допирајќи го со рака по рамото стариот, што беше потонал во тиха отсутност, со очите отворени и втренчени во една точка на подот, тој стана и рече: – Ќе £ кажам на мадам Меворах да ти биде на услуга ако ти затреба нешто … Стариот одново го крена погледот, како да не сфати што му се зборува и што станува околу него. –Бргу сега! – рече Кирков кога изминаа по улицата. – Најди го Орцета и кажи му… Пингов кимна со главата и речиси со трчаница замина зад првиот агол. Кирков олеснето здивна и, прибран веќе, полека се упати кон банката. XI Кога влезе во холот со мраморни столбови, Кирков одново сети студена нелагодност, како да стапува во туѓ и непознат свет, што го заплашува со некоја своја тајна, неодолива непристапност. Просторот, блескав од сјајот на мраморот, го прими во себе како вител, го заврте за час, додека со еден решителен напор на свеста не успеа да се прибере и да се почувствува дека останува со еигурност врз немирниот бран на возбудувањето, што го зафати во тој непријатен, краткотраен миг, кога дури се поколеба зошто дошол. Играта треба да се доигра, си рече во себе и со еден решителен потег го тргна свилениот гајтан на ѕвонецот. На вратата се појави собарката на госпоѓата Ришар. Кирков ја поздрави, симнувајќи ја шапката. — Добар ден! – рече. — Добар ден, господине! – се поклони собарката. – Вие доаѓате кај госпоѓица Алиса, нели? Влезете, ве очекуваат… – се поклони уште еднаш таа, правејќи му пат во влезот. Кога Кирков влезе и тргна кон салонот, собарката го престаса и го задржа. –Ваму, грсподине … – рече таа и со рака покажа кон малечката веранда. Низ отворената стаклена врата, Кирков ги забележа фигурите на госпоѓата Ришар и нејзината внука Алиса. Седеа на плетените столови од пратје. Старата дама нешто плетеше, а девојката читаше книга. Кирков бргу тргна кон нив. — Се надевам дека не задоцнив? – рече тој поздравувајќи се и седнувајќи на местото што му го покажаа поканувајќи го. Девојката веднаш ја остави книгата, госпоѓата Ришар го собра плеталото. — Пристигате токму на време – рече госпоѓата Ришар. – Се надевам дека нема да ни откажете заедно да испиеме кафе … – рече таа, станувајќи. –Со задоволство, госпоѓо Ришар! – рече Кирков. И пред таа да тргне, Кирков извади од лисницата некакви билети и £ ги подаде на госпоѓата Ришар. — Како што ви ветив, ви донесов билети за карневалскиот концерт во „Алхамбра". — Мошне љубезно од вас . .. Само, не сум сигурна дали Пјер ќе биде расположен за излегување… – рече госпоѓата Ришар, земајќи ги билетите. — Ќе ми причините голема радост, верувајте – рече Кирков, гледајќи кон девојката со поглед што бараше од неа соучесништво. — Ох! – рече Алиса правејќи тажно лице. – А јас веќе размислував каква маска да одберам… Настојувајте кај вујко, ве молам … Кирков ја погледа со благодарност. –Добро – рече госпоѓата Ришар. – Ќе настојувам.. . Ќе сторам сè, драго дете … – рече таа свртувајќи се кон девојката. – Сакам твојот престој кај нас да ти остане долго во споменот … Кога госпоѓата Ришар се оддалечи, Кирков се заврте кон девојката. — Ви благодарам, Алиса… – рече тој со насмевка. — Нема за што – рече девојката немарно. — О, не знаете што значи тоа за мене! — Знаете ли што, господине Кирков? – рече девојката одеднаш откако едно време го гледаше отстрана, како да испитува нешто од неговото лице. — Коста! – ја поправи тој со истиот тон на кокетирање. Девојката насила се потсмевна. Лицето и примаше неочекувано сериозен израз. –Добро … Коста! – Молам? — Сакам нешто да се договориме. — Ве слушам. — Да не се преправаме во нашите разговори… Да бидеме понепосредни … Тоа важи за обајцата … Кирков сети дека наеднаш го преплави црвенило. — Сита сум од тоа – рече Алиса со горчина во гласот. – Не, не од вас! – додаде брзо, видувајќи дека лицето на младичот незадоволно се намурти. – Идам од свет каде што преправањето е манир од највисока салонска вредност. Вам тоа не ви прилега .. . — А што ми прилега мене? – рече Кирков, повишувајќи го ваеднаш гласот. Длабоко во себе почувствува желба да враќа со иста мерка. – Можеби комитска грубост! — Не мислев на тоа … – рече Алиса на свој ред досегната. — Ами на што? Ја гледаше упорно, со поглед во кој уште стоеше лутината и желбата да се одмаздува. — Размислував за тоа … – рече девојката помирно. – Не сте вие ни груб, ни пак онаков каков што сакате да се претставите … Всушност, вие глумите веселост… — Според сето тоа што сум јас? – праша Кирков со изнудена љубопитност. — Меланхолик! Изразит меланхолик . .. – рече девојката без ликување. Дури, во гласот £ затрепере, за првпат, некое топло сочувствување, какво што само жената покажува кога и самата не е свесна дека тоа веќе на некој начин ја обврзува. Кирков веднаш почувствува дека тоа го облева како бран; се сневесели уште повеќе. Гледаше некаде пред себе; од верандата се гледаше морето, еден дел од пристаништето со јарболите од корабите, забуцани во чистото пролетно небо. Бараше во мирната глетка на пејзажот смирување. Избегнуваше да £ погледа на девојката в очи, исплашен дека во нив таа ќе ја најде потврдата за сето она што го наслутуваше. — Вие страдате … – инсистираше таа. – Вашиот поглед е веќе постар од вчера … Брчките на лицето ви се поостри … — Не ја знаете ли причината за тоа? Кирков нагло се сврте кон неа. Таа се уплаши од неговото лице. — Не – рече со стегнато грло. — Дотолку подобро за вас … — Зошто? — Се плашам дека тоа ќе ви го расипе сонот. — Вие ме плашите! – рече таа ширејќи ги црнките во ненадеен ужас. – Што станува со вас? Кирков се насмевна ликувајќи: — Ништо … Та само пет векови робување лежат врз моето лице. Тоа е се… — Жал ми е… Коста… – рече девојката со нежност во гласот и очите. – Жал ми е… – повтори. – Раскажете ми нешто повеќе за себе. Ве преколнувам, не гледајте во мене мала, глупава туѓинка која не може да разбере … — Ви реков: се плашам дека тоа сосема ќе ја избрише насмевката од вашето лице … Замолчеа нагло; од внатрешноста на куќата наидуваше госпоѓата Ришар. По неа собарката носеше кафе. –Господинот Кирков беше љубезен да ме покани на прошетка … – рече таа откако собарката се оддалечи. Кирков со чудење ја погледа. Со променет израз на лицето, таа му даваше знак дека треба да се покори. Тогаш добро, помисли тој. Играта продолжува, штом сакаш. Кој ќе губи, ќе видиме, си рече во себе, како да се заканува. Со насмевка на лицето исчекуваше госпоѓата Ришар да проговори. –Тоа е мошне љубезно од господинот Кирков … рече госпоѓата Ришар. – Само не знам да ли би било добро … – Зошто? – брзо праша девојката. — Мислам… не е многу удобно сама да излегуваш! Што има во тоа лошо, госпоѓо Ришар? – праша Кирков, присторувајќи се навреден. — Сепак … Живееме во друг свет, драго дете .. . – рече госпоѓата Ришар загрижено. – Штом настојуваш.. . нема да се противам… – се согласи таа најпосле нерадо. — Тогаш… рече таа станувајќи. – простете за час! Веднаш ќе се приготвам... Кирков гледаше како се оддалечува нејзината фигура, фигура на убава, млада жена, во чии очи наслутуваше дека се запалува нешто како љубов. Или се залажуваше? Можеби самиот веќе паѓаше во несаканата стапица на љубовта? Прелета низ него таа помисла и тој почувствува дека се предава без отпор на некое чувство на внатрешна задоволеност. XII Настапуваше ноќ, мека пролетна ноќ во која сè зоврива од шумови, од топли бранови воздух. По небото, полно со ѕвезди, сноват јата невидливи птици, без пат, во круг, како понесени од некој разигран прплец. По улиците, на пристаништето, дури и крај осамените делови од морскиот брег, се движат луѓе со бавен чекор; како сите да излегле на прошетка, и никој не мисли да појде во одреден правец, сите се предале на милувањето на млакиот повев од пролетната ноќ. Во таква ноќ, ни сонот долго не иде врз клепките. Откако цела вечер поминаа во прошетка, Илија Трчков и Мечев се прибраа доцна дома и сега сè уште се врткаа по собата, наоѓајќи причина да го одложат легнувањето. Надвор, окружени со шумовите и мирисите на пролетната вечер, се загледуваа во сè околу себе, со љубопитност на луѓе што за првпат откриваат нешто кое дотогаш им било скриено и недостапно. Ги зачудуваше, неочекувано, тој немир на ноќта, па несвесно и сами му се предаваа. Илија Трчков, секогаш љубопитно загледан во светот околу себе, вечерва ги ширеше црнките на очите, како да сакаше да проникне низ тој вечерен превез, во самото дно на ноќта. Во густи налети, во носалките, исто така широко отворени за примање, му удираше млакиот мирис на пролетта, што опиваше и телото го правеше тромаво, нозете тешки, недвижни за чекорење. Во собата, низ отворениот прозорец, влегуваше месечината во густи шурки и ја плавеше со виделина. Беше тоа една осамена приземна куќарка крај брегот на морето; прозорецот стоеше свртен кон морето и оттаму, со свежа струја воздух, достигаа шумовите на морските бранови што лесно удираа во брегот. Лежејќи на грб, со рацете под главата, сè уште нерасоблечен, Илија Трчков го слушаше сето тоа, силејќи се да не мисли на ништо, со раширени зеници, навртени кон таванот каде што играа одблесоци од месечината. На другото легло, Мечев седеше зафатен во работа; долго виткаше некакви жици околу една грдомазна грутка од железо и лим. Голите мускули му се напрегаа, стегајќи ги жиците, лицето, осветлено од месечината, задоволно се ширеше во насмевка и една злорадост му светнуваше во очите. Илија Трчков го погледнуваше напати, заинтересиран од некој негов нејасен збор, промрморен повеќе за себе. — Нема ли да вечераме? – рече Илија Трчков станувајќи од леглото и погледнувајќи го. — Јади ти, јас нема да вечерам! Не сум гладен … – рече другиот и продолжи да ја витка својата направа. Кога беше готов, ја зеде в раце, мерејќи ја нејзината тежина и загледувајќи ја нејзината груба форма. – Не е убава … – рече тој не гледајќи во Илија. – Самоделска .. . Ама кога ќе удри, ни камче нема да остане! Илија Трчков јадеше стоејќи насреде собата; во едната рака држеше големо парче леб, во другата парче месо. Откинуваше од нив, звучн,о со здравите заби и јадеше слатко, со апетит, како дете изгладнето во игра. –Не можам да спијам ако не каснам … – рече тој со залакот в уста, онака голем, расчекорен насреде собата. Дури сега Мечев го погледна. Не рече ништо, само се насмевна. Потоа ја смести својата направа некаде под леглото, почнувајќи да се приготвува за легнување. –А сега, на спиење … – рече. Се приготвуваше бавно, како нарочно да одлага некоја непријатна работа. Се врткаше по собата долго, потоа завитка цигара; пушеше седејќи на леглото, вовлекувајќи во себе долги голтки од цигарата, растерувајќи го со раце чадот што густо се собираше околу неговата глава, како облак. Илија Трчков веќе одамна ја доврши вечерата и веќе лежеше во својата постела. Штиците под него крцкаа од тежината на неговото тело кога се вртеше од една страна на друга. Најпосле и Мечев легна свртен кон ѕидот и не се помести ниеден пат; веднаш падна во мирен, длабок сон. Илија не заспа веднаш, но се смири на леглото. И токму кога почувствува дека шумовите однадвор полека исчезнуваат во длабочината на заспивањето, а на очите се навлекува пајажинеста мрежа на сонот, чу остро во слухот; кон прозорецот се приближија чекори, некој застана тука, му го чу шумното дишење. Малќу потоа, јасно и отчетливо, чу како некој тропа на штицата од прозорецот. Со шепотлив, но тревожно сподавен глас, некој викаше: –Иљо! .. . Тука ли си, Иљо? Илија Трчков се исправи во леглото. Спроти него, Мечев спиеше без да му се слуша дишењето. Се сврте кон прозорецот и праша со шепот за да не го разбуди заспаниот: — Кој е? — Јас… – рече некој покрај прозорецот, издишувајќи се олеснето. Илија го препозна; тоа беше Пингов. – Спиеш ли? – праша младичот кога на прозорецот се појави Илија. — Не! – рече Илија налутено. – Не спијам! Ги слушам штурците … – рече тој наднесен над прозорецот. – А ти, кај скиташ по оваа доба? — Отвори … Ќе ти кажам … Илија Трчков се сврте кон собата. Се изненади од тоа што го виде: Мечев седеше на леглото, разбуден. –Те разбудивме – рече Илија. Не – одговори тој. – Уште не сум ни заспал . .. е тоа? — Пинго. — Што бара? Што знам јас … – ги сви Илија рамениците. –Пушти го. Пингов влезе на вратата, очигледно исплашен. — Што е? Да не се случило нешто? – му се внесе Илија в лице. — Ништо … – рече младичот. – Го барам Коста. Знаете ли каде е? . .. — Тоа ли е… – рече Илија олеснето. А што ти припекало срцето за него среде ноќ? Пингов ги изгледа обајцата со погледот што сè уште ја носеше исплашеноста. — Дојден е татко му на Ивана! – го спушти гласот. — Па што? — Не смеам да појдам во пансионот. Тој е таму … Коста ми рече дека ќе спијам кај него … — Што не појдеш тогаш кај него дома? – праша Илија. — Бев. Го нема таму. Илија Трчков погледна низ прозорецот; месечината беше изминала добар пат по небото. — Зар уште не се прибрал? – рече и самиот веќе помирен, замислувајќи се. — Си го видел? – праша Пингов. — Да. Со девојката од банката … – рече Илија свртувајќи се кон Мечев, кој седеше сè уште на леглото и пушеше. – Но тоа беше одамна. Пред мрак … — Мислиш дека е уште со неа? — Што знам… Истерува некој ѓавол од себе. Или внесува. .. — А јас? Што да правам сега? — Оди си дома, во пансионот! – рече Илија и го помести покривачот на своето легло, како да сакаше одново да си легне. Пингов одречно заниша со главата, гласот му доби плачна нотка. –Не, ви реков веќе! Таму не можам да одам. Како ќе му погледам во очите .. . Не знам што да му кажам кога пак ќе ме праша за Ивана … –Ако не знаеш што да кажеш, тогаш – молчи … Пингов му го сврте лицето, загрижено и очајно. –Остани овде да спиеш – му рече Илија, допирајќи го со рака по рамото. Младичот се тргна. –Не! – одрече со главата. – Ќе го побарам Коста уште еднаш дома. Сега бездруго веќе си дошол … Кога ја затвори вратата зад него, Илија Трчков се проѕевна сонливо и појде кон своето легло. Гасејќи ја цигарата и приготвувајќи се одново да легне, Мечев, кој за сето време не проговори ни збор, рече без прекор во гласот: — Немој да бидеш груб со него. — Па кога нè разбуди … — Јас не бев заспан – рече тој и одново легна во постелата и веднаш замре во истата онаа недвижност, свртен кон ѕидот. — А јас мислев дека спиеш … – рече Илија чудејќи се. Другиот не му одговори, лежеше свртен со грб спрема него и само малку, од тихото, здржано дишење, едното рамо бавно се подигаше и спушташе. Тој го погледа уште еднаш, потоа заврте со главата во некоја своја недоумица, постоја малку среде собата, па си легна. Замореното тело бараше сон, клепките брзо се затвораа… Илија Трчков мирно спиеше. Но уште еднаш оваа ноќ беше разбуден, за да ја помине во тревога и бессоница без да го сака тоа. Можеби веднаш штом го фати сон, можеби минало време; тоа самиот не можеше никако да го сфати, низ своето мрино, спокојно дишење на човек со мирен сон, чу близу до себе кркорење, сподавени извици, несврзано мрморење, некои откинати зборови што слепо се удираа по ѕидовите и ноќната тишина. Отвори очи веднаш; првин се загледа околу себе, согледувајќи го полека просторот на собата, потоа ушите, слухот го прими тој шум што идеше од онаа страна каде што спиеше Мечев. Неговото тело се истегаше по постелата движено од некој внатрешен напор, леглото се свиваше под него. Очигледно, мачен од тежок сон, Мечев немирно се превртуваше и бладаше, гласно и придушено. Разбуден веќе сосема, со широко отворени очи, но со затаен здив и недвижен, Илија Трчков се колебаше за час дали да стане, да го разбуди. Но, малку време потоа, телото на Мечев се потсмири; потоа Илија го чу како станува. Со полузатворени очи го следеше. Мечев полека одеше низ собата, застана некаде, очигледно бараше вода, го чу како го зема ѓумчето, пиеше долго свртен кон него со грб. Не се врати во постелата, нагрна нешто на себе и полека, без да се свртува, излезе од вратата. Вратата се затвори зад него без шум. Откако почека малку, Илија Трчков се замисли за час зошто не се враќа. Нагло стана, го нагрна палтото, па и тој излезе. Го виде како седи на еден превртен чун на песочниот брег од морето. Беше свртен со грб кон куќата, слеан со ноќта, недвижен. Месечината беше зајдена зад еден облак и морето пред него стоеше црно; една темна, застрашувачка маса од мрак легнат врз водата. Нечујно му се приближи. Тој во првиот момент не го виде, сети само дека над него се наднесува нечија сенка. –И ти ли стана? – рече тој со својот обичен глас кревајќи ја главата и препознавајќи го Илија. Илија Трчков се загледа во него. — Што ти стана тебе вечерва? – го праша. — Што тоа? – рече Мечев гледајќи пред себе, во белите рабови од брановите што се прелеваа преку песокта, речиси до неговите боси нозе. — Те чув како бладаш – рече Илија. — Сум бладал? — Да. Бладаше и се меткаше по постелата … — Знам – рече тој по кратко молчење. – Затоа и не сакам да спијам. Никогаш … – рече со некоја лутина во гласот. – Најдобро ми е кога само ќе ги затворам очите да лежам и да не се мрднувам од местото … Само да не ме фати сон … — Сонуваш лошо? – го праша Илија тихо, сочувствувајќи. Мечев бргу го погледа. –Лошо? Можеби … не знам … Туку сè еден и ист сон цела ноќ. По некој чуден ред … Дури и ако го прекинам сонувањето, кога повторно ќе заспијам сонот ми продолжува на истото место каде што пред тоа се прекинал… Сакаш ли да донесам пресна вода? – рече Илија во недоумица што да каже. — Не – рече Мечев. – Легни си … Јас ќе испушам една цигара … – рече и почна да бара по џебовите од палтото, со кое беше нагрнат. Кутијата со тутун не беше со него. Илија отиде во куќата и му ја донесе. Тој долго завиткуваше цигара, прстите мирно ја вршеа таа навикната работа, без треперење, како што сиот изгледаше смирен по немирната борба на неговото тело во конвулсивните преграби на сонот. Потоа долго удираше со секалото, додека не ја запали цигарата. Гледајќи го Илија како се уште стои покрај него, тој му рече без намера да го успокојува: – Легни си … Сè е готово вечерва … – Не ме се спие – рече Илија. Седна покрај него на работ од превртениот чун. Месечината одново светна, се растури по морето и околу нив. –Што е? Што се смурти? Ти го расипав настроението – рече Мечев, префрлајќи му ја раката преку рамото. Беше топла и од тоа Илија Трчков се наежи по телото. Мечев го потупа по рамото. – Остај, не мисли на тоа … Илија Трчков му го доближи лицето. — Кажи… – рече. – Што сон те измачи? — Што ќе ти го тоа? – проговори Мечев нерадо, свртувајќи се од него. –Сакам да знам – упорно настојуваше Илија. Мечев не одговори веднаш. Лицето му беше во сенка. Повлече еднаш долго од цигарата, како да сакаше низ нејзиното изгорување да го згасне она што гореше во него. Жарчето од цигарата му го осветли лицето: мрачно и набрано, згрчено во незадоволство. –Ми идат насон мртвите – рече тивко и со еден призвук на лутина. – Мојата фамилија, исклана од Турците. Загинатите другари од четата. Сите мртви што некогаш сум ги знаел. Секоја ноќ… поправо секогаш кога ќе заспијам … И, што е најлошо, тогаш чувствувам дека се збудалувам. Добивам желба да станам, да ги земам бомбите што ми стојат подзглавје и да се растрчам по улицине … Тоа го рече, нагло и забрзано, потоа исто така нагло замолче. Цигарата му догоруваше во раката. Мечев ја фрли пред себе, во водата. Илија Трчков молчеше, веќе примирен од тоа што го чу. Во него узреваше една нова решеност, родена од сочувството кон својот постар другар. Од морето се прелеваа тивки бранчиња со бели рабови, се прелеваа преку песокта сè до нивните боси стaпала; од тоа, едно лесно пристудување им ги намовнуваше телата со морници. Тоа ги враќаше во стварноста и ги смируваше. XIII Целиот престорен ко грмада од мраз, Орце го пречека Ивановиот татко во својата малечка соба на мансардата. Студен и непристапен, како да не го засегнува ни еден збор на стариот човек седнат спроти него, Орце гледаше преку неговата глава, низ прозорецот, кон морето што блескаше на сонцето, во далечината, преку покривите од куќите. Стариот зборуваше загрижено, но и со прекор во гласот. — Цела ноќ преседав во станот на Ладета Пингов. Требаше да дојдат тој и Коста, а не дојдоа. Дури утринава ми рекоа да те побарам тебе. Ти ќе си ми кажел за Ивана… — Што да ти кажам? – рече Орце суво. На лицето, сурово и испостено, набрано во грч, не прелета ниту сенка. — Каде да го барам… – рече стариот со надеж. — Немој да го бараш! – рече Орце веднаш, без премислување. И самиот се изненади како му се откина тој суров и нагол одговор. Почувствува само дека една злорада, горчлива грутка, што за сето време се собираше во неговиот желудник, одеднаш му се искачува до грлото. Губеше трпение и од тоа му стана уште помачно, па уште еднаш го повтори истото тоа со повишен глас, како да го скарува тој стуткан беспомошен стар човек што се грчи тука пред него со некаква своја болка: – Немој да го бараш! Стариот исплашено се загледа во него. — Како тоа? – рече со стегнато срце. Наслутуваше во тоа како беше пречекан и во тој глас на Орцета, полн со опоритост, дека ќе чуе лоша вест. Усните му останаа полуотворени, затреперени. — Немој да го бараш! – рече Орце сега сосема тихо. – Иван е мртов! Очекуваше дека стариот ќе припадне, дури и стори несвесен потег да го придржи; стариот, меѓутоа, само тивко екна длабоко во себе, ги заклопи очите замиг и само со горната половина од телото, се заниша. Не падна, само малку се замаја на границата од бесвеста, потоа ги отвори очите и со чудење го погледа Орцета, наднесен над него со чаша вода во раката. — Не треба … – рече со слаб глас одбивајќи ја раката со лесно движење настрана. Орце ја остави водата на масата. Веќе прибран, стариот го гледаше очекувајќи објаснувања. И бидејќи Орце не проговори веднаш, тој му прати остар поглед и рече тврдо, со друг глас: – Што станало со него? — Загина … – мирно рече Орце. — Како? Орце замиг се колебаше. –Во една наша акција … – рече полека смислувајќи одговор на следното прашање. Наместо тоа стариот одново ги затвори очите, како со тоа да се прибира кршејќи во себе некој изблик на чувства и зборови. Така ги задржуваше и солзите да не потечат; тие остануваа во подочните ќесиња и, кога ги преклопуваше клепките, низ нив само прокапуваа ретки капки и паѓаа на подот без шум. Од нив на лицето не остануваше никаква трага, беа тоа некои исушени солзи, како и очите на стариот. –Знаев јас … – рече стариот наеднаш и пак падна во молчење. Молчеше долго и утешно. Орце почувствува олеснување. – А каде е сега? – проговори стариот ненадејно. Орце се тргна. — Кој? — Иван. Телото негово … — Го закопавме сами, на скришно место – рече Орце, живнувајќи од мислата што тој час му падна на ум. – Сакаш ли да те одведам кај неговиот гроб? Стариот крена глава и долго го изгледа. — Јас сум дојден овде по живите, не по мртвите . .. – рече тажно. – Што правите вие овде … Какви се тие ваши акции? – го повиши наеднаш гласот. — Се бориме за слободата на Македонија! – рече Орце со обичен глас. Стариот ја наведна главата и не рече ништо. Залебден за сето време помеѓу свеста и потонувањето во еден мрак во кој се губеше, во кој исчезнуваше светот околу него, тој се предаваше на молчењето, за да проговори наеднаш и пак да замолчи. –Оф, маки наши … – тешко здивна и ја заниша главата во нем прекор. – Оф, пуста борба наша … – рече и го погледа Орцета, како нему да му беше упатен тој прекор. – Ами сега? Што да правам јас? Орце го набра лицето. Почувствува дека лутината одново го прострелува некаде одвнатре како со врел оган. Сепак се воздржа, не одговори. Беше подобро сега да се молчи. — Нема што да се прави … – рече стариот станувајќи. – Ајде, стегни се душо мачна … — Кај ќе одиш сега? Стариот подзастана на полпат. Погледот што му го прати на Орцета светкаше со влага. –Ке си одам дома – рече тихо. – Утре е прочка, треба сите да сме дома … Им се проштева и на живи и на мртви… Така и го снема од тој малечок простор на таванската собичка. Кога вратата се затвори зад него, на Орце му се стори дека таваницата наеднаш порасна, се извиши и собата доби некаква дотогаш скриена широчина. Тој олеснето здивна; отворајќи го прозорецот ширум, зеде воздух со полни дробови, го почувствува остриот мирис на морето во носалките. Гледаше едно време кон морето и тоа сосема го смири. Забораваше сосема и за секогаш за старецот што пред малку тука, зад него, ја собра својата тага и ја однесе во очите, забораваше сигурно и невратно на сите други стари и млади, блиски луѓе што по право на една крв, му го присвојуваа животот, не го оставаа да биде сам и во животот и во смртта, да располага со себе без тоа да биде попречувано со солзи и таги. Се трудеше сега да мисли на сето тоа без лутина, зашто одново остануваше сам; го почувствува тоа во оној миг кога стариот човек излезе низ вратата, кога собата наеднаш му го отвори просторот само за неговата осамотеност, во која тој се чувствуваше толку сигурен и спокоен, што дури и несвесно се исправи, се извиши до таваницата, крената сега во недосежна вишина. Орце се одвои од прозорецот; со сигурен поглед ги обгрна сите катчиња на собата. Свеста му заработи студено, методично. Ги отвораше сите фиоки и прегради од покуќнината, вадеше од таму некакви книжиња, писма, фотографии. Хартиите веднаш ги кинеше, без да се загледува во нив. Само по некоја фотографија ќе задржеше подолго време во рацете: го гледаше својот лик на неа, вкочанет на парчето тврда хартија во израз што покажуваше чудење во очите. Преку лицето му прелетуваше насмевка. Потоа ги кинеше и фотографиите. На масата пред него стоеше купче искината хартија. Тој го собра и го запали сето тоа во старата лимена печка што стоеше во еден агол; долго гледаше како пламенот брише од хартијата секаква трага, таа поцрнуваше грчејќи се во горењето. Остатоците ги строши со едно дрвце; тие се смешаа со пепелта останата уште од последните денови на зимата. Во собата влегуваа одблесоци од сонцето на зајдување. Орце погледа низ прозорецот: на запад облаците беа пурпурно црвени. Утре ќе биде ветровит ден, помисли по навика. Утре, повтори во себе. Од тоа лицето му се рашири во задоволна насмевка. Потоа излезе в град. XIV Застанат на балконот од куќата во која живееше, Кирков гледаше како облаците на запад наеднаш потемнуваат, како се спепелува небото до пред малку запалено од сјајот на црвеното сонце. Се свечеруваше, постепено, невратно исчезнуваше денот. Кирков помисли без тага на тоа дека последен пат го гледа од балконов вечерното небо, ѕвездите и месечината што скоро ќе светнат на него. Но, некаде длабоко во себе, несвесно, почувствува дека му пристуде и тој го напушти балконот и влезе во собата. Куќата во која живееше Кирков беше сопственост на некој одамна умрен поморски капетан; сè во неа потсетуваше на неговите пловидби по морињата – слики на кораби со развеани платна на отворено море, спомени од пристаништата, украси од седеф и друго, и еден негов голем портрет во парадна поморска униформа. Сето тоа сега, во оваа вечер што настапуваше, се откри пред очите на Кирков со една случајна, жива симболика; напомнуваше тоа на патување, на поминливост – дека сè што живее одминува еднаш, за да не се врати. Тоа не го утеши; напротив, помислата дека вечерва ќе умре, му навеа.топли бранови жал. Тој остави да се разливаат низ него, не плашејќи се ни малку дека може во последниот момент да го расколебаат, да го уплашат пред крајниот чин, ги прими како знаци на обична човечка слабост која исто така бргу поминува штом мислата ќе се зафати со нешто друго. За да ја покрие таа ненадејна жалост, Кирков зеде да се облекува. Ги облекуваше своите најубави алишта, прилежно, како да се приготвува за некој празник, ja закопчуваше секоја петлица долго и со внимателност. Фаќајќи се себеси во таа ситна, мигновена грижа околу облекувањето, тој еден миг се поднасмевна задоволно, зашто почувствува дека тоа сигурно, спасоносно го одвлекува од сè друго; прстите навикнато се движеа, мислите неизбежно се навртуваа на тоа и тука остануваа да мируваат. Туку, веќе не можеше ни да мисли на друго. Вратата од собата се отвори и во неа почнаа да влегуваат другарите. Влегуваа едно подруго како што пристигаа, донесувајќи го на лицата сето она што го преживеале во себе во тој последен ден. Кирков прво тоа го бараше на лицата од другите, како да се проверува себеси. Виде дека сите редум се обземени од возбуда, што се трудеа да ја запретаат длабоко во себе, но ги издаваше бледилото по лицата, лесно подгорените подочници од несон и горење во себе. Не палеа ламба, макар што собата се завиваше во полумрак. Сенките спасоносно ги сокриваа лицата и тие можеа меѓусебе послободно да се гледаат, да разговараат без страв од треперење на гласот, кое во полумракот добиваше оправдание. Пингов, чие лице Кирков особено го испитуваше, му се приближи и рече со безбоен глас: — Ги испуштив славејчињата од кафезите. Од експлозијата сигурно би загинале … — Добро си сторил … – рече Кирков, не знаејќи што друго да одговори. Пингов сети дека долната усна му потреперува. — Коста! – рече со шепот приближувајќи му се уште повеќе. — Што е? — Сакав ноќеска да бидам со тебе . .. — Знаеш дека не може. Сè е веќе договорено … — Знам… – рече Пингов и тажно ги наведна очите. Кирков му го внесе лицето сосема близу. — Се плашиш? – шепна. — Не! – одговори Пингов со тврдост во гласот. — Биди храбар! – му ја стегна Кирков раката. — Ќе бидам... Кирков погледна на часовникот. Потоа му пријде на Орцета што стоеше кај балконската врата свртен со лице кон улицата. –Време е, Орце... Орце полека се сврте и ги изгледа со поглед сите. — Време е ... – рече. – Предлагам за разделба да се напиеме по една чашка … — Тоа е добар предлог! – рече Кирков и изнесе шише коњак и чашки за сите. — Малку сентиментално, но сепак угодно! – рече Павел Шатев приближувајќи се. – По чашка за разделба… Кирков ги наполни чашките. — Јас и Пингов само ќе ги држиме чашките… – проговори Мечев, за првпат откако беше дојден; инаку за цело време молчеше и замислено гледаше неодредено по собата. — Не! – се спротивстави Пингов. – Вечерва и јас ќе се напијам! Илија Трчков гласно се насмеа, се насмевнаа и другите. Орце ја крена чашата. –Предлагам последната чашка да ја испиеме за среќен крај на нашето дело! Се напија молкум и се погледаа со светнати очи. Мечев ја остави чашката негибната на масата и се повлече. –Што си се задумал толку, братучед? – му пријде Илија Трчков и грижно му се загледа во лицето. Пак не спал цела ноќ, помисли, гледајќи го така измачен и замислен. – Ништо не зборуваш … — Ете, гледам… – одговори Мечев нерадо. – Што мислиш? — Гледам – малцина сме … –Ама ќе кренеме ноќеска многу шум!– рече Илија Трчков весело. –Сеедно … Малку сме. Но сега тоа не е важно… Илија Трчков долго го изгледа, не разбирајќи што сакаше со тоа да каже. –Одиме! – рече Орце. Прво му пријде на Кирков, му ја стегна раката. Се прегрнаа мирно, останувајќи само час во прегратка. Потоа се поздравија и другите меѓу себе. Тоа беше последно поздравување, последно свесно проштевање. Излегувајќи, Пингов уште еднаш се сврте. Кирков го наведна погледот. Остана одново сам. Излегоа на улицата и се разделија во разни правци. Орце и Шатев тргнаа по улицата кон банката, а тројцата – во спротивниот правец. Во собата, Кирков остана едно време недвижно загледан кон вратата, зад која исчезнаа фигурите на луѓето што беа тука пред малку, како да ги исчекува да се вратат. Навистина, како некој да чекореше зад вратата со меки, нечујни стапки. Потоа тропна вратата. Влезе стара жена, сета побелена во косите, собрани во зачувана фризура. — Вашите пријатели си заминаа, господине Кирков? — Да, сињора… – рече Кирков, издишувајќи се. — Некои од нив беа со багаж.. . Бездруго си одат дома? — Да, сињора … Си одат дома … – повтори Кирков и појде да ги собере од масата чашите и шишето. –Оставете! – рече жената. – Ќе суредам јас … Кирков ги погледа чашите како да ги гледа луѓето што малку пред тоа ги држеа в раце. Сигурно се уште топли од допирот на нивните прсти, помисли и усните несакано му се згрчија во тажна насмевка. –Нема ли да излезете, господине Кирков? Покладните веселби допрва почнуваат… Жената го гледаше како неодредено се мае по собата, така облечен и затуткан. –Ќе излезам, секако – рече тој и веднаш ја зеде шапката. Од вратата се сврте и додаде: – Ќе земам клуч од надворешната врата, сињора. Ноќеска сигурно ќе дојдам подоцна … Жената не рече ништо. Ги прибираше чашите, ги редеше столовите. Кирков излезе. XV Мечев, Илија Трчков и Пингов чекореа по улицата со куфери в рака. Празникот, Бела недела, навистина како допрва да почнуваше. Шарени и бучни карневалски групи секој час наидуваа и ја полнеа улицата со весела врева, музика, викотници. Тие, тројца незаинтересирани младичи со куфери, се пробиваа низ врволицата што ги запоседнала тротоарите и уличните премини, одејќи по својот пат. Наеднаш се најдоа опколени од карневалско оро околу нив; се обидоа да го пробијат обрачот, но тој сè повеќе се стегаше. Гледајќи ја нивната намера да излезат од кругот, маските намерно ги заплеткуваа во нескинлива мрежа од раце и тела, развиорени во игра. Мечев ги напна мускулите, со рамениците ги истурка оние што беа најблиску до него, отпорот намали, се направи премин. Другите двајца тргнаа по него. — Каде брзате вечерва? Останете со нас … – се обиде да ги задржи една маска. — Пуштете! – викна Мечев со намуртено лице. – Ќе ни избега возот! И веќе беше надвор од кругот. Зад него екна весела смеа. Мечев чу како некој таму рече: –Колку се сериозни. Како да ќе умрат вечерва ... На маскираните луѓе тоа им се стори духовито, сите брбнаа да се смеат, гласно и неусилено, што сета улица јачеше од таа смеа. Пингов подзастана на работ од тротоарот и против својата волја се сврте. Една девојка го поздравуваше со прсти. Тој се насмевна и £ отпоздрави. Девојката со маска одеднаш се одвои од групата, дотрча до него, го фати за раката. Го повлече силно, Пингов се опираше. — Остани барем ти со нас – викаше таа низ смеа, влечејќи го со сила. — Не можам! – се спротивставуваше Пингов. – Треба да одам на пат… — Еве, ќе те бакнам! – рече девојката и наеднаш, не пуштајќи му ја раката, со другата го прегрна преку вратот и го бакна. Тој ја погледа зачудено, устата му остана полуотворена од чудење и од влажниот топол допир на бакнежот. – Ајде! – го викаше девојката со очите што се смееја. –Не! Не можам! – скоро крикна Пингов. Девојката ја олабави раката, тој нагло ја истргна својата, но остана така да стои на работ од тротоарот. За тоа време Мечев беше запрел еден пајтон; двајцата, тој и Илија Трчков, веќе седеа во пајтонот и го чекаа. Пингов виновно погледа накај нив и со брзи чекори им се приближи. Девојката потрча по него. Го стигна токму кога стапнуваше со едната нога на платформата од пајтонот. –Тогаш земи го цвеќево, за да не ме заборавиш! – рече таа и со гласно смеење потрча да ја стаса својата група што се оддалечуваше по улицата. Пингов седна во пајтонот на седиштето спроти другите двајца, не осмелувајќи се да им погледа во очите. –Нешто многу те развеселија маскарине! – рече Илија Трчков смеејќи се и покажа со глава во правец на карневалската група. – Да не заборави каде одиме? Пингов ги собра веѓите. Го стегна куферчето со експлозив на своите колена со обете раце. Цвеќето што го држеше меѓу прстите од стисокот се згрчи и тој го пушти да падне на подот од пајтонот. –Не! – рече суво. – Не сум заборавил … Мечев само откосо, со нем прекор, го изгледа Илија, но не рече ништо. Молчеше повеќе од секогаш… На другиот крај од градот, по улицата што водеше кон „Отоман-Банк", одеа, како да се шетаат, полека, нога пред нога, Орце и Павел Шатев. Изгледаа навистина како луѓе излезени на прошетка. Беа обајцата со маска на спокојство на лицата; се загледуваа без љубопитство во минувачите. По улицата веќе ги палеа канделабрите, нивната синкава плинска светлина паѓаше врз лицата на луѓето и ги осветлуваше. Чекореа, без да разговараат; кажано беше веќе сè, се плашеа да не го нарушат со зборови она што во нив веќе се сталожува. Веќе стасаа до банката. Зградата светеше со прозорците, зад кои, во нејзините простории, гореа сите ламби. Орце несвесно подзастана, го извади часовникот. — Рано е уште … – рече како за себе. Потоа му се сврте на својот придружник. – Ти ќе одиш ли? — И јас имам уште време… – застана Павел Шатев. — Тогаш да се рашетаме уште малку по другана страна – рече Орце и тргна преку улицата. Павел Шатев нерешително го следеше. — Уште малку да помолчиме ли? – рече зад неговиот грб. Орце само го погледа преку рамото и не рече ништо. И пак чекореа замолчени, секој со себе, плашејќи се да се погледаат, да се допрат со рамениците. Улицата се разретчуваше со малку минувачи, кои забрзано ја напуштаа, но плочникот под нивните стапки, воздухот околу нив уште беше топол од живот. Орце еден момент ја почувствува таа жештина што му го задушуваше дишењето; со несвесен потег ја разлабави малку краватата околу вратот. Сега е сеедно, помисли. Од спротивната страна на улицата наиде пајтон. Поминуваше токму наспрема нив и тие во човекот што се возеше во него облегнат немарно на задното седиште го препознаа Кирков. Ги виде и тој. Со врвот од бастунчето го боцна коларот в грб; коларот се сврте не запирајќи го пајтонот. –Запри малку! – му рече Кирков и не чекајќи да запре пајтонот, скокна од него на плочникот и им пријде на другарите. – По некоја минута сè ќе биде в ред! Куќата ќе биде празна… – рече тој и уште еднаш се ракува со двајцата по ред. – Среќно, Орце! Среќно, Павле! –Среќно, Коста! – го поздравија и тие. Кирков се врати во пајтонот и веднаш продолжи по улицата. Орце и Павел Шатев исто така се завртеа во круг и тргнаа во правецот каде што отиде пајтонот, кон банката. На стотина метри од банката, во сенката од еден балкон, застанаа во исчекување, загледувајќи се повремено натаму. Пајтонот на Кирков, откако направи еден круг во дното на улицата, застана пред зградата на банката, каде што веќе стоеше еден друг пајтон. Го видоа Кирков како влегува во куќата, поздравувајќи го стражарот со симнување на шапката, потоа едно време ништо не се гледаше освен пајтоните пред куќата, стражарот и по некој редок минувач. На двајцата им се стори дека сето тоа долго трае. Одеднаш, прозорците од зградата на банката почнаа еден по друг да се гаснат; зад нив настана мрак, знак дека веќе нема никого. Тие се загледаа кон влезот во куќата. Оттаму најнапред излегоа директорот на банката и жена му, потоа Алиса и Кирков. Качувајќи се во пајтоните, младичот и девојката еден час се најдоа во снопот светлина од канделаброт што стоеше пред самата врата. Лицето на девојката беше светнато. Го гледаше со вљубен поглед и нешто весело му кажуваше на Кирков. Овој гласно се насмеа и неговата смеа се истури звучно во тишината на замрената улица. –Тој е роден под среќна ѕвезда… – рече Павел Шатев, гледајќи непрестано кон пајтонот што поминуваше веќе близу нив. – Му оди од рака и љубовта и … смртта.. . Орце ништо не рече, само го поттргна Павлета подлабоко во сенката, свртувајќи се кон ѕидот од куќата под која стоеја, за да не бидат забележани од луѓето што се возеа во пајтоните. Пајтоните веднаш одминаа. –Ајде, сега … – рече Орце, издишувајќи се длабоко. Му подаде рака на Павлета. Се ракуваа молчејќи. Орце полека тргна кон берберницата. Павел Шатев еден миг постоја на местото, гледајќи како Орце се оддалечува. – Па, среќно, Орце! – рече тој, но Орце не го чу – беше веќе достатно оддалечен од него. Павел Шатев се сврте на другата страна и зачекори по тротоарот. Не направи ни неколку чекори, кога далеку негде екна експлозија, ја почувствува нејзината сила повеќе по лесното потреперување на тлото под неговите нозе. Уличните ламби затрепкаа и угаснаа. Токму на време, помисли тој, застанувајќи. Се сврте и погледа низ улицата, кон банката. Низ мракот ја виде сенката на Орцета, како се прилепува кон ѕидовите, го виде стражарот пред банката што во тој момент беше свртен кон нив со грбот, и чекореше кон влезот во банката. Орце, изгледа, го искористи токму тој миг, кога стражарот малку се оддалечи. Со брзо движење, во еден миг, ја отвори вратата од берберницата и влезе. Од местото каде што стоеше, Павел Шатев го виде сето тоа. Постоја едно време, исчекувајќи. Стражарот ја продолжуваше својата прошетка покрај зградата. Добро е, не забележал ништо, помисли. Потоа и тој тргна по улицата. Во тој момент во ноќната тишина екна нова експлозија. XVI Полегнати на земја, во коритото на еден исушен јаз, со ред тополи покрај него, ги исчекаа експлозиите во фабриката за светлински гас. Зградата на фабриката уште при првата експлозија ја осветлија пламења, вивна во неа пожар и почна да ја осветлува околината. Тие, тројцата, се повлекоа уште повеќе во коритото од јазот. Екна нова, најсилна од сите, експлозија и низ пожарот се извиши остар столб од пламен и искри. Фабриката се уриваше со тресок, летаа гламни насекаде. –Тоа е последната! – викна Илија Трчков. – Тоа е онаа твојата, самоделската… – го сврте лицето кон Мечев, испотено и радосно. Пингов остана едно време со лицето речиси зариено во земјата, како што сите тројца на експлозијата брзо и инстинктивно се прилепија до меката и влажна земја пред нив. –Еј! – го тупна по рамото Илија Трчков, – Еј! – викна тој. – Цел ли си? Пингов го крена лицето, целото извалкано со земја, која се измешала со потта, со јадрите бразди пот по целото лице. — Што е со тебе? – рече Илија Трчков смеејќи се. — Ништо … – со тенок глас одговори другиот. — Како ништо? Си се исплашил . .. На Илија Трчков му светеа забите од насмевката што му се ширеше на лицето. –Не! – викна уплашено Пингов. –Си се исплашил… – гласно повтори Илија Трчков. Мечев го погледа прекорно. Наеднаш лицето му се стемни. Гледаше наоколу со неспокоен поглед, потоа го вкочани погледот во правец на Пингов. Младичот се поттргна исплашено малку назад. –Куферчето… – рече Мечев, земајќи здив. – Каде е куферчето со бомби? Пингов се собра. Очите му заиграа, гледаше брзо и ококоравено наоколу. — Не знам … – протепка исплашено — Каде е куферчето! – викна над него Илија Трчков, исправајќи се. –Ми паднало при трчањето… – крикна Пингов. И Илија и Мечев погледнаа нагло во правецот на фабриката. Тоа го искористи Пингов, скокна и се затрча. –Каде? – викна Илија и подаде раце да го задржи. Но младичот, наведнат, трчаше осветлен од одблесоците на пожарот. По малку време го видоа како се наведнува, зема нешто од земјата и веќе се враќаше, држејќи го цврсто во преграб куферчето. — Слушај … – рече Мечев веќе смирен. – Ќе му речам да си оди … — Зошто? – направи зачудено лице Илија Трчков. — Така .. . Не сакам да загине … Не треба да загине… Илија Трчков го погледа. Мечев имаше нешто тврдо и нежно на лицето истовремено. По обичај, Илија Трчков, сфаќајќи, го рашири лицето во насмевка. Кимна со главата и не рече веќе ништо, зашто веќе им се приближи младичот со куферчето в преграб. — Добро е… – рече Мечев поземајќи го куферчето. – А сега – бегај! — Каде да бегам? – праша младичот не сфаќајќи. — Каде сакаш. Само подалеку одовде… — Ама како … –Така. Беше решено да учествуваш само во минирањето на фабриката … Пингов трепереше возбуден и исплашен. –Освен тоа … – рече Мечев поблаго допирајќи го со рака по рамото, одошто младичот замиг се смири. – Освен тоа, решено е еден од нас да остане жив … Изборот падна на тебе … – Не! – крикна Пингов, не знаејќи да ли од радост или од страв. – Кој го реши тоа? –Ние. Сите ние – кружокот … Наблизу негде се чу коњски топот, на светлиот фон од пожарот се оцртаа фигури на коњанпци. –Турци! – извика Илија Трчков, залегнувајќи заедно со двајцата други. – Оди, Пинго! Не чекај .. . Младичот до него ги стискаше усните да не залипа. — Ама зошто јас . .. – рече со лицето в земја. — Бегај! Илија Трчков скоро насила го крена и го искошка зад себе. Младичот се затетерави. –Чекај! – го задржа Мечев. Од куферчето изваде две бомби и му ги подаде. – Земи . .. Да ти се најдат. .. Пингов ги зеде бомбите и отрча во мракот. Дури тогаш другите двајца се погледаа. –Добро сторивме што го пуштивме Пинго … – рече Илија Трчков. Како што лежеа, му ја пристегна раката на Мечев. – А сега, да ги поздравиме Турцине … Што велиш? Пред нив, околу фабриката што гореше, со разиграни сенки од црвените одблесоци на пожарот, се растрчуваа фигури на турски војници и полиција. Еден коњаник, полициски офицер, стоеше наблизу, свртен кон пожарот и со кратки команди ги распоредуваше луѓето – војниците и цивилите што се растрчаа да го гаснат пожарот. Мечев се исправи. — Онбаш-ефенди! – викна со силен глас. Офицерот се сврте. – Јас знам кој ја запали фабриката! — Кој? – се огласи офицерот, задржувајќи го коњот што поигруваше под него. — Дојди поблизу, ќе ти кажам! Офицерот се заврте со коњот еден круг и повти да тргне накај него, но сети опасност и нагло го запре. –Кажи оттаму, те слушам добро… Кој ја запали? Мечев виде дека исуканата сабја офицерот ја пренесе кон левата страна, ја стави во канијата. Во раката наеднаш му светна кубура. Мечев извика, засолнет зад стебло од топола: — Ние… Македонски патриоти! — Молк! – викна офицерот и истрела нагло, без нишанење. Мечев се наведна, во раката веќе му шиштеше заредена бомба. Друга бомба воспламенуваше Илија Трчков. –За Македонија! – викна Илија Трчков фрлајќи ја бомбата. Бомбата во широк лак се извиши и падна под коњот на офицерот. Тој не успеа да го збодне, нозете од коњот се сплеткаа, паднаа токму во моментот кога бомбата експлодира. Се измеша се, особено кога удри и втората бомба. Луѓето се разбегаа на разни страни, не знаејќи што станува. Мечев бргу го затвори куферчето и му даде знак на Илија Трчков. Наведнати, со долги претрчувања, тие се изгубија низ темнината, кон бавчите што почнуваа веднаш зад јазот. XVII На пристанишниот кеј не гореа ламбите, како и во целиот град, и заради тоа беше скоро пусто. Само, усидрен на стотина метра од кејот, светеше со прозорците од кабините еден патнички брод. Светлината поигруваше врз мирната вода од морето. На кејот, пред павилјонот за прием на патниците, се гледаше малечка група луѓе, патници, стража и службеници од бродската компанија. Со куферче во раката, во убав патнички костум, чекореше Павел Шатев кон павилјонот. Наскоро застана во редот на патниците што чекаа за преглед на багажот. Една исчадена петролејска ламба се нишаше закачена на греда, над самата маса на која службениците ги прегледуваа пасошите и патничките билети. Сенки постојано паѓаа врз масата, службениците секој миг се извикуваа на некого. Павел Шатев го спушти куферчето до своите нозе. Запали дебела цигара, пушеше со вид на трпелив, спокоен патник што го чека својот ред. Повлекуваше од цигарата поначесто и долго, плашејќи се да не му угасне, од устата го испушташе чадот и го растеруваше дувајќи во него, за да може да гледа пред себе, во лицата на луѓето што вршеа преглед, во стражарите под оружје, застанати од обете страни. Беше сиот напнат како да исчекува секој миг нешто да се случи. Редот пред него полека се поместуваше, се намалуваше. Тој одново го зеде куферчето, ја стегна неговата дршка со дланката и почувствува дека тој допир сосема го успокојува. Продолжуваше да смука од цигарата и да го растерува чадот. Сите патници пред него, најпосле, одминаа и тој се најде сам пред масата со службениците. –Пасошот, молам! – рече еден од нив. Тој го остави куферчето покрај себе, од внатрешниот џеб го извади пасошот и му го подаде без збор. Чиновникот го разлистуваше пасошот како да не знае да чита. — Име? – запраша. — Ѓорги Манас … – рече Павел Шатев мирно. — Професија? — Трговец. — Каде патувате? — За Марсеј … – рече Павел Шатев и се насмевна. – Чув дека таму портокалите се поевтини… Чиновникот провери во списокот на патниците и, не гледајќи во него, ја подаде раката. — Билетот! — Молам? – не дочу Шатев. — Билетот, реков … – крена очи чиновникот и нервозно го побрза со раката. – Ајде, нема да седиме цела ноќ овде… Тој му го подаде и билетот. –Од багаж што носите? Павел Шатев го крена куферчето. — Само тоа? — Да. Се враќам веднаш … — Отворете го! Шатев ја стави цигарата в уста, повлече од неа, држејќи ја со левата рака, потоа ја остави да му гори и чади во устата. Го потфати потоа куферчето со обете раце, го постави на масата за преглед, отворајќи го. Беше веќе однапред приготвен за тој миг. Куферчето стоеше отворено; на страната, свртено кон него, незабележливо наѕираше крајче од фитил, сврзан со двојното дно со динамитот. Тој полека ја зеде цигарата од устата, ја спушти надолу, така што беше близу до тоа невидливо парче фитил. Намерата му беше јасна: ако го откријат динамитот, ќе го запалеше! Цигарата чадеше полека, синкава, тенка кадела чад наидуваше оздола и му удираше право во носалките. Службеникот што го прегледуваше багажот, брцна со рацете по содржината на куферчето, ги преврте предметите во него, загледувајќи се во една книга што ја извлече под другите предмети за пат. Ја заврте во рацете, потоа ја разлиста незаинтересирано за нејзината содржина. — Што ќе ти го ова? – праша тој, загледувајќи го со здодевност патникот пред себе, неговиот елегантен изглед и бедниот багаж, што се наоѓаше во плиткото куферче. — За да ми биде покус патот … – рече Шатев со насмевка на лицето. — Друго нешто од багаж? — Тоа е сè што гледате. Павел Шатев го гледаше право во очите. – Добро –рече службеникот. – Можете да го затворите куферот. –Благодарам. Тој ги понамести предметите во куферчето и ги затвори. Потоа тргна од цигарата и за првпат повлече со сласт од нејзиниот чад. Ги прибра пасошот и билетот и тргна кон брегот. Еден чун со патници веќе заминуваше кон бродот. Друг, празен, стоеше врзан за колец и чекаше патници. Павел Шатев се наведна преку камениот кеј и му го подаде куферчето на човекот што стоеше во чунот; чунот лесно се лелееше на брановите и човекот стоеше расчекорен, одржувајќи така рамнотежа. Го подзеде куферчето со една рака и, изненаден од неговата неочекувана тежина, се занесе, за малку да падне, да го испушти од рацете. Сепак, некако се додржа. –Полека! – свика Павел Шатев уплашено подавајќи ги рацете кон него. — Тешко било, ефенди. Многу тешко … – рече човекот во чунот, сместувајќи го куферчето и подавајќи му рака и тој да слезе. — Ништо, ништо … – рече Павел Шатев влегувајќи во чунот. – Се исплашив да не се скрши нешто. Срча … – Тргај! — Нема ли да чекаме други патници? — Не. Павел Шатев му тутна во раката пари, овој задоволно ги премери во дланката, ги стави в џеб, го одврза чунот и бргу завесла кон бродот чии светлини се одразуваа во морето. XVIII Пингов трчаше низ бавчите, низ темнината, со сета сила, остриот ноќен воздух му го сечеше здивот; тој се засркнуваше, нозете му пропаѓаа во меката земја, се сопнуваа на грутките и корењето и секој час се залетуваше како да ќе падне. Зад него, далеку, одекнуваа експлозиите на бомбите, земјата потреперуваше од нив, а од пожарот достигаа јарки одблесоци до самиот него, речиси до неговите стапалки што сè повеќе одминуваа. Во рацете ги стискаше двете бомби, не чувствувајќи дека нивното порозно железо остро му се засечува во дланките. Кога, најпосле, сети дека достатно се оддалечил од местото каде што гореше урнатата фабрика, Пингов наеднаш стана свесен дека бега, дека тоа што го чини е бегање. Во трчањето, нагло сакаше да застане; од тоа се занесе и падна на земјата. Збивајќи звучно, остро, од што во грлото го забоцкаа рески, парливи болки, Пингов земаше стрвно воздух, со тупаниците цврсто забуцани во меката, лесно завлажена земја. Чувствуваше дека некаде внатре, во него, се крева една болна беспомошност, од која сето тело му вивна во жежок оган; тој ги закопа тупаниците во земјата и така остана недвижен долго време оставајќи се на тоа чувство на потполна беспомошност, од кое телото му гореше и стоеше недвижно и неспособно да стори ни еден друг напор, освен грчовито да се траќа по земјата под него. Потоа напрегнато слушаше; неколку истрели едноподруго, забрзано екнаа во тишината што беше настанала по експлозиите на бомбите. По нив, сè се смири. Пингов истрпна и нагло стана. Се исправи, застана и одново се заслуша, свртен кон далечниот пожар. Оттаму веќе не се слушаше ништо. И пламенот на пожарот како да стивнуваше, кругот од црвено небо беше смален, одблесоците сосема згаснати. Свршено е, помисли, наеднаш исплашен од тишината. Гледаше со вкочанет поглед низ мракот во тој правец извесно време, потоа ги стегна бомбите во рацете и тргна, замајан, натаму. Чекореше кревајќи ги високо нозете и стапнувајќи, така, од високо, со тап удар од стапалките врз земјата, несвесен и туѓ за сè околу него. По некој внатрешен, неодолив напор, што го влечеше натаму, Пингов се враќаше кон местото на пожарот, забрзувајќи ги чекорите се повеќе, додека едно време не потрча. Приближувајќи се, тој одново го забави одењето; зачекори претпазливо, наведнат во сенките и скриен во нив. Така навлезе во коритото на јазот. Пожарот пред него догоруваше, само мали пламенчиња чадеа по исцрнетите ѕидови и греди од фабриката; сс слушаше како таму клопоткаат садови, се слушаа гласови од луѓе што го гаснеа пожарот, плисок од вода. Пингов залудно ги бараше другарите. Мртви се, екна во него една мисла од која одново кожата му се наморничави. Ги побара со поглед нивните мртви тела по сета околнина; ништо не виде, само згустено тесто на мракот, во кое не се оцртуваше никаква фигура, освен поцрнетите сенки на стеблата и крошните од дрвјата. Пингов наеднаш почувствува дека истинува, како во него да нема ни капка крв. Но во истиот миг некаде екна бомба, па друга. Истовремено припукаа и пушки, ноќта наеднаш скипе од праскави шумови. Пингов се заслуша во нив со радост; потоа потрча во правецот откаде што идеа, како да се неодолив повик токму за него … Тоа не беа првите бомби што ги фрлија Мечев и Илија Трчков додека Пингов се оддалечуваше. Трчајќи по темните улици на предградието, штом ќе ја оставеа зад себе потерата, што ги следеше, тие ќе фрлеа по една бомба, свесно откривајќи го правецот на своето бегство. Улиците ечеа од експлозии и пукотници, за да не стивнат за подолго време. Луѓето бегаа, се засолнуваа, по куќите се гаснеа ламбите. Беше потполн мрак; двајцата атентатори претрчуваа од една улица во друга, разгонувајќи го мирот на ноќта со експлозии. Наеднаш, се најдоа на ширина, една пуста полјана од која се разгрануваа неколку улици. Сакаа нагло да ја претрчаат, но во истиот миг беа фатени во густа мрежа од пукотници. Потерата наидуваше зад нив. Двајцата се фрлија на земја. Првите бомби го запреа бранот на истрелите; Турците побараа засолништа. Мечев бргу погледа околу себе; близу до нив, во мракот, здогледа некакви урнатини. Отшрафи уште една бомба и со силно замавнување ја фрли меѓу војниците што претрчуваа зад аглите на куќите. –По мене! – викна Мечев кога удри експлозијата на бомбата, завиткувајќи ги Турците во прав и чад. Се исправи истовремено и се стрча кон урнатините. Држејќи се за левото рамо, Илија Трчков со искривено лице од болка се свлечка во урнатините. –Те удрија ли? – викна Мечев, наведнувајќи се над него. Илија Трчков го развлече лицето во насмевка. –Ништо … Само ме чешнаа по рамово … Со десната рака, сета крвава од допирот на ранетото место, зеде бомба, со заби го откина осигурувачот и замавна да ја фрли. Од замавнувањето, лицето му се згрчи. Бомбата направи малечок лак и падна на половина пат. Од експлозијата и двајцата беа засипани со земја. Мечев одново се наведна над него. Илија Трчков се држеше за удреното место, лицето му се грчеше од бес. –Ќе можеш ли .. . – му рече тихо Мечев. – Станувај! Низ урнатиниве ќе им се извлечеме … Илија Трчков го погледа како од далеку, не сфаќајќи што му зборува. — Не … – рече мрачно. – Доста е … Тука ќе ги пречекаме…. — Имаш право … – рече Мечев исправајќи се. – Време е … Приготви се, брат … Потоа зеде бомба и зачека, загледан во темниот простор пред себе. Сепак, можеше убаво да види: пред нив, недалеку, раширени во извиен, разретчен лак, настапуваа војниците. Илија Трчков застана покрај него; во раката држеше револвер. Истовремено, со бомбата што Мечев ја зафучи кон војничкиот строј, припука и тој. Со јаросно лице, замиг ги истресе сите куршуми, удирачот наеднаш заштрака на празно. Илија Трчков зачудено го погледа револверот во својата рака, потоа веднаш го фрли како опечен од вреното железо. Одеднаш се почувствува и самиот испразнет, не знаеше веќе што да прави со рацете и телото. Во него се крена едно диво, беспомошно напнување. Се исправи и со едно брзо движење на раката ги разголи градите. –Удрете, крвници! … – извика, стресувајќи го просторот со својот глас. Погоден, наеднаш се преметна назад и падна на грб, останувајќи така да лежи. Мечев се наведна над него. Илија Трчков лежеше мртов, со лице спрема темното небо. Тој тажно го погледа тоа големо, атлетско тело, испружено без живот во себе на голата земја. –Ме остави сам… – прошепоте Мечев, одвојувајќи се од мртвото тело на другарот. – А јас не сакам да бидам сам . .. Потоа ги пречекуваше војниците мирно, методично; чекаше да му се приближат достатно, ги фрлаше бомбите гледајќи низ чадот и прашината колкумина ќе паднат. Однекаде, зад куќите, се креваше месечината и наеднаш сета околина пливна во нејзината светлина, обилна и жолта. Ги осветли војниците, залегнати од последната експлозија, во исчекување; го осветли Мечев со последната бомба во раката. Бомбата не беше заредена, лежеше во неговата рака – обично парче студено железо. Мечев го загледуваше едно време со една необична нежност, потоа одново погледа кон војниците што се креваа од земјата и, полека, широко разгрнувајќи се, тргнаа кон него. Мечев ја зареди бомбата; таа зашиште во раката, но тој не ја фрли. Чекаше, синџирот од војниците наближуваше, беше скоро на досег од раката; нивните фигури се извишија наголемени над него, но тој ни тогаш не ја фрли бомбата. Шиштењето истече од неа и таа сподавено екна под него … Пингов стигна токму во тој миг, кога удри последната експлозија. Скриен во сенката од улицата, тој гледаше како се разретчува маглата од чад на полјаната. Војниците се поткреваа, тетеравејќи се, зашеметени од експлозијата; не знаејќи во кој правец да тргнат, се вртеа во круг, ранетите стенкаа и јачеа. – Обајцата се мртви … – чу како некој рече. Потоа, Пингов не разбра што станува со него. Беше свесен само дека одново чекори, одново чекори по улиците, одбирајќи ги нивните затемнети страни. Во рацете сè уште ги држеше бомбите; сеќавајќи го нивниот тврд допир, тој ги погледа со чудење, му се сторија непотребни, па, несвесно, ни самиот не знаејќи што прави, ги стави во џебовите. Во одењето, тие го удираа по бутините и од тој допир Пингов се чувствуваше нелагодно, како во џебовите да има по парче усвитено железо. Го печеше тоа, како што во целата внатрешност го печеше тешко, несносливо незадоволство со себеси, со своето тело што сега по улиците го носи една несакана навика. Навика да се живее, да се чекори . .. XIX Слегувајќи од пајтонот пред летната бирарија Алхамбра, Кирков се вслушуваше во далечните експлозии и во мислата со тага се проштеваше со оние што во тој миг први ја извршуваа задачата и загинуваа. Тлото под неговите нозе јасно потреперуваше, како да го потресуваат некои подмолни поместувања; од тоа, несакано, потреперуваше и тој, наеднаш обземен од возбуда што го палеше однатре со топли пламенчиња, од што почувствува дека телото му се покрива со тенка скрама од морници. Погледа над покривите од затемнетата улица; далеку, небото беше порабено со црвен круг што одвај видливо трепереше. Кирков нагло се сврте, стресувајќи го со тоа кратко, остро движење на главата сиот немир во себе. Од пајтонот слегуваше Алиса, насмеана и среќна. Тој £ подаде рака и £ помогна да слезе. –Не ли ви се чини, господине Кирков … – рече г. Ришар приближувајќи му се – … дека огнометот вечерва е пресилен? Кирков гласно се насмеа, трудејќи се да избегне секаква принуденост во гласот. –Знаете, како е .. . Празник, господине Ришар … Туку, во оваа земја толку многу се пука, што веќе тоа никому не му прави впечаток! Тој одново се насмеа, но во истиот миг виде дека госпоѓата Ришар го гледа со нем прекор во очите. –Ох! – извика Кирков, правејќи виновно лице. – Простете ми, госпоѓо! Сосема заборавив дека вие не ги сакате овие разговори .. . дури ни на шега … – Но, деца, влегувајте! – рече г. Ришар, фаќајќи ја под рака својата жена и поведувајќи ја. Летната градина светеше од многубројните ламби, закачени по стеблата на дрвјата и столбовите на павилјонот. На подиумот, под гранките на разлистен чинар, свиреше музика; гостите вревеа со измешани гласови и лица и се се стопуваше во шарена безобличност, од која на Кирков, во првиот миг, во главата му се замаја. Застанати на влезот, тие за час гледаа во таа шаролика маса. Но, веднаш потоа, на г. Ришар му пријде еден од келнерите. –Повелете! – рече тој поклонувајќи се. – Вашите пријатели ве чекаат, господине директоре. Потоа тргна напред, правејќи им пат меѓу масите и гостите што ги беа затвориле речиси сите премини. Наполно отсутен, Кирков седна на столот, определен за него, до него Алиса. Го забележуваше нејзиниот поглед на себе, се силеше да се насмевнува, но со ужас почувствува дека се повеќе го обзема една лута здодевност, дека во него пресушува, секаква желба да се преправа, дека не може да се владее себеси. Се исплаши од тоа и немирно зашара со очите, барајќи нешто кое ќе го одвлече. Над нивната маса, на столбот, гореше карбитна ламба; остар синкав пламен шиштеше од неа. Околу пламенот облетуваа мушички и ноќни пеперуги. Некои само кружеа околу пламенот од подалеку, други се обидуваа да застанат врз него, но со опрлени крила паѓаа надолу. Несакано, Кирков се насмевна. Глупава симболика, помисли и одново го сврте погледот, овојпат кон подиумот со музика. –Ти се допаѓа ли? – му рече тихо Алиса. Кирков неусетно се сепна. Слушаше расеано и го изненади нејзиниот глас. — Што тоа? — Музикава … – рече таа погледнувајќи го зачудено. — Ах, да… – рече Кирков со насмевка. – Чудесна е; Како приспивна песна за големи деца… – рече тој и се заслуша со наместена заинтересираност. – Коста! – шепна девојката по мала пауза. — Молам . .. — Што е со тебе? Кирков нагло £ го сврте лицето. — Ништо… – се силеше да биде насмеан. – Што може да биде … Слушам музика … — Ти ништо не слушаш … – рече девојката прекорно. – Ни мене … — Што ти паѓа на ум! – го повиши гласот Кирков. — Ти ништо не слушаш! – повтори Алиса. – Ти си овде со телото, но со духот си отсутен… Тој ги собра веѓите, веќе лут и готов да рече нешто остро и навредливо. Наместо тоа, само благо £ ја допра раката. –Не тревожи се … – рече тој тихо. Потоа се наведна кон неа и доверливо £ шепна: – Тоа е онаа моја проклета меланхолија. Ме походува дури и кога ми е највесело на душата … Потоа одново молчеа, a тој пак гледаше расеано околу себе … Сочувствувајќи му, девојката се трудеше да не го нарушува неговиот мир. Му беше благодарна што неусетно едно време неговото рамо се допра до нејзиното и така остана. Од тој топол допир девојката восхитено ги озари очите. Попусто Кирков се трудеше да владее со себеси, да издржи уште малку. Во.него одново зовре истата лута здодевност што го фати уште со влегувањето во градинава. Телото го зајаде. Безбројни боцки. Му стана топло на столот како да гори под него; тој нервно се завртка. — Што ти е, Коста? – праша девојката неспокојно. — Прости ми, Алиса … – рече Кирков со мирен глас. – Треба за час да те напуштам … Таа го изгледа долго и зачудено. — Треба да појдам до дома… – објасни тој. – Нема долго да ме чекаш. Само да земам нешто … — Простете ми, за момент! – рече Кирков станувајќи од столот. Никој од друштвото не рече ништо. Кирков одминуваше низ градината, кон излезот. Алиса неспокојно се сврте кон другите. Занесени во разговор, тие не ја забележуваа. Таа стана од столот и бргу тргна кон излезот. Кирков веќе одминуваше по улицата, темна и без луѓе. Изненадено, нагло застана кога чу стапки зад себе. — Коста! – викаше по него Алиса. Тој се сврте. — Што е? – рече тој, исчекувајќи ја да му се приближи. — Ќе дојдам и јас со тебе. — Што ти паѓа на ум! – скоро извика Кирков. – Ќе се вратам веднаш … –Ако … Сакам да дојдам со тебе .. . Го гледаше вљубено, право во очите. — Нема ли твоите да ни забележат? – рече Кирков, премислувајќи. Штом сакаш, помисли. — Сеедно ми е … – рече таа со шепот. — Добро тогаш … – рече Кирков и како да се одмаздува на себеси, ја фати под рака и ја поведе низ улицата… Во градината, изгледа, никој не го забележа нејзиното заминување. На подиумот играше ориенталска танчарка, го извиваше полуголото тело во такт со една меланхолично проточена мелодија; гостите, како наеднаш опиени, молчеа, сите погледи беа управени кон тоа тело во помамна игра. Никој не забележа дека во градината влезе вооружена полициска патрола, се приближи до подиумот со музиката. Наеднаш музиката секна, танчарката, со рацете извишени и скрстени над главата, направи уште некои движење на празно, потоа и таа нагло престана да игра, отпуштајќи ги рацрте низ телото и погледнувајќи зачудено кон музикантите. Од градината се разнесоа протести, некој шумно свиреше со уста. Кон полицајците пријде стопанот, тие нешто му шепнаа, потоа тој се качи на подиумот и, кревајќи ги рацете, почека публиката да се смири. –Многу ми е жал … рече тој во тишината што настана – … што ќе ја прекинеме оваа пријатна забава… Извици на негодување го прекинаа, но тој одново ги смири гостите. –Овој час претставниците на власта ме известија дека градов е нападнат од непознати терористи. Полицијата ви препорачува да се приберете во своите домови и да зачувате ред и спокојство … Гостите изненадено занемеа. Потоа се чу како почнаа да се разместуваат столови; панични гласови и извици се издвојуваа од општата врева. — Алис! – извика уплашено госпоѓата Ришар, забележувајќи го со ужас нејзиното отсуство. – Алис! Каде е Алис! – заплака, избезумено фаќајќи се за лицето. — Успокој се, драга … – ја фати за рацете г. Ришар. – Таа е со господин Кирков. Се надевам дека ништо нема да £ се случи… Гостите се растураа во неред; г. Ришар ја поведе жената кон излезот, ја седна во пајтонот и му рече на коларот да вози дома. XX Чунот со Павел Шатев се приближуваше кон бродот Гвадалкивир што стоеше усидрен во морето, на стотина метри од кејот. Од палубата, спрема пристаништето, беа спуштени подвижни скали по кои се качуваа патниците; една ламба одозгора им го покажуваше патот со треперлива светлина, што играше по водата, создавајќи издолжена сенка од бродот и од луѓето што поминуваа покрај ламбата. Чунот сосема се доближи до бродот, со веслото се потпре во скалите за да не удри во нив, потоа веслачот се фати за нив со раце и го заврте чунот со страната. Павел Шатев се качи на првото стапало, внимавајќи да не го испушти куферчето што го држеше во едната рака; со другата се придржуваше за скалите и се качуваше по нив полека, со напон на целото тело штом под ногата ќе сетеше цврсто тло. Еден морнар горе подаде рака за да го поземе куферчето, но Павел Шатев, со лесно поттргнување на раката со куферчето, откажа помош и сам се префрли преку последното стапало. Не испуштајќи го куферчето од раката, тој го извади со слободната рака билетот и му го покажа на офицерот што стоеше под ламбата. –Единаесет! – рече тој и му го врати билетот. Потоа му даде знак со глава на морнарот да го одведе во кабината. Морнарот одново се обиде да го земе куферчето, но Павел Шатев, со насмевка на лицето, и овој пат откажа: –Благодарам, не треба … Ќе го понесам сам, не е тешко… Морнарот рамнодушно го погледа и тргна пред него. Останувајќи сам во кабината, Павел Шатев најнапред ја заклучи одвнатре, издишувајќи се олеснето за првпат откако беше застанал пред павилјонот за прием на патниците. Куферчето лежеше врз постелата во кабината; погледнувајќи го, лицето му се рашири и несакано во насмевка. Го соблече палтото и го ртави на закачалката зад вратата. Бавно, без брзање, како да врши некоја обична, навикната работа, ја разгледуваше кабината. Беше еден малечок простор во утробата на бродот со неправилни геометриски форми, со многу агли и издадени парчиња, што не можеше да се разбере зошто служат. Тој побара меѓу нив со раката некој отвор, но отвор немаше. Во недоумица, Павел Шатев се сврте кон малечкиот, тркалест прозорец. Низ него, на светлината, одблескуваше водата од морето; морето беше под самиот прозорец и водата удираше, при враќањето на брановите што се одбиваа назад, во трупот од бродот. Останувајќи така еден миг, како да премислува што да стори, тој наеднаш направи едно нагло движење кон куферчето што лежеше на постелата. Го отвори, потоа ги извади сите предмети од него. Со едно посилно тргнување го откорна дното; под него се наоѓаше експлозивот. Беше здиплен во мали калапи, изврзани меѓу себе со фитил – една низа од парчиња налик на појас. Тој го раздипли, проверувајќи ги врските; потоа си го превитка околу половината, прикрепувајќи го убаво на себе со коланот. Преку него одново го облече палтото. Се погледа од сите страни! – не се познаваше ништо, широкото и долго палто го покриваше експлозивот. Успокоен, Павел Шатев излезе од кабината. На палубата веќе ги привршуваа последните потготвувања за тргнување на бродот. Скалите беа повлечени, последните патници веќе беа на бродот. На пристаништето, под ламбата што се нишаше пред павилјонот за прием на патници, беше пусто. Испусуен изгледаше и градот, со мрачни улици, само прозорците од куќите светеа и сето тоа, – покривите засечени во небото, куќите потонати во мракот на улиците, – изгледаше како да се наоѓа среде морето, како морето таму да нема брег, како да се тоа таму само светлини од еден друг брод, исто така закотвен на отворено море. Далеку удираа подмолни татнежи; Павел Шатев ги слушаше и знаеше дека се тоа бомбите на неговите другари. Тој ги слушаше, како да ги пребројува. Кога престанаа, тој зачекори по палубата. Почувствува наеднаш дека под него нешто се затресе, почна да ѕуни тивко и рамномерно; тоа машините беа пуштени во дејство. Откај предниот дел зачкртаа синџири. Бродот ја креваше котвата. Павел Шатев, како да се рашетува, направи еден круг по палубата. Низ еден отвор ги виде машините, нивното забрзано движење. Се загледа еден миг втренчено во нив, па веднаш продолжи; по палубата сè уште сновеа морнари. Завртувајќи од другата страна, тој слезе во малечкиот салон со бифе. Пристапи кон шанкот и нарача коњак. Чашката со пијалок поигруваше на шанкот од шумот на машините. Павел Шатев ја зеде меѓу прстите, отпи од неа една голтка, чувствувајќи дека пијалокот веднаш го загрева одвнатре. Во салонот имаше малку луѓе. Еден малечок човечец, со живи движења, пиеше покрај него, крај шанкот, брзо искапувајќи ги чашите наеднаш, како да гасне некоја непреодолива жед. Лицето му беше црвено, спотнато. Кога Павел Шатев се приближи кон шанкот, тој дружељубиво му се насмевна. За сето време му се приближуваше неусетно, кревајќи ја чашата како да му наздравува. Павел Шатев му сврте грб, божем гледа нешто во спротивниот агол. Бродот во тој миг се затресе посилно, потоа одново се чу рамномерниот шум на машините. – Тргнуваме! – рече на француски човекот покрај него. Шатев се сврте, изненаден од близината на овој човек, сега застанат непосредно покрај него; рамото скоро му се допираше до неговото. – Да се напиеме, господине, уште по една за среќен пат! – го канеше тој со лице исклештено во пијана насмевка, покажувајќи на празната чаша пред Шатев. Беше веќе пијан и Павел Шатев сакаше грубо да го одбие, чувствувајќи се нелагодно од неговата натрапливост, но лицето на пијаниот оддаваше една мека добродушност, така што и без да сака се насмевна. — Благодарам … – рече Павел Шатев, покривајќи ја својата чашка со дланка. – Мене ми е доста една… — Ве молам … Човекот направи такво лице, како од тоа да зависи нешто судбоносно, што него го натера одново да се насмевне. Престана да се опира, ја ослободи чашата. –Не знаете вие, господине мој, што значи за мене овој час! – рече тој патетично. – Ја напуштам оваа земја … Засекогаш! Беше загледан во оној правец, каде што остана брегот. И како да изгорува во себе некое тешко сеќавање, ја испи чашата наеднаш, како и сите други пред тоа. — Бизарна земја… – рече со презир на лицето, искривено од испиениот алкохол. – За ништо на светот не би се вратил во неа… — Зошто? – заинтересирано праша Павел Шатев. Чашата со пијалок стоеше пред него, на шанкот, негибната. — Чув страшни работи… – рече пијаниот, наведнувајќи се кон него со доверливост. – Македонските комити, господине … сте чуле веројатно за нив... се приготвувале за масакр! Ќе слезат од планините и ќе стават под нож се живо… Ужас! Бизарна земја, ви велам… Павел Шатев почувствува дека во утробата му се смачува. Не знаеше дали од тресењето на бродот или од ова смешно и налудничаво, пијанско дрдорење на човекот. Се исправи, сиот наежен. –Нели ви се чини дека преувеличувате? – рече гледајќи го остро под веѓите. Пијаниот човек мавна со раката. –Ах, не знаете вие ништо, мој господине… Не знаете вие какви работи стануваат во Турција. Вие сте, бездруго, странец, како мене … –Не! – викна Павел Шатев остро. – Јас сум син на оваа … бизарна земја! И, плаќајќи го својот коњак, го погледа одвисоко и презриво, па со крената глава го напушти салонот. Пијаниот остана еден час подзинат, не сфаќајќи; потоа ја здогледа неиспиената чаша со пијалок пред себе. Стрвно ја испи, мрморејќи нешто неразбирливо. Павел Шатев одново се најде на палубата. Бродот беше во движење и свеж повев му удри по лицето. Полека, бродот се оддалечуваше од брегот; тоа се гледаше по згустувањето на светлините од куќите, како што се приближуваа една кон друга, така се стопуваа, за да станат наскоро само еден притулен блесок во далечината. Палубата беше наполно празна, без луѓе. Шатев брзо зачекори кон другата страна. Крај она место, откаде што се гледаа машините во движење, застана. Беше задишан и направи еден свесен напон да се смири. Се заврте на сите страни. Немаше никого. Бргу го симна појасот со експлозив, го тутна во еден отвор со куп исплеткани синџири. Едниот крај од фитиљот го извлече. Потоа бргу се тргна, затоа што му се стори дека некој наблизу чекори. И навистина, од другата страна наиде еден морнар. Одеше право кон него. Павел Шатев спокојно извади цигара, стоејќи потпрен на оградата, како да гледа во морето, облеано со месечина, чие усвитено колце се креваше зад градот. Кога морнарот наближи, тој се сврте. Држејќи ја незапалената цигара меѓу прстите, тој го запре морнарот. — Ве молам… – му рече тој покажувајќи на цигарата. – Имате ли оган? — Да, господине! – рече морнарот и му ја припали цигарата. — Благодарам … – рече Павел Шатев со цигарата в уста. Морнарот, поздравувајќи, одново се оддалечи. Павел Шатев почека да завие зад аголот, потоа тргна од цигарата неколку пати. Жарчето нејзино вивна и тој бргу го принесе кон фитиљот. Фитиљот загоре брзо и шиштаво … XXI Пингов талкаше низ ноќта по улиците на градот, без цел, без одредена мисла во себе. Месечината ги осветлуваше улиците и тој беше свесен дека треба само да ја избегнува нејзината светлина. Се припиваше кон ѕидовите од куќите, во сенките, менувајќи го постојано правецот на чекорењето штом ќе види некаде луѓе. Чувствуваше дека сè повеќе го обзема паника од пустотата што се отвораше во него, од бездното што зинуваше само од едно прашање, ужасно и неумоливо, од кое во главата му шумеше крвта, а телото се зашеметуваше, се занесуваше; за да не падне, тој се придржуваше за ѕидовите од куќите, чувствувајќи дека тој случаен, инстинктивен допир го одржува во свест, па може да чекори и да остане исправен на тлото. Каде? Каде? … Бучеше во него тоа прашање без одговор. Одговорот би бил мошне лесен – му светна во умот замиг – кога самиот би знаел што му претстои. Пред малку кога ги чу пукотниците и експлозиите, му се чинеше лесно да се определи; тој трчаше кон нивниот зов, за да им се придружи на другарите, во рацете цврсто ги стискаше бомбите, мислеше дека ќе може, без отпор во себе, без премислување да ги фрли а потоа да ги пречека куршумите во своето тело, исто онака како што ги пречекаа Илија Трчков и Мечев… И токму кога тоа требаше да се случи, кога тие загинуваа, Пингов со ужас во себе почувствува дека тоа не може да го направи, дека рацете му се скочанија и тој не можеше ни да ги помрдне. И сега, криејќи се во сенките, веднаш стана свесеи за тоа дека и другарите знаеја за неговата слабост, та заради тоа и го ослободиле од обврската да загине. Чувствувајќи, наеднаш дека, од таа помисла му исчезнува сета крв од лицето, Пингов подзастана; во него се побуни нешто против тоа, не, не сакам никој да ме сожалува, помисли, не сакам никој да ми го подарува животот. И, како да спори со некого во пустата улица, тој остро се загледа пред себе и замавта со раката. Потоа нагло и со една очајна решеност, се одлепи од ѕидот и зачекори по средината на улицата, осветлен од месечината, исправен. Рацете ги стави в џеб, прстите грчевито се вчепкаа за студеното железо на бомбите; одеше брзо, напрегнато, како да се приготвува за скок. Далеку, во дното на улицата, се покажа патрола. Пингов, несвесен ни сам што прави, веднаш, со еден скок, се припи кон сенката од ѕидот. Срцето му затупка препалено; тој задиша побавно, се смири и зачека. Патролата наидуваше право кон него, ги гледаше фигурите на војниците како се наголемуваат, почувствува дека без страв го исчекува нивното приближување, дури и рацете без отпор ги стискаа бомбите во џебот. Гледаше без трепнување во нив, веќе сигурен дека ќе ги пречека. Но, на распаќето од улиците, далеку од досегот на неговата решеност, војниците застанаа, погледаа на сите страни, потоа свртеа во напречната улица. Пингов одново сети дека се во него се отпушта, ги извади рацете од џеб, овлажени од пот; тие млитаво му паднаа низ телото. И пак одеше по улиците, криејќи се, забрзувајќи го чекорот заедно со мислите што наеднаш трескаво му се развражија во свеста. По едно време потрча; во носалките остро го почувствува воздухот. Трчаше, потоа малку подзастануваше и одново трчаше. Стигнувајќи до улицата во која се наоѓаше, летната бирарија Алхамбра, Пингов го забави трчањето, потоа полека зачекори приближувајќи се претпазливо покрај куќите. Градината беше во мрак, со столовите оставени во неред. Пингов погледа низ оградата: неколкумина од послугата набрзина ги суредуваа столовите, тропајќи со нив во темнината. Гледаше еден час, како во себе да таи надеж дека ќе го види она што го бара, но попусто, немаше никого и нему му се стори дека од градината вее некаква пустелија, како од гробишта. Разочаран, со малодушно, испразнето срце, продолжи колебајќи се на која страна да појде. Во тој миг, откај пристаништето се разнесе експлозија; тој побрза натаму, слушајќи како низ ноќта тревожно вие бродската сирена… Недалеку од пристаништето, на отворено море, гореше бродот Гвадалкивир. Пламенот се извиваше над него, осветлувајќи го. Луѓе трчаа кон пристаништето и застануваа на брегот да гледаат. Пингов се замеша меѓу нив. Од брегот заминуваа чунови кон бродот што гореше. Пингов ги слушаше возбудените гласови околу себе, а истовремено гледаше во правец на запалениот брод. Таму, на пламенот, се забележуваа силуети на растрчани луѓе, го гаснеа ли тоа бродот или луѓето бегаа во паника, од брегот не можеше да се распознае. Само пламенот сè повеќе се ширеше. –Место! Направете место… – викаше некој од чуновите што веќе се враќаа со првите спасени патници од бродот. Еден чун пристана и од него почнаа да искок- нуваат луѓе со испотени и исцрнети лица и се втурнаа меѓу оние што стоеја на брегот. Пингов почувствува дека го занесе масата што се тргнуваше назад за да им отвори пат на бродоломниците. Го истуркаа и тој остана во задните редови. Се подигаше на прсти, над главите од луѓето, но постојано го туркаа и тој не можеше убаво да им ги види лицата. –Сите се спасени … Успокојте се, дајте пат… – рече еден морнар, притерувајќи го чунот кон брегот. Потоа наиде кордон полицајци; се растрчаа и почнаа да прават ред. Истиснат, Пингов се најде далеку назад; не можеше веќе ништо да види … Одминуваше полека по плочникот, со нов немир во себе. Виењето на сирената престана, зад него шумеа неразбирливи гласови, пламенот од бродот што гореше трепереше со сенки по пристанишниот плочник. А после, исчезна сè. Остана пак сам со себе, со немирот што го понесе во ноќта, по темните неизвесни врвици на ноќта. XXII Полна месечина ја осветлуваше собата и во неа јасно се распознаваа сите предмети; светлината течеше низ отворената балконска врата како река и проникнуваше во секое катче. Застанат во рамката од вратата, Кирков мирно пушеше и се загледуваше со утешна радост во светлото небо на кое ѕвездите се ронеа во прашина и како да паѓаа врз него, во мирот на месечевата ноќ во која, како во тиха река, потонуваше се околу него, и самиот тој се предаваше на нејзините невидливи струи да го носат. Да го носат во мир. Во заборавање. Чувствуваше дека во него е прекинат секој отпор и дека сега може спокојно да го исчека својот ред во смртта, исто онака како што таа ноќ заминаа на умирање другите, чиј топол здив до пред малку уште го сеќаваше во собава. Зад него, во собата, на диванот лежеше таа, Алиса. Една жена, полна со дарови на љубовта. Низ собата се носеше здивот нејзин, искинат и притаен, во претчувствување на таа љубов што сакаше да ја даде и да ја прими; свртен со грб, Кирков знаеше дека таа го гледа, дека го повикува нејзиниот поглед, дека подотворените усни тихо потреперуваат. Но Кирков стоеше недвижен во рамката од балконската врата и само неговата фигура се оцртуваше, остро и јасно, во светлиот квадрат, фигура на човек што веќе го нема, недопирлив за сè, освен за тоа радосно чувство дека сè е свршено и дека сè ова околу него, со тврди форми и рабови што може да се допрат со прст и да се почувствува нивната материјалност, веќе се губи, исчезнува и го остава своето место на меката ѕвездена прашина што се рони од небото и што паѓа право во него, во тој човек застанат на вратата, и самиот веќе по малку нестварен во светлината на месечината. Се губи веќе и претставата за времето; трае ли тоа само еден миг во кој, нагло и секавично се сознава сè, за цел живот, сега пред лицето на смртта, или тоа во него тече времето, минути и часови во последна пресметка со сите отпори на телото и свеста, сега веќе скршени во него засекогаш. Не мислејќи веќе ништо, тој се сврте, без контрола на волјата, махинално. Алиса потрепери од надеж. Лежеше на диванот, свртена кон Кирков и го гледаше со насмевка на лицето. Дојди, повикуваше нејзиниот поглед. Те љубам, Коста. Подотворените усни тихо потреперуваа. Ме љубиш ли и ти мене. Се набра нејзиното чело. Кирков ја бакна во мислите во вратот, блеснат на месечевата светлина, под растурените бранови коса, што исто така светеше со златест сјај на месечината. Почувствува истовремено дека на лицето му застанува насмевка. Таа го прими со стрвна радост и одново се отвори нејзиното убаво лице. Те љубам, Алис. И јас те љубам. Екна во него без глас. Од тоа нешто се собра во него. Тој го наведна погледот. Погледај ме, Коста. Молеше девојката. Не се ова веќе нашите необврзни шеги. Да, рече тој во себе. Играта е свршена. Но, во животот, за жал, и играта обврзува. Кирков одново се сврте кон балконскиот отвор, нагло и остро. Во тој миг зад себе чу шум; знаеше дека таа станала и му се приближува со меки стапки. Не се сврте, остана така неподвижен, со челото набрано во намуртеност. Треба со тоа да се сврши, помисли и со решеност ја зачека девојката да му се приближи сосема. – Зошто молчиш, Коста? Само молчиш и гледаш низ вратата… – рече таа застанувајќи покрај него. –Доцна е… – рече Кирков, свртувајќи и го лицето. – Би требало веќе да се вратиме. Твоите може сешто да помислат… — Не… – рече таа бргу. – Толку ми е убаво со тебе… – рече со нежно умилкување Алиса и му се внесе со лицето в лице. Градите и се допреа до неговото рамо, тој почувствува дека срцето забрзано £ затупка, по лицето го опрли нејзиниот врел здив. Несвесно, Кирков полека се поттргна од неа, но тоа излезе грубо, таа го сфати како одбивање и направи тажно лице. — Навистина треба да одиме, Алис! Кирков благо ја пофати за надлактицата; девојката трепереше, гледајќи некаде настрана. И, само што сакаше да ја поведе, негде близу удри екеплозија. Прозорците се затресоа од неа и Кирков бргу истрча на балконот. Откај пристаништето тревожно засвире сирена од брод, удираа ѕвона; потоа таму, зад покривите од куќите, заиграа одблесоци од пламен. –Што се случило? – запраша Алиса исплашено, пријдувајќи му. Тој стоеше потпрен на балконската ограда и гледаше во правец на пристаништето. –Пожар… – рече Кирков мирно. – Изгледа нешто се запалило на пристаништето … По улицата веќе трчаа луѓе. Ноќта се наполни со тупот на чекори и викотници. По куќите се отвораа врати, прозорци, се нагроздуваа по нив сонливи, неспокојни глави. Во дното на улицата наеднаш наиде голема група војници, ја заградуваа улицата и ги растеруваа љубопитните минувачи што трчаа кон пристаништето. Пред нивните исукани штикови, луѓето се повлекуваа. Кирков се тргна од балконот и влезе во сoбата, повлечувајќи ја и Алиса по себе. Стоеше еден миг среде собата, премислувајќи. Неколкупати ја погледа тревожно девојката покрај себе, очите немирно му заиграа по сите катчиња од собата. Девојката исплашено го следеше, сознавајќи го наеднаш неговиот немир. Одеднаш, тој £ пристапи, ја фати за рацете и, поведувајќи ја, седна на диванот. –Слушај ме добро, Алис… – рече тој со сериозен глас, гледајќи ја еден миг во очите. – Слушај ме добро и биди послушна. Јас треба сега да излезам … Ти ќе останеш овде да ноќеваш … — Зошто тоа? – извика девојката, станувајќи. Во очите £ светна препаленост. — Така треба… Не прашувај, тоа е најдобро за тебе… Алиса одново затрепери. Погледа кон отворениот балкон, наслушувајќи; од улицата се слушаа викотници и свирежи. — Боже мој! – извика девојката, свртувајќи го погледот кон него. – Што станува ноќва во овој град?… — Утре сè ќе разбереш, Алис… – рече Кирков со тврда решеност. – А сега те молам, послушај ме… Изгледаше дека таа веќе престана да дава отпор кога одново ја седна на диванот. Девојката седна изгубено, со наведната глава и поглед закован во подот. Кирков постоја еден миг покрај неа, потоа со сигурен чекор отиде во другиот крај од собата. Го соблече палтото, потоа отвори едно куферче, извади пиштол во футрола со прерамка, го намести преку рамото и одново го облече палтото преку него. Свртувајќи се, виде дека таа го гледа со ужас во очите, вкочанета на диванот, со крик застанат во грлото. Тој мирно продолжи да се приготвува. –Што ти е тоа, Коста? – се откина од неа крикот. Стана и бргу му пристапи. Кирков го затвораше куферчето клекнат на едното колено и, преку неговото рамо, таа можеше да ја види содржината на куферчето: бомби и некои парчиња со неодредена боја и форма, изврзани меѓу себе со жица. – Што си намислил ти? –викна таа, внесувајќи му се во лицето. Кирков спокојно ја задржа со раката, потоа стана, држејќи го куферчето во раката. — Ти реков – подобро е да не прашуваш… – рече мирно. — Каде ќе одиш… со тоа? … – рече таа, гледајќи вкочането во куферчето. — Таму, каде што ме води мојот долг! – рече Кирков тврдо. – А ти остани овде … Остани овде и … чекај ме … – рече за да ја утеши. — Не! Не останувам без тебе! — Прибери се, Алис! Ти не знаеш што се случува ноќва. — Знам само дека ти си во некоја опасност и не те пуштам никаде… Кирков нервозно си ги загриза усните. Во него зовриваше лутина и неспокојство. Чувствуваше дека треба да стави крај на сето ова. Безогледно, макар. Без сентименталности. — Дури и ако ти кажам каде одам? – рече тој како да се заканува. — Ни тогаш. Не, ти не смееш… — Тогаш чуј… Го ислуша со отворена уста, во која занемеа сите крикови што ги чувствуваше како навираат во неа. Потоа залипа, горко и неутешно, без глас. Кирков ја остави да се исплаче, гледајќи ја мирно во рамениците што конвулсивно £ се потресуваа. Потоа малку се смири. Со очи премрежени од солзи го погледа како од далеку. –Боже, какво безумство! Какво безумство… – рече со очај. И, наеднаш, како допрва да станува свесна за сè, таа стана и се обиде да го фати за рацете. Тој благо £ се истрга. – Не, ти не смееш тоа да го сториш… Не смееш да умреш … Во себе, без тага, Кирков горко се насмевна. Кој ќе ме попречи во тоа, помисли. Никој. Ни ти, една жена полна со љубов. Ни сите добрини на светот. Има многу причини за живот, рече во себе. Само една е за смрт. И таа е посилна од сè. — Не труди се, Алис! – рече мирно. – Акцијата е веќе во тек. Моите другари се мртви. Редот е сега на мене… — Не, не, ти не смееш да умреш… ти не смееш да умреш … – повторуваше девојката, паѓајќи одново во липот. — Кој ќе ме попречи во тоа? – рече Кирков гласно. –Јас… – рече таа и се обиде да го прегрне. Лицето му се навлажи од солзите нејзини. Истргнувајќи се од нејзината прегратка, Кирков го избриша со рака нивниот траг. – Јас не те оставам да умреш… – повтори девојката очајнички. – Коста, не оди… Не оди… Липајќи, таа премалуваше, губеше свест. Кирков почувствува дека телото £ се отпушта во неговите раце, дека главата £ паѓа настрана. Тој ја крена на раце и благо ја положи на диванот. Девојката лежеше со заклопени очи, дишејќи разбурено, градите £ се креваа и спуштаа. Кирков постоја еден миг, потоа нагло решен, излезе од собата… Алиса полека ги отвораше очите. Во мракот што се раствори пред нив, почувствува дека е сама во собата. Изрипа исплашено. –Коста! Коста! – викна со шепот и веднаш стана свесна дека тој е веќе отиден. Зачас се најде на улицата. Истрчувајќи од вратата, таа подзастана премислувајќи во кој правец да тргне. И веднаш виде: кај пристаништето сè уште гореше небото од пожарот, се слушаа од таму тревожни гласови. Без двоумење потрча натаму. Трчаше по пустата улица, сепнувајќи се, а низ лицето £ течеа бразди од солзи. Капната од умор и возбудување, едно време се затетерави и, за да не падне, се придржа до ѕидот од една куќа. Дишеше шумно и не можеше да продолжи ни еден чекор повеќе. Се држеше само за ѕидот и липаше. Наеднаш, една долга и татнежлива експлозија ги затресе куќите околу неа, потоа долго, подмолно ечеше под земјата. Алиса се заслуша во нејзиниот татнеж. Доаѓаше од градот, од спротивната страна. Со последни сили, побрза натаму. XXIII Кога влезе во берберницата, Орце бргу ја заклучи вратата зад себе и едно време застана така да наслушнува. Но, надвор остана сè мирно и непроменето, никој не поминуваше по улицата, само рамномерните стапки на стражарот пред банката ја нарушуваа тишината. Низ една пукнатина на вратата, Орце го виде стражарот како одново шета пред влезот во зградата, не гледајќи на оваа страна од улицата, на која се наоѓаше берберницата. Олеснето, Орце здивна, сфаќајќи по тоа дека ни стражарот, ни некој друг, не го виделе неговото влегување. Во берберницата беше темно, но тој не запали никаква светлина. Се провираше меѓу столовите претпазливо, за да не турне нешто и со тоа да го оддаде своето присуство. Во тесната, затворена просторија беше топло и задушно; Орце почувствува дека непријатно го запечува во грлото застојаниот воздух, па се расоблече и остана само по кошула. Палтото го префрли преку еден стол, откако пред тоа извади од него кибрит и цигари. Една неодолива желба да пуши го обзеде наеднаш и тој се заврте околу себе. Низ пукнатината од вратата во берберницата паѓаше една коса шурка светлина од месечината; по тоа Орце сфати дека светлината од цигарата може да проникне надвор и да го издаде. Полека, со цигарата меѓу прстите, тој отиде зад параванот и тука, свртен со грб спрема вратата криејќи го пламенот од кибритот меѓу дланките, ја запали цигарата и почна да пуши, страсно и длабоко вовлекувајќи го во себе чадот. Наедно со задоволувањето на жедта по цигара, што го гореше во душникот, Орце почувствува дека низ сета внатрешност му се разлева една сигурност во себе, од која на лицето, озарено со црвениот сјај на жарчето од цигарата, му се затегнаа сите мускули во спокојно исчекување на она што требаше да го изврши само по некој миг. Посака уште еднаш да се провери. Тргна од цигарата уште еднаш, правејќи со нејзината црвена светлина еден сјаен круг; притоа, истовремено, ги рашири сите прсти од слободната рака пред светлината. Ги држеше едно време, непрестано осветлувајќи ги, потоа задоволно ја спушти раката, прстите не му трепереа и тоа за него беше знак дека и телото веќе е мирно и послушно ги следи сите движења на свеста. Цигарата бргу догоре, исцицан беше од неа сиот благотворен сок. Тој ја изгасна, згазувајќи ја на подот со нога. Потоа бргу го отвори подрумскиот капак и слезе по скалите. Долу беше уште потемно, но тука можеше да запали светлина без опасност дека таа ќе проникне надвор. Чкртна кибритено чкорче, неговото синкаво пламенче тешко се одржуваше во згустениот, мемлив воздух, неколку пати му се изгасна, но најпосле успеа со него, покриено со дланката, да се доближи до отворот на ископаниот канал. На една греда најде свеќа и ја запали. Светлината падна на местото што го бараше, каналот со неколку долги врвки од фитиљ, прикрепени на гредите и протегнати во темната длабочина, до чиј крај не можеше да допре слабата и трепкава светлина на свеќата. Орце ги фати нивните крајчиња и, клекнат на колена, ги разреси, за да горат полесно. Потоа мирно и без возбудување, како да врши нешто сосема обично и секојдневно, им ја приближи свеќата и сите почнаа да горат бргу и со шиштење. Едно време го гледаше нивното змиулесто горење, што бргу одеше кон длабината на каналот, потоа се исправи; дури сега почувствува дека наеднаш го опалува некоја топлина, му зашумува крвта од возбудување. Но, во истиот миг, вниманието му го привлече еден шум над главата, чу како по улицата над него се тркала тупот од пајтон, од коњски поткови по плочникот, што се приближуваше сè повеќе, но не одмина, како што очекуваше, туку застана, му се стори токму над каналот во кој гореа фитилите од поставениот динамит. Орце неспокојно погледа во правец на каналот, таму запалените фитили со змиесто горење се оддалечуваа сè подлабоко. Над него шумовите се смирија, пајтонот, бездруго, стоеше. Тој бргу се искачи по скалите, во берберницата. Погледа низ пукнатината од вратата, пајтонот не го виде, ги чу само неговите тркала како се оддалечуваат по улицата. Пред банката немаше никого, само стражарот стоеше пред влезот, наслонет на железниот столб, со пушката сметната од рамото, в раце, како приготвена за стрелба. Орце наслушнуваше, шумот на тркалата сосема престана, помисли дека тоа долу само му се присторило дека пајтонот застанал пред банката. И веќе сакаше да се одвои од вратата, кога погледот случајно му застана на горните прозорци од зградата. Лицето гневно му се собра, тлото под нозете му се заниша. Прозорците беа осветлени, некој во куќата поминуваше со запален свеќник, неговата сенка со оцртуваше на светлината. Еден миг Орце остана стаписан, не знаеше што треба да стори; посака да потрча во подрумот каде што гореа фитилите, но веднаш сфати колку е тоа бесмислено во овој миг кога тие сè повеќе се приближуваа до динамитот. Наместо тоа, нагло и без премислување, го зграпчи пиштолот од палтото што лежеше на столот, ја отклучи вратата од берберницата и истрча на улица. Стражарот не го виде веднаш, дури кога беше среде улицата го стресна неговата ненадејна појава. Не успеа да ја крене пушката, истрелот од пиштолот го погоди; стражарот падна испуштајќи ја пушката, а Орце се стрча кон вратата. Се обиде да ја отвори, вратата беше затворена. Орце бесно затропа. Знаеше дека секој час под него ќе удри динамитот, затоа тропаше со сета сила, вратата се тресеше како да се откорнува. Најпосле чу како горе некој претпазливо се појавува на врвот од скалите, придружен од светлина, Орце само му ја виде сенката и завика одоздола диво, со глас што одзиваше низ мрачниот отвор на скалите: – Отворете … Бргу, отворете … — Кој е тоа? – се одзва некој од скалите. Орце го препозна гласот на директорот на банката. — Јас сум, господине Ришар! Орце Поп Орданов … Напуштете ја веднаш зградата, минирана е! — Какви се тие шеги? Вие сте пијан … – извика г. Ришар, покажувајќи се на светлината. — Не губете време! Излегувајте… Триста оки динамит има под вас. Јас лично ги запалив фитилите… Сенката од г. Ришар малку се повлече, потоа по скалите затупотија чекори. Г. Ришар и жена му слегуваа со трчање, задишани и преплашени. Здогледувајќи го со пиштол во раката, тие се повлекоа чекор назад, но тој им направи пат покрај себе. — Има ли уште некого во зградата? – викна тој, но тие не му одговорија. — Добога, што е тоа? Што правите вие? – му го сврте исплашеното лице г. Ришар, в,одејќи ја премрената жена со раката префрлена преку нејзиното рамо. — Нема време за објаснување. Бегајте … Што подалеку одовде! Орце мавташе со пиштолот во раката; жената на г. Ришар гледаше во него со ококорени очи, како да го гледа самиот ѓавол. Претрчаа преку улицата и се оддалечуваа по другата страна. Дури тогаш, Орце го отпушти пиштолот. Потоа спокојно влезе во зградата. Се качуваше по скалите полека како да оди на починок. Горе, во холот со мраморни столбови, гореше свеќникот оставен од г. Ришар. Светлината ја зафати неговата сенка и ја рашири преку ѕидовите. Орце го зеде свеќникот и со него влезе во другите простории. Чекореше по меките теписи без шум, со телото напнато во исчекување на експлозијата, но задоцнуваше ли таа или последните минути се тегнеа, не можеше да разбере. Направи уште неколку чекори и, најпосле, ја почуствува најнапред по тоа што под нозете го заниша едно подмолно потресување, свеќите затрепкаа во неговата рака, една угасна, а потоа сè околу него почна да се урива, паѓаа ѕидовите, се нишаше целата зграда. По главата нешто го удри, тој несвесно ги крена рацете за да се заштити, но врз него се истурија грамади од таваницата, нешто го удри по 'рбетот и тој падна ничкум на подот, со лице зариено во купот урнатини, испуштајќи ги од рацете и свеќникот и пиштолот. Лежеше приклештен од некој тежок мраморен столб, паднат преку него, неподвижен и со остра болка во слабините, но жив и при свест. Очите уште можеа да гледаат, облакот од прашина се разретчуваше и низ искршените прозорци и урнати ѕидови, Орце го виде небото со ѕвезди и месечина. Од една слатка исптеност на телото, тој му се предаде на тоа блажено капење на ѕвездите над него. Тоа е крајот, помисли . .. Но тоа не беше крај. Уште долго очите остануваа отворени, а врз телото притискаше тежината на паднатиот мраморен столб. Се обиде да се ослободи од неговиот притисок; почувствува остра болка, му се стори како да е прекршен надве, не ги чувствуваше нозете зад себе. И одново се отпушти, исчекувајќи. Одеднаш, во носалките го запече лут мирис на изгорено, околу него потече густа река од чад и го прекри небото и се околу него, потоа по урнатините заиграа одблесоци од пламења. Зградата гореше некаде долу, пламенот сè повеќе се креваше нагоре, Орце веќе чувствуваше зад себе како воздухот се запалува. Пламен вивна околу него и дури тогаш сети болка во петиците, зафатени од огнот. Со последен напoн на свеста, Орце се извлекуваше од под столбот, гребејќи со рацете по урнатините, загледан втренчено во пиштолот што лежеше пред него. Успеа да се ослободи, но не стана веднаш; лазејќи достигна до пиштолот и грчевито го притисна во раката. Веќе сиот беше зафатен од пламен, гореше и така се исправи, направи само неколку тетерави чекори и потоа одново падна. Полека го принесе пиштолот до главата и истрела. Истрелот беше последен звук, остар и праскав, што го чу … Г. Ришар и жена му беа веќе доста оддалечени кога зад нив удри експлозијата. Тој ја притисна жената во прегратка, и самиот собран и наведнат, свртен со грб кон банката. Така останаа сè додека не стивна татнежот, потоа полека се исправија и погледаа натаму. Зградата се уриваше, низ урнатините пробиваше прашина и дим, а потоа и пламени кадели почнаа да се јазат по ѕидовите, одразувајќи се по раскопаната улица и околните куќи. Г. Ришар ја држеше во прегратка жената која липаше наглас, со солзи што £ течеа низ лицето и, заедно со неа гледаше во пожарот. Околу нив почнаа да се собираат луѓе. –Човек! – извика некој препалено. – Човек во пламенот! Гори! – викаше некој и сите гледаа натаму. И навистина видоа како низ пламенот помина фигура на човек. Гореше како гламна. Помина и веднаш исчезна, се нурна во пламенот. Потоа се чу истрел, тап и изгубен во шумовите на пожарот. Но сепак јасен, и чуен за сите што се збираа да го гледаат пожарот. — Несреќен човек! – екна тихо госпоѓата Ришар и ги заклопи очите со раце. Во гласот £ зазвуче и жал, и клетва, истовремено. Г. Ришар ја поведе настрана, низ насобраниот свет. Наеднаш, меѓу луѓето ја забележа Алиса, сета уплакана. — Алис! – викна тој. Девојката погледа изгубено. Водејќи ја жената, г. Ришар се проби и стигна до неа. Алиса одново гледаше во пожарот и урнатините како омаѓосана; дури кога ја допре неговата рака, таа се сепна, ги погледа како да не ги препознава и потоа им се фрли во прегратка, липајќи и шепотејќи изгубено: — Тој … Тој … Изгоре … – шепотеше девојката, нурната во прегратката и се тресеше како во треска. На другата страна, меѓу собраниот свет, стоеше еден младич со лице тврдо, собрано, како да е изделкано во камен. Беше тоа Пингов. Стоеше така гледајќи во пожарот, сè додека не наиде полиција и почна да ги растерува луѓето. Потоа полека се истави и тргна по улицата, XXIV Свршено е, мислеше Пингов, одејќи одново низ затемнетиот град, бесцелно како и пред тоа, потамина, стапнувајќи на земјата по навика, со чувство дека од него истекло сè; и стравот дека не ќе најде во себе сила за чинот во оваа ноќ, и ужасот во очите од она што го виде, како пламенот од пожарите да изгорел сè и од него останала само опустошено, пеплосано бездно во неговата душа. Знаеше веќе насигурно дека за него е свршена оваа ноќ и дека нема веќе што да бара од неа. И сепак, поминуваше низ неа ги повикуваше во сеќавањето сите видени слики, сите чуени шумови, на кои беше несакан студен сведок; ги виде лицата на другарите кога вивна првиот пожар, тие уште тогаш беа лица на луѓе што беа решени да умрат, тврди и сигурни во решеноста. И токму кога од нив, од тие строги, напнати лица, се пренесуваше и на него истата решеност, кога во себе за првпат сети увереност дека акцијата ќе заврши како што беше предвидена, дојде неочекуваниот пресврт; тие го оставија сам и, во осаменоста, Пингов одново падна во студените, гомарни прсти на стравот, го фаќаше тој за рацете и рацете му остануваа виснати, безделни парчиња од телото, а со нив остануваше скована и свеста. Што беше тоа што ги скова, испитуваше сега тој одејќи низ ноќта, дали стравот или она чувство што го обзема истиот час кога му рекоа да си оди имаше некое друго име, зашто сети тогаш дека одвнатре наеднаш го запали едно неочекувано и несакано чувство на радост дека му рекоа остани жив; го слушаше во себе, наморничавен од топлината на тоа бликнато чувство во него, само тој глас - остани жив, ќе останеш жив, треба да останеш жив, не треба сите да загинат. Си спомни сега дека токму тоа го натера да потрча низ ноќта, по меката црница на изораните бавчи, да трча сопнувајќи се по корењата сè до оној момент кога се фати себеси во бегство. Зошто се врати, се прашуваше, барајќи ги во себе врвиците на колебањето што го задржаа во тоа прво бегање, дали заради експлозиите зад неговиот грб, што беа знаци дека оние што останаа довршуваат еден подвиг за кој самиот не беше готов. Бездруго, тие што ноќва изгореа во пожарите, знаеле за неговите колебања, му зашуме во главата штом ги чу во далечината бомбите, сети дека образите му горат од беспомошно срамење поради својата слабост што го тераше да трча по бавчите, да не чувствува дека нозете послушно го носат во ноќта, сè подалеку од местото каде што удираа експлозиите. Пресечен од тоа остро гризење на совеста, Пингов се врати веднаш таа ноќ и, на свој ужас, сфати дека навистина нема да стори ништо, дека ќе биде само сведок, студен сведок на туѓиот подвиг. Тоа е затоа што останав сам, екна во него горко сознание, го оставија сам кога мислеше дека покрај другите, покрај човек до себе, ќе може да ја пречека смртта исто онака како што пред неговите очи ја пречекаа оние што веќе ги нема; ја виде со своите очи нивната погибија и му се причини дека е сето тоа недостапно за него, како тајна што ја знаеја само тие, молчеа за неа за цело време додека се приготвуваа за оваа ноќ или зборуваа за смртта одвисоко, како да ќе дојде таа како едноставен и логичен крај на чинот за кој се приготвуваа. Никој не покажа, или така изгледаше, дека за тој подвиг се приготвува, го носеше секој за себе тоа како слатка тајна, само нему позната, заговорнички скриена во презирањето на животот и предавањето на една само мисла дека треба да се загине, да се фрли со смртта страшна и тешка оптужба против сите неправдини на светот во кој живееја. Беа тоа зборови, беа тоа чувства што палат; од нив гореше сета внатрешност, се чинеше тоа лесно и просто, исто толку лесно и просто, колку што беше чисто и благородно кога го сложуваа во своја судба, во подвиг што ќе го извршат. Пингов го виде тоа и ноќва во оној миг кога телото на Мечев, тоа тело што носеше во себе една бескрајна тага и добрина, се превитка преку запалената бомба, го виде тоа во горењето на Орце, како што беше горење сиот негов живот, сурово и беспоштедно, во кое се догорува до крај. И сепак, ни тогаш, во подвигот на другите, не го согледа и својот; помисли огорчено, тетеравејќи се изнемоштено по ноќните улици, криејќи се, во сенките од куќите, по некој проклет внатрешен инстинкт беспомошно заталкан во потрага низ себеси, во потрага по причини и оправданија. Беше само нем и безучастен сведок се прекори со сурова злорадост. Тогаш остани жив, остани сведок, со јалова утеха дека тоа што ќе го кажуваш за другите, ќе го смири и твојот немир, ќе биде еден горчлив надоместок за сето она што не го стори таа ноќ и што не ќе го сториш никогаш веќе. Обвинувајќи се со потајна злорадост, тој побрза, речиси потрча по улиците веќе одамна испустени, разголени на бледата месечина. Чекорите му се одгласуваа далеку зад него и се му се чинеше дека некој го гони, дека му оди по стапалките, па еднаш дури и се сврте. Но немаше никого на улиците, дури и куќите со темни прозорци, нестварно се растегнуваа во долги низи покрај него, сам и забрзан. Уште од далеку виде дека се приближува таму каде што се беше упатил. Пред него се исправија ѕидовите на железничката станица, се нишаше еден фенер над влезот, фрлајќи малечок круг светлина под себе; зад зградата чу шиштење на пареа, ги виде фенерите на црното чело од локомотивата. Пингов подзастана и се загледа натаму, во фенерите што светеа како очи на црното, грдомазно тело од локомотивата. Заоде кон нив како маѓосан, но веќе во следниот миг почувствува дека во колковите го удира нешто тврдо, како подмолна болка. Несвесно, се пофати на тоа место и под раката го сети тврдиот допир на бомбите во џебот, ги откри со чудење што постојат. И со горко сознание дека веќе му се непотребни, тој ги извади од џебовите и, скришно, наведнувајќи се, ги остави меѓу купче камења крај патот… Од локомотивата излегуваше пареа, а зад неа се протегаше низа од вагони со затворени врати и прозорци. Перонот беше пуст, само некои железничари сновеа по него, без онаа брзаница на станиците; изгледаше дека возот нема никогаш да тргне, дека само така ноќва стои на пругата. Пингов помина покрај вагоните, барајќи место. Се провираше низ коридорот, загледувајќи се во полупразните одделенија со позаспани патници. Со лица засенчени од слабата светлина на ламбичињата над нив, се чинеа како да се изумрени. Пингов одново сети дека го полазува нешто студено, му се стори дека овој воз носи во себе само мртовци. Тој продолжи и веќе сакаше да седне во едно празно катче, кога наеднаш почувствува дека нозете му се поткосуваат, дека од лицето му исчезнува сета крв. Токму спроти себеси, под мижливата ламба, виде познато лице, едно бледо недвижно лице. Тој помисли дека навистина се нашол меѓу умрени, го препозна веднаш и исплашено се тргна назад. Го стори тоа токму на време, зашто човекот што седеше на клупата во возот, се раздвижи; палеше цигара и Пингов, на светлината од запаленото кибритче, убаво го виде тоа лице. Не беше тоа никакво привидување, туку човек жив, тука, пред него. Беше тоа Павел Шатев. Со истото лице што му го познаваше, неизмнето и со израз на стврдната маска. Жив. Пингов се провре низ коридорот назад, претрча преку празниот перон и веќе беше надвор од станичната зграда. Зад себе чу како засвире железничарска свирка, локомотивата испушти пареа низ оџакот и од него вивна столб од искри, тркалата заклопараа, возот заминуваше. Тој го погледа, без завист, како се извиткува низ мракот со фенерчињата како очи на црното тело од локомотивата, потоа полека тргна во спротивниот правец. Патем, ги побара бомбите и повторно ги стисна во рацете - до здоболување. Како да си одмаздува за тоа што ги оставил да стинеат меѓу камењата, во ноќта со студена месечина. Возот татнеше веќе далеку од станицата. Пингов трчаше во сенките од куќите, назад в град. XXV Пред да излезе, на вратата од куќата Кирков малку подзастана. Наслушуваше еден час; од улицата не достигаа никакви шумови, ни бродската сирена не виеше веќе во тишината на оваа немирна ноќ. Очекуваше дека зад себе ќе чуе стапки, но столбиштето се таеше во потполн мрак и последниот шум што го чу кога ја затвори вратата од собата, беше само замирачкиот липот на девојката, беспомошно свиткана на диванот. Совладувајќи го во себе она ненадејно бликнато тажно чувство на самосожалување, Кирков ги напна градите како да зема воздух, потоа брзо излезе, го престапи прагот со една веќе цврста решеност на се што дотогаш, макар и за миг, го задржуваше. Беше тоа како и другпат, само кратко, мимолетно задржување на мислата, некако волјата наеднаш што се сковува. Одеднаш почувствува некаква неодредена жал, како кога се губи нешто, па по него долго и залудно, без утеха се тагува. Како еднаш во детството, се потсети горко, кога му се скрши штотуку добиена играчка, речиси уште нестоплена во рацете, и долго потоа, штом ќе се сетеше за неа, и несакано во душата му се разлеваше топла тага. Причината тогаш беше малечка, а последиците ги запамети долго во оние чести непријатни настапи на беспричинска меланхолија. Сакаше и сега во себе да мавне со рака, да ја изгони таа надојдена, натраплива сенка на тагата, споредувајќи ја со она некогашно, детско жалење Но, наеднаш сфати дека тоа не е исто; горе остана, расплакана, една жена, со сè што го нудеше како радост, како обична мала човечка среќа, а тој сега заминуваше во смрт. Набирајќи го челото во незадозолство со себе, Кирков зеде воздух и, пресечувајќи го остро тоа немило размислување, одлучно зачекори по улицата. Чувствуваше дека на челото му останала само една сенка од сето тоа што за миг прелета преку него. Но и таа исчезна, скоро во истиот час кога сети татнеж под нозете. Земјата се затресе и некаде близу удри експлозија. Банката, помисли радосно и се сврте онаму. Видикот му беше засолнет од високите куќи, не виде ништо, но знаеше сигурно дека Орце ја урнал банката. Кирков побрза, понесен од чувствотб на гордост, што наеднаш потисна се. Сега е мојот ред, рече уверено, стискајќи го во рацете куферчето и брзајќи по улицата. Зад себе, наеднаш, чу тркала од пајтон. По улицата, токму спрема него, се тркалаше пајтон. Кирков се потргна во сенката, чекајќи да го одмине. Коњите бавно чекореа по плочникот, коларот не се ни обидуваше да ги забрза. Пајтонот беше празен. –Еј! – викна Кирков. Коларот зачудено го погледна и ги запре коњите. –Вози ме на пошта! – му рече тој, седнувајќи во пајтонот. Така е подобро, помисли Кирков, држејќи го куферчето на своите колена, додека пајтонот се клатеше по улиците. На ширинката пред поштата, пред самиот влез, виде стражари. Со штикови на пушките, војниците шетаа околу зградата, а еден стоеше пред самиот влез, низ кој одвнатре достигаше жолта светлина. Кирков помисли да слезе од пајтонот, но коларот во лак го потера пајтонот околу ширинката и запра пред влезот во поштата. Наеднаш го заобиколија вооружените војници. Тој извади пари и му плати на коларот, слегувајќи од па-тонот мирно и стапувајќи на плочникот. –Каде? -– го запраша еден од војниците, задржувајќи го со раката. Кирков застана и го погледа војникот, правејќи се дека не го разбира прашањето. Кога овој со раце направи знак, повторувајќи го прашањето, тој покажа на зградата од поштата и рече со странски призвук: –Пошта! И веќе тргна кон влезот. — Чекај! – викна по него војникот. Кирков застана и пак го гледаше со оној поглед како да не го разбира. – Не може … – рече војникот, мавтајќи со рацете. – Може само за дипломати… – продолжи, загледувајќи го отстрана. — Дипломат … не … – протепка тој, насмевнувајќи се. – Журналист … Од џебот извади легитимација и му ја покажуваше. Војникот ја зеде в раце, погледа во неа и му ја врати. Оди, кимна со главата, покажувајќи му во правец на влезот во поштата. Кирков се издиши олеснето и влезе во поштата. По скалите низ кои пробиваше жолта светлина, се искачи на горниот кат. Оттаму достигаа рамномерни тропкања на телеграфот, една голема, исчадена ламба светеше од таваницата и нејзината нечиста жолта светлина паѓаше по ѕидовите, по подот и по лицата на поспаните службеници на поштата. Кирков се приближи кон шалтерот, се потпре на него со лактите. Се намести така што да може со поглед да ја опфати сета просторија. Телеграфистот пред него крена глава кога го виде, но не престана да ги предава телеграмите што му стоеја на масата. — Што има? –- праша, непрестајно удирајќи по тастерот. Телеграфот ѕунеше, испраќајќи ги звуците под исчадената таваница. — Телеграма … – рече Кирков, бркнувајќи под палтото. — Утре! – отсече телеграфистот, но во истиот миг исплашено се тргна, прстите удрија по тастерот уште неколку пати и, треперејќи, запреа. Гледаше со ококорени очи, а усните залудно му се движеа, не можејќи да испуштат никаков глас. Кирков во раката држеше револвер. – Останете сите на своите места! – рече тој со лице на кое беше затегнат секој мускул. Потоа му се сврте на телеграфистот, навртувајќи ја цевката од револверот право во градите на препалениот човек. – Предавај! Со треперливи прсти, телеграфистот ги претворуваше во телеграфски знаци зборовите што ги изрече човекот со револвер пред него. –Предавај! – рече Кирков не испуштајќи ги од вид другите телеграфисти, кои исто така беа престанале да работат, во исплашено исчекување. – Ги известуваме сите слободољубиви луѓе на светот дека атентатите што го потресуваа оваа ноќ градот Солун се дело на група македонски патриоти. Удираме со нив по совеста на цивилизирана Европа во името на еден народ, потиснат во ропство. Бараме интервенција од слободниот свет! Долу тиранијата! Слобода на Македонија! Телеграфистот го гледаше зачудено, но прстите послушно удираа по тастерот. Кирков ги слушаше тие звуци и му се чинеше дека се шират концентрично над него, пробиваат преку исчадениот таван и полетуваат во слободниот простор на небото со ѕвезди, носејќи ја таа чудна порака. Утре, помисли тој, утре светот ќе зборува за нив,- за оваа ноќ со мирис на динамит, со здивот на умирањето што веќе го чувствува и околу себе. Што е тоа смрт, си помисли обземен од чувството дека е сè готово. Дали тоа што веќе не го слуша чукањето на срцето, собрано и притаено негде во градите и тишинава што наеднаш ги затнала сите агли во оваа просторија без воздух? Не чу веќе ништо, телеграфот престана и луѓето вџашено гледаа во него, во тој човек со револвер што стои тука, занесен со погледот низ ѕидовите, во некоја точка само нему достапна. Некој се помести и тој шум го сепна. Кирков го стегна револверот. – А сега, надвор! – свика, мавтајќи со револверот. Со лице свртени кон него, службениците се повлекуваа назадечки. Кога стапнаа на скалите, наеднаш се стрчаа изненадени дека се ослободени од мрачниот вид на човекот со револвер. Кирков го отвори куферчето, ги размести парчињата експлозив меѓу телеграфските апарати, го запали фитиљот … На ширинката пред поштата војниците тропаа со поткованите скорни, се движеа за да се расонат. Ноќта се смируваше, експлозиите во градот, изгледа, престанаа и тие овде се досадуваа, очекувајќи смена. Наеднаш се чу тупотење на затрчани чекори по скалите од поштата, оттаму истрчаа избезумени службениците, некој мавташе со рацете и покажуваше кон горниот кат. – Бегајте! – се чу викот. Со пушките в раце, војниците се стрчаа кон влезот во поштата. Кирков ги чу, запали бомба и ја држеше в раце, исчекувајќи ги. Истовремено и тие го здогледаа, допрен до ѕидот, со запалената бомба во раката. Удирајќи се еден во друг, се завртија и потрчаа назад, по скалите. Кирков ја погледа бомбата што му шиштеше во рацете, потоа ја фрли надолу, во празниот отвор на скалите. Одеднаш излезот се наполни со чад и трескот на експлозијата. На ширинката истрчаа војниците и залегнаа на првата експлозија. Во истиот час удри уште една експлозија, врз главите почнаа да им се сипат парчиња од керамиди. Кога се смири, полека и исплашено ги кренаа главите и погледаа во правец на поштата. Чад и прашина го завиткуваше горниот кат од куќата, низ прозорците избиваше пламен. Во еден миг го видоа и него, излегуваше на балконот гологлав и затетеравен. Во раката држеше бомба. Војниците станаа и потрчаа уште подалеку, но бидејќи зад нив не се чу ништо, застанаа и гледаа во човекот на балконот што се нишаше потпрен на балконската ограда. Бомбата, незаредена, немошно му падна од рацете и тапо удри од плочникот. Истовремено, војниците ги кренаа пушките, но не испукаа ни еден куршум; телото на Кирков се заниша напред, преку балконот и се урна надолу. Со спружени пушки пред себе, војниците почнаа да му се приближуваат на телото, легнато врз плочникот без никакви знаци на живот. Но наеднаш во тишината екна див, продорен глас: – Застанете! Застанете… Не пукајте… Тоа викаше Пингов, мавтајќи со рацете во кои ги стискаше бомбите. Потоа му притрча на паднатиот; ја држеше неговата мрцната глава во преграб и го тресеше. Но Кирков беше мртов и тој го положи на плочникот, со очите наеднаш наполнети од солзи. Потоа ги зеде бомбите и ги удри една од друга. Зачека, а низ шумот на бомбите во кои течеше смртта, му се стори дека свири воз. И сè замре, истина во еден тресок.